Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ и Театарот во негов состав во Куманово одамна се руини на кои им е неопходно реновирање и санирање, вели новоназначениот директор Сашо Тодоровски, до неодамна професор по македонски јазик во едно од средните училишта. Како млад човек со амбиции да заживее културата, постојните манифестации да се издигнат на повисоко ниво и ширум да ги отвори вратите за нови, креативни и инвентивни, првенствено млади кумановци, едновремено мора да се зафати со обезбедување технички услови неопходни за работа.
„Овој Дом реално е затворен од крајот на октомври до почетокот на март, бидејќи во него ниту има греење, ниту ладење. Започнат е процес од стручни луѓе од една фирма, кои треба да изготват документација, да го исцртаат, да го изнајдат системот за греење и ладење, бидејќи документите се изгубени. Ја нема архивата од објектот, а неа треба да ја има секоја зграда. Затоа ние започнавме од темел, да го скенираме, да го направиме проектот. Веќе е готов еден дел, ги очекуваме уште двата дела, за парен котел и за системот за ладење и се надевам доколку се оди како што треба, овој Центар за култура ќе биде обезбеден со греење и ладење до почетокот на идната година“, вели Тодоровски.
За изготвување на првичната документација неопходна за распишување тендер не се потребни големи средства, дури откако ќе се избере фирма ќе биде познато колку ќе чини изведбата на работите. Од согледувањата на фактичката состојба во Центарот, според Тодоровски, се чини дека од неговата изградба досега овој објект релативно малку е одржуван, речиси ништо не е вложувано и инвестирано, системот за греење одамна е украден и дислоциран, сторителот не е пронајден, делото се води како застарено. Голем дел од објектот е оштетен со изградба на угостителски објекти, за чие изнајмување има долгови, кои кога би се наплатиле, средствата би се намениле за реновирање на преостанатиот дел од објектот. Недомаќинско работење на некои од поранешните директори оставило траги врз оваа културна установа.
Состојбата на зградата во која е кумановскиот Театар (со 70-годишно постоење) одамна е за реновирање, а за тоа безмалку сите поранешни директори велеа дека нема средства. По сè изгледа немало ниту добра волја.
„И таму, прв проблем кој треба да се решава е покривот кој протекува. Тече од сите страни, тоа ќе биде најпрво со што ќе се зафатиме, како што велат вработените, тоа е темелот, а потоа и другите услови кои не се добри. Доколку го надминеме проблемот со покривот, ми се чини дека другото ќе биде полесно за реновирање“, посочува тој.
Тодоровски вели дека треба да се реновира и гримиорната, дел од салата, да се нивелира, израмни сцената. За сцената се добиени средства и тоа ќе се среди.
Освен тоа, тој има планови и идеи да го заживее поранешниот дом на културата, кој беше расадник на млади и талентирани луѓе, од кои има и на светски сцени.
„Сакам да ги отворам вратите за сите кумановци. Помлади, повозрасни, кои се креативни, кои имаат идеи, да дојдат тука, да побараат помош, спремни сме да им излеземе во пресрет“, вели тој.
А потоа, Тодоровски сака да ја реализира и својата четиригодишна програма што ја доставил до Министерството за култура.
„Да ги доведеме тука еднаш до двапати годишно и Македонската опера и балет, Филхармонија, Државниот ансамбл „Танец“, зашто не треба само граѓаните од Скопје да ја имаат привилегијата“, посочува тој.
Тодоровски додава дека Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата“ со квалитетот на претставите треба да се издигне на едно повисоко ниво.
„Имам идеја за организирање детски фестивал, фестивал на документарен краткометражен филм, фестивал за графити. Со вработените во Театарот разговаравме да организираме детски театарски фестивал налик на оној во Суботица (Србија), кој потоа би прераснал и во меѓународен. И нашиот Театар ќе треба да подготвува повеќе детски претстави затоа што сметам дека таа публика е запоставена“, вели Тодоровски.
Тој додава дека го прифатил предлогот од драматургот за организирање театарски фестивал за средношколци на кој би учествувале аматери и од другите градови, а по избор на најдобрите би имало награди. Со тоа им се овозможува на младите таленти и да другаруваат со своите врсници надвор од Куманово.
За дел од проектите финансиска поддршка има од Министерството за култура. За останатите ќе се аплицира до крајот на овој месец.
„Доколку не ни одобрат ќе се снаоѓаме, ќе бараме спонзори, ќе бараме помош од Општината, пак од Министерството за култура“, вели Тодоровски.
Ликовни изложби, промоции на книги и останати активности кои се востановени во Центарот за култура продолжуваат. Тодоровски оптимистично вели дека доколку 80 отсто од зацртаното се реализира, тој би бил задоволен, а веројатно и граѓаните на Куманово.