Достапни линкови

„Денови на комедијата“ го регенерираат шегобијниот дух на кумановци


Луѓето имаат сè помалку причини за смеа, но фестивалот е една капка во море која ќе им го подобри расположението на љубителите на театарската уметност, велат организаторите на фестивалот „Денови на комедијата“ во Куманово.

Петнаесетдневниот традиционален ревијален меѓународен Театарски фестивал „Денови на комедијата“, во НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово, кој овој октомври ќе го одбележи 19-то издание, секоја година поради недоволен број билети разочарува многу љубители на комедијата, хуморот и сатирата.

Запрашани дали и колку се смеат, граѓаните со различни одговори.

„Се смееме сè помалку, затоа што мислиме на тоа како ќе го поминеме месецот, иако викаат дека не е сè во материјалното, мислам дека тоа има голема улога зошто не се смееме. И здравјето не го цениме кога не знаеме како да го поминеме месецот и некои ситни