Достапни линкови

ЕУ ќе отвори центри за азил на нејзина територија


Лидерите на ЕУ постигнаа согласност за миграцијата
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:43 0:00

Лидерите на ЕУ постигнаа согласност за миграцијата

Лидерите на Европската унија се согласија да формираат заеднички места за процесуирање на барателите на азил и да го ограничат движењето на мигрантите во Унијата. Согласноста беше постигната по деветчасовна дебата за загриженоста на Италија и Германија околу проблемот со мигрантите.

„Сите мерки во контекст на овие контролни центри, вклучувајќи преместување и преселување, ќе бидат врз доброволна основа“.

Ова се наведува во заедничката изјава од самитот во Брисел на кој се гледаше како клучен и во врска со натамошното функционирање на Унијата.

Според договорот, оние што ги исполнуваат условите ќе бидат дистрибуирани меѓу земјите членки кои исто така доброволно ќе се понудат да земат мигранти.

Европската унија, како што се наведува, исто така, ќе ги истражи и опциите за воспоставување, таканаречени „регионални платформи“ за обработка на мигрантите надвор од Унијата, најверојатно во северноафриканските земји.

Евролидерите се согласија дополнително да ги зајакнат надворешните граници на Европската унија и да го зголемат финансирањето на Турција, Мароко и Северна Африка со цел да се спречи миграција во Европа.

Германската канцеларка Ангела Меркел го поздрави договорот.

Таа изрази оптимизам во врска со ова прашање и покрај, како што рече, големата работа што треба да се направи пред Унијата да може да постигне унифициран систем за азил.

Меркел е под силен притисок од нејзиниот министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер, кој ѝ даде краен рок до крајот на овој месец да го намали бројот на баратели на азил кои влегуваат во Германија или ризикува поделба на владата која би можела да стави крај на нејзиното владеење.

Францускиот претседател Емануел Макрон исто така ја пофали европската соработка:

„По деветчасовна дебата и работа, договорот е постигнат, и ова е добра вест за Франција. Ова беше резултат на заеднички напор, а европската соработка победи, наместо несогласување или национални одлуки, што не би биле ефикасни или одржливи“, рече тој.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека договорот ќе ѝ овозможи на ЕУ подобро да ги заштити своите граници, бидејќи за прв пат се создаваат прифатни центри за мигранти надвор од ЕУ.

Договорот главно беше поттикнат од Италија, предводена од новиот премиер Џузепе Конте, кој се закани дека ќе стави вето на заклучоците на самитот, додека 28 лидери не постигнат заедничко решение за миграцијата.

„По овој Европски самит, Европа е поодговорна и нуди поголема солидарност. Денес Италија веќе не е сама“, рече тој.

Самитот во Брисел доаѓа во многу важен момент за ЕУ, бидејќи освен несогласувањата околу мигрантите, таа се соочува со поделби во врска со зголемените тензии со Русија и влошените односи со САД.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG