Достапни линкови

Кумановските советници гласаат според партиските директиви


Совет на Општина Куманово
Совет на Општина Куманово

Кумановските советници, и од коалицијата на власт и од опозиција, главно се однесуваат согласно партиската определба. Опозицијата се жали дека никој нивен предлог не се прифаќа, додека владејачкото мнозинство тврди дека ќе ги прифатат сите добри предлози.

Кумановските советници од коалициите на власт (онаа на СДСМ) и опозиција (на ВМРО-ДПМНЕ) гласаат и одлучуваат главно согласно партиската определба, а и едните и другите се убедени дека тоа го прават во интерес на граѓаните и за надминување на нивните локални проблеми. Не ретко конструктивните предлози од опозициската коалиција не се прифаќаат од коалицијата на власт, и покрај тоа што претседателката на Советот, Атина Мургашанска, вели дека соработка со сите советници е одлична. Таа додава дека имаат конструктивни, плодни расправи и на седниците и во рамките на помошните работни тела, комисиите.

„Се разбира, не секогаш има согласувања и тоа е нормално, со оглед на тоа дека доаѓаме со различни политички убедувања, од различни политички провиниенции. Меѓутоа, сметам дека сите заеднички сме сплотени околу она што сите заедно можеме да направиме за подобар живот на граѓаните во Општината Куманово“, вели таа.

Конструктивно, според Мургашанска, е што ниту владејачкото мнозинство, ниту опозицијата строго не се придржуваат до своите партиски убедувања.

„Потоа, не сме само обична гласачка машина. Впечаток на граѓаните и на другите политички чинители дека седниците на овој состав на Советот траат многу подолго и со многу посуштински расправи. Можеби затоа што сè уште сме на почеток, но се надевам дека тој тренд ќе го задржиме до крајот на мандатот“, вели таа.

Советникот Зоран Петрушевски од ГРОМ (од Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ), кој на секоја седница има свои предлози, главно неприфатени, вели дека нема никаква соработка.

„Колку и да се обидуваме да бидеме конструктивни, не наидуваме на никакво разбирање. Нема седница на која не сум предложил точка за дневен ред и никогаш тоа не се усвојува. Воопшто не сакаат ниту да размислуваат, ниту да дискутираат. Сè што ќе биде понудено од општинската администрација, само тоа поминува. Освен, морам да признам дека беше прифатен предлогот за ревизија на материјално-финансиско работење на претходниот градоначалник и општинската администрација. Мислам дека тогаш беа неподготвени. Инаку, ништо друго не поминува“, вели тој.

Владимир Павловски, советник од СДСМ пак, смета дека предлозите на Петрушевски не се прифаќаат затоа што тој ги поднесува директно на седниците на Советот, а не преку координации и комисии.

„Само поради тоа му се одбиени некои предлози, бидејќи администрацијата нема простор да ги подготви точките за дневен ред. Инаку, секој добар предлог ќе биде прифатен иако е од опозицијата“, вели тој.

Павловски додава дека голем дел од предлозите се веќе предвидени со програмата за работа на Општината и на Советот.

Советникот Осама Муадини од Алијансата за Албанците вели дека како единствен опозиционен советник од партиите на Албанците настојува да има добра соработка со локалната власт, затоа што смета дека неговата улога е да учествува во подобрување на животот на граѓаните, особено на граѓаните Аланци.

„Приоритет давам на надминување на проблемите на граѓаните Албанци бидејќи нив ги претставуам, а и сметам дека тие имаат повеќе локални проблеми во населбите во кои живеат. Затоа сакам да помогнам во донесување на одлуките кои ќе им помогнат ним“, вели тој.

Граѓаните на Куманово кои седниците можат да ги следат преку директен пренос на една локална телевизија ја оценуваат работата на советниците. Одамна се свесни дека советниците првин си ги решаваат личните, а потоа проблемите на граѓаните.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG