Мигрантите неодамна почнаа да се обидуваат да отворат нова рута на балканскиот пат, преку Босна и централна Хрватска.
Тие полека почнуваат да се откажуваат од строго контролираната, но порамна рута во источниот дел на земјата, како и од речиси непробојната, оградена граница помеѓу Србија и Унгарија.
Во Велика Кладуша, град со население од околу 40 илјади луѓе, тие доаѓаат забрзано.
Во мизерни услови чекаат можност да ја преминат границата.
Градските власти за нивно згрижување поставија импровизиран камп со шатори.
Жителите се загрижени од се поголемиот број луѓе кои пристигнуваат во градот.
Некои од нив страхуваат дека тој број во текот на летото може да биде многу поголем.
Веќе се шират гласини дека десетици илјади биле на пат од Турција и оти би можело да се повтори мигрантската криза на Балканот во 2015 и 2016 година.
Асим Лаце од Велика Клаудуша вели:
„Тие доаѓаат од Грција, која е во Европската унија, исто така и од Бугарија, тие ги пуштаат и низ Македонија, Србија и Црна Гора, значи нешто се планира во Босна. Што се планира, Бог знае, дали гето?.
Страхување изразува и неговата сограѓанка Рахманка Мрзљак:
„Има многу многу чесни луѓе меѓу нив но има и оние кои се уфрлени. Не ни е лесно. Слушајте, кога мојата внука доцни од училиште, верувајте ми, малку се грижам. Не знам што може да се случи на улица. Не е лесно, навистина не е. Јас едноставно ќе ги пуштам да поминат“.
Расим Пајезетовиќ кој им помага на мигрантите пак вели:
„Така почнавме спонтано да ги храниме. Одеднаш дојдоа до петстотини. Веќе четири месеци ги храниме. Не знам што да кажам“.
Тој упатува апел до сите граѓани да им помогнат на мигрантите.
Според податоците на УНХЦР, стапката на мигрантите низ Македонија и Србија не се зголеми во последниве месеци.
Меѓутоа, во Босна која претходно не беше на нивната главна рута, само во изминативе месеци пристигнале околу 3.500 мигранти.