Достапни линкови

Има ли спас за македонскиот фудбал?


Во Русија е во полн ек Светското фудбалско првенство. Македонската репрезентација досега се нема пласирано за ваква завршница. Може ли барем да се надеваме на тоа на наредните првенства кога мундијалите ќе имаат 48 тимови? Светската фудбалска федерација не се откажува и од промени на другите меѓународни првенства со цел да бидат вклучени што повеќе екипи.

ФИФА, на конгресот одржан ден пред стартот на годинашното Светско фудбалско првенство во Русија, реши заеднички домаќин на Мундијалот во 2026 година да бидат три држави - САД, Мексико и Канада. Ваквата одлука можеше и да се очекува, не само поради тоа што Мароко им беше единствен ривал, туку и поради обемноста на тоа првенство. Ќе се натпреваруваат 48 репрезентации, односно 16 повеќе од сегашното.

Претседателот на ФИФА Џани Инфантино рече:

„Значи, зошто го зголемивме бројот на тимови на Светското првенство? Па, бидејќи нема поголем поттик за развојот на фудбалот од учеството во голема конкуренција“, рече тој.

ФИФА не се откажува ни од натамошната разработка на плановите таков формат да има веќе и на Мундијалот во Катар по четири години. Инфантино останува ентузијаст во врска со проширувањето и на тоа првенство.

„Сега, што ќе правиме е дека администрацијата на ФИФА ќе разговара со домаќинот за тоа дали постои таква можност и како би можела да изгледа оваа можност и ако не постои, тогаш знаеме што имаме и ние стоиме на она што го имаме“, рече тој.

Светското првенство од 48 екипи ќе има потреба од дополнителни стадиони, што може да доведе до тоа Катар да побара споделување на домаќинските должности со соседите на Блискиот Исток. Квалификациските игри за Светското првенство во Катар најверојатно ќе започнат на почетокот на наредната година.

Ова тема е предложена од Јужноамериканската конфередерација, која, исто така, стои и зад неговите други предлози. 48-годишниот Швајцарец предлага, покрај Светските фудбалски првенства, да се одржуваат своевидни мини-светски првенства, на кои ќе учествуваат осум национални репрезентации, на секои две години.

Турнирот, ќе биде познат како „Фајнал ејт“ и ќе биде кулминација на глобалното натпреварување Лига на нациите што е дел од амбициозниот план за реформи на меѓународниот фудбал. Инфантино сугерира новиот турнир да се одржува наесен, секоја непарна година, почнувајќи од 2021 година.

Според него, „солидни и сериозни“ инвеститори веќе биле подготвени да потрошат 25 милијарди долари за тоа. Во Европа и во Латинска Америка веќе постојат вакви фудбалски првенства во кои се вклучени сите национални тимови.

Има ли спас за македонскиот фудбал?

Светското фудбалско првенство во Русија е во полн ек, а македонските репрезентативци, како и секогаш досега, учеството на еден ваков мундијал го сведуваат на следење на натпреварите на телевизија заедно со останатите љубители на овој спорт. Но, со новите правила на игра за зголемување на учесниците на наредните мундијали има надеж за репрезентацијата.

Глобална забава во Русија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:39 0:00

Со тоа се согласува и селекторот на репрезентацијата Игор Ангеловски, кој очекува посветла иднина за македонскиот фудбал.

„Секако дека овие новини што ги воведува ФИФА се само еден позитивен сигнал кој треба да го подигне мотивот за репрезентациите како што е нашата за во следните квалификации со зголемени шанси да пробаме да избориме конечно пласман на една завршница“, вели Ангеловски.

Некои од граѓаните се оптимисти дека неуспехот на македонскиот тим ќе стане минато, други пак се надеваат на среќа, но има и такви кои не веруваат дека ќе биде обезбеден пласман.

„Ако ги зголемат за сите, можеби ќе влеземе на светско првенство“.

„Поим немам, можеби ако имаме среќа малку“.

„Би сакале да биде и Македонија, зошто да не. Но, многу тешко“.

„Не само на светско првенство. Сега претстојат и квалификациите за Лига на нациите. Македонија има реални шанси да се пласира на следното европско првенство а со тоа ќе направи голем успех. Кога веќе ќе бидеме на европско, тогаш се отворени вратите и за светското првенство“, велат анкетираните граѓани.

Македонска фудбалска репрезентација од 1996 година кога официјално влезе во трката за големите натпреварувања па досега, настапила во 12 квалификациски циклуси, од кои 6 за европско и 6 за светско првенство. Во поголемиот дел од квалификациите влегувавме со големи амбиции, но во ниту една група не завршивме на повисоко место од четвртото.

Еден од најдобрите македонски репрезентативци на сите времиња Ѓорѓи Христов, кој сега е директор на младинската Академија на фудбалскиот клуб Вардар, смета дека само со зголемување на бројот на учесници на првенствата националниот тим може да се избори за пласман.

Да бидеме искрени, евентуално промени од овој вид како што се најавуваат, само така може да се пласираме на едно европско или светско првенство, бидејќи години наназад не мрднавме од тоа четврто место и лично не гледам со она што располагаме дека можеме нешто да направиме“, вели Христов.

Стрелецот на првиот гол за македонската репрезентација, Зоран Бошковски порачува дека измените за пласманот на европското, но и на светското првенство се голема можност за националниот тим.

„Сигурно дека со зголемување на бројот на учесници на светско првенство и европско првенство пред тоа се зголемуваат шансите за сите репрезентации, посебно за оние условно кажано помали репрезентации кои многу тешко се изборуваат за пласман. Така што ова е една голема можност преку Лигата на нации да се избориме кончено за учество на едно големо натпреварување“, смета Бошковски.

