Достапни линкови

Фудбалски меч со политички тензии


Инцидент на мечот меѓу Србија и Албанија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:38 0:00

Инцидент на мечот меѓу Србија и Албанија

Политички чувствителниот натпревар во Белград меѓу фудбалските репрезентации на Србија и Албанија беше прекинат откако дојде до тепачка меѓу играчите на двата тима. На ова му претходеше појавување на транспарент со албанското знаме и карта на Голема Албанија, закачен на летало со далечниско управување.

Квалификацискиот напревар во Белград за Европското првенство во 2016 меѓу Србија и Албанија на кој не беше дозволено присуство на албански навивачи беше прекинат кон крајот на првото полувреме, откако на стадионот се појави транспарент со албанско знаме и карта на Голема Албанија.

Обидот на еден српски фудбалер да го фати транспарентот предизвика остра реакција кај албанските репрезентативци по што дојде до турканици и тепачка, како и до упаѓање на навивачите на теренот и до интервенција на полицијата.

По получасовното одложување, англискиот судија Мартин Еткинсон го прекина напреварот при резултат 0:0.

Сите видовте што се случи и јас не можам да коментирам кој е виновен или не. Ќе доставам извештај заедно со моите колеги до УЕФА кој треба да реши што ќе се случува натаму.
Хари Бин, делегат на натправарот Србија-Албанија.

„Сите видовте што се случи и јас не можам да коментирам кој е виновен или не. Ќе доставам извештај заедно со моите колеги до УЕФА кој треба да реши што ќе се случува натаму“, изјави делегатот на натправарот, Холанѓанецот Хари Бин.

„Што се однесува до мојот тим, се што можам да кажам е дека ние сакавме да продолжи мечот и оти ние ги штитевме албанските играчи на секој чекор од навивачите“, рече за Ројтерс српскиот капитен Бранислав Ивановиќ.

Капитенот на албанската репрезентација Лорик Цана за албанската телевизија изјави дека видел оти неговите соиграчи биле нападнати и тоа не само од навивачите, туку и од редарите на стадионот.

„Не бевме во психолошка и физичка состојба да го продолжиме натпреварот“, рече тој.

Српската државна телевизија јави дека Олси Рама, братот на албанскиот премиер Еди Рама, бил уапсен во ВИП секцијата на стадионот под сомневање дека го организирал инцидентот со знамето.

Албанскиот министер за внатрешни работи Сајмир Тахири изјави дека само знаел оти Олси го напуштил стадионот кон белградскиот аеродром.

Тој додаде дека од неговиот српски колега побарал на сите албански граѓани на стадионот да им биде загарантирана безбедноста.

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, како што јавуваат белградските медиуми, инцидентот го оценил како политичка провокација.

„Главното прашање за мене е како ќе реагираа Европската унија и УЕФА, доколку некој од Србија го развее знамето на Голема Србија во Тирана или Приштина. Тоа веднаш ќе се најде на агендата на Советот за безбедност на Обединетите нации“, изјави Дачиќ.

Албанскиот премиер Еди Рама на Твитер им честитал на албанските фудбалери за нивната храброст пред да биде прекинат мечот и изразил жалење за, како што наведува, „соседите кои оставиле лоша слика во светот со грдо шоу“.

За цело време на натпреварот српските навивачи погрдно скандирале и ја исвиркале албанската химна.

До овој инцидент дојде пред најавената посета на Рама на Белград во идната недела, прва на тоа ниво во изминативе 68 години.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG