Достапни линкови

Рангирањето на ФИФА - рeалнa слика за македонскиот фудбал


Фудбалска репрезентација на Македонија.
Фудбалска репрезентација на Македонија.

Падот на 103-тата позиција во светот, не ги изненади фудбалските работници, затоа што, како што велат, фудбалот тоне со години, а нема оптимизам дека нешто ќе се подобри.

„Ние можеме да мислиме дека вредиме повеќе, но срамниот пласман на ранг листата на ФИФА е реална слика за македонскиот репрезентативен фудбал.“ Ова е ставот на домашните фудбалски работници по падот на националниот тим на 103-тата позиција во светот, што е втор наш најслаб рејтинг на крајот на една година, во последните две децении.

Не можете вие да имате фудбалска репрезентација, фудбалери топ, кога имате македонско првенство катастрофа. Кога фудбалерите во Македонија, во 60% од клубовите во Прва лига играат за 200-300 евра. Нашите играчи во странство половина играат, половина не играат.
Зоран Јовановски, фудбалер.

Во нив речиси ништо не се направи, пред се за подигнување на квалитетот на домашниот шампионат, поради што нема простор за оптимизам дека назадувањето нема да продолжи и во иднина, смета поранешниот репрезентативец Зоран Јовановски.

„Не можете вие да имате фудбалска репрезентација, фудбалери топ, кога имате македонско првенство катастрофа. Кога фудбалерите во Македонија, во 60% од клубовите во Прва лига играат за 200-300 евра. Нашите играчи во странство половина играат, половина не играат. Ова наназад 10 години се провлекува така. Не се инвестира во фудбалот. Некои луѓе залутале во фудбалот. И затоа сме таму, не случајно сме таму. Од корен треба се да се промени. Вака ние ќе стигнеме до 140-то место, не до 103-то“, изјави Јовановски.

Од актуелниот поразителен рејтинг не е изненаден ниту поранешниот помошник селектор во А и во младата репрезентација, Влатко Костов (и тренер на Брегалница, Ренова, Работнички, Хоризонт Турново, Ал Раед од Саудиска Арабија...), според кого, главниот проблем е тоа што немаме долгорочен план за работа.

Кај нас нема стратегија без разлика кој ќе биде на власт во Фудбалската федерација, да се придржува на тоа што претходно е донесено. Секој како ќе дојде почнува некоја нова своја стратегија, и на секои 3-4 години се почнува од нула.
Влатко Костов, поранешен тренер и селектор.

„Кај нас нема стратегија без разлика кој ќе биде на власт во Фудбалската федерација, да се придржува на тоа што претходно е донесено. Секој како ќе дојде почнува некоја нова своја стратегија, и на секои 3-4 години се почнува од нула. И секој пат ако некои луѓе претходно работеле, тие се најголеми непријатели на наредните што дошле. Така не треба да се разговара. Местото на секој е менливо. Дали е селектор, дали е претседател на фудбалска федерација, дали се тренери, тоа е менливо место. И додека тие што се на власт и тие што биле претходно не седнат да разговараат, нема да имаме напредок ние“, рече Костов.

Тој е убеден дека Македонија има потенцијал за подобри резултати, под услов во репрезентацијата да играат најдобрите, а не да се размислува за некакво подмладување. Покрај ова, мора да се посвети поголемо внимание во работата на клубовите, каде што треба да се донесат докажани странски тренери.

„Во Македонија треба да влегуваат тренери кои што во своите матични држави направиле резултати. А, резултати се неговиот тим да игра во Европа или да водел репрезентација. Да можеме ние како домашни тренери да учиме од некого. А, не да доаѓаат тренери кои што ќе го печат својот занает во нашите клубови. Ако сакаме да се заштитиме и ако сакаме да одиме напред, секој пат сме за луѓе да се донесат, ама луѓе кои што имаат минато и кои што некој пат и ќе одржат некој семинар на домашните тренери, за да научат тие луѓе нешто“, додаде Костов, а според Јовановски...

„Напред се трга само со професионализам. Да се вложува дебело во фудбалот. Почни од младинските школи, фудбалската лига, федерацијата... Без поранешни спортисти што знаат да работат, без вложување во инфраструктура, без чесна работа со прави тренери, со вистински луѓе нема перспектива“.

XS
SM
MD
LG