Лигата на нации - прва шанса за фудбалерите

Токму првиот тест за националната екипа е Лигата на нации, која започнува во септември, а Македонија во е во група со Ерменија, Лихтенштајн и Гибралтар.

Селекторот Ангеловски посочува дека токму Лигата на нации им е приоритет. Таа е направена за помалите репрезентации да имаат поголема можност со еднакви на нив да успеат да изборат место.

„Но, патот е долг до европско првенство, затоа што има четири групи како нашата во Лигата на нациите. Првите репрезентации во групата потоа во 2020 играат на фајнал фор, а во 2019 почнуваат редовните квалификации. Така што, како што кажав, патот е долг и има два начини, едниот преку Лигата на нации, а другиот преку класичните квалификации“, смета Бошковски.

Македонија на Светското фудбалско првенство?
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:12 0:00

Најблиску до некое врвно натпреварување беше кога до самиот крај се боревме за настап на светското првенство кое пред 20 години се одржа во Франција. Тогаш на две кола пред крајот на квалификациите од нас зависеше дали ќе го освоиме второто место во групата. За жал, доживеавме два порази од Литванија, по што ни останаа само сеќавањата за неискористената шанса, која никогаш повеќе не се повтори.

Што е потребно за пласман?

Повеќето од анкетираните граѓани сметаат дека не се вложува доволно во развој на овој спорт во земјата, но има и такви кои сметаат дека во последните години работите се придвижени чекор напред.

„Се вложува, но очигледно не е доволно за да влеземе и ако се споредуваме со соседите тие вложуваат повеќе од нас“.

„Најпрвин треба патики да купат, една лева и една десна, за да не играат со две леви и негативната селекција како и секаде во општеството да се искорени, нели врските за влез во репрезентација итн“.

„Имам слушаното дека малку се вложува во спортот во Македонија и затоа е тешко да се влезе на едно светско првенство“.

„Последниве 5-6 години се вложува максимално во македонската фудбалска репрезентација и ова раководство вложува сè. Досега немало такво нешто, прават напори и ги создаваат сите услови за пласман“, велат граѓаните што ги анктиравме.

Ангеловски смета дека има три предуслови за македонската репрезентација да биде на ниво на задачата.

„Мислам дека е потребно да имаме една стабилна репрезентација во подолг период, која јас мислам дека веќе ја создадовме во изминатиот период, бидејќи овие фудбалери веќе година ипол играат заедно. Втора многу важна причина е фудбалерите да бидат стандардни во нивните клубови и во што е можно подобри лиги да играат. Третата работа е што ни доаѓаат доста млади фудбалери кои се квалитетни и изборија пласман на европското првенство и во генерациите што доаѓаат имаме потенцијални репрезентативци кои со својот квалитет ќе го подигнат квалитетот на националниот тим“, истакнува Ангеловски.

Но, Христов не се согласува и порачува дека не се создава доволно на фудбалски план за обезбедување во континуитет на квалитетни играчи.

„Видете, ако наш најдобар играч се уште е капитенот Горан Пандев кој 15 години го претставува македонскиот фудбал и сè уште се крстиме во него, а тој е во залезот на кариерата, а од друга страна таа млада генерација која лани учествуваше на европското првенство до 21 година, значи имаме вакуум од 15 години кога ние како држава не создадовме скоро ништо на фудбалски план и тоа е тој хендикеп што го плаќаме“, порачува Христов.

Бошковски смета дека не се вложува доволно во развој на спортот во земјата.

„Во овој момент не, иако ако погледнете во лигата од 10 клубови, сите се раководени од моќни луѓе и компании коишто можат да вложат повеќе. Освен Вардар и Шкендија во овој момент мислам дека другите вложувања не се доволни“, посочува тој.

ФФМ е сервис кој им служи на клубовите кои се одделни единки кои опстојуваат преку приватен капитал. Како позитивен пример селекторот Анегеловски ја наведува инвестицијата на моментално нашиот најдобар фудбалер Горан Пандев кој вложи големи средства во неговата академија.

„Тоа е прв случај на еден фудбалер кој постигнал и заработил своите средства да ги инвестира во својата држава. Сето тоа треба да се цени и почитува, не само од нас, туку од институциите и треба да се следи неговиот пример. Секако Вардар, Шкендија, Работнички кои вложуваат средства се за поздрав и само со издигнување на квалитетот сите во фудбалот би имале бенефит“, посочува Ангеловски.

ФФМ години наназад, кога работите се позитивни, излегува во преден план и си ги припишува успесите, а кога нешто не е како што треба, тогаш проблемот го бара во клубовите, додава Христов. Според Бошковски, приоритет треба да биде и квалитетот на домашната лига, бидејќи без тоа нема да се има ни квалитетна репрезентација. Ангеловски се согласува дека домашната лига е важна, бидејќи дел од репрезентацијата е сочинета од играчи кои нижеа успеси со Вардар, Шкендија и Работнички.

Има ли стратегија за развој на фудбалот во земјата?

Бошковски смета дека во последно време има обиди за воспоставување на стратегија. После сè, дали македонскиот фудбал има иднина, Христов е сепак оптимист и тоа го базира врз основа на успехот на младата репрезентација до 21 година, која избори пласман на европското првенство во Полска. Но, сепак, според него, изостанува стратегија.

Црвено жолтите во моментов на ранг листата на ФИФА се наоѓаат на 71 позиција. Највисоко рангирани беа во октомври 2008 година кога го заземаа 46 место. Најдолу на листата, македонската фудбалска репрезентација беше минатата година во март на 166 место.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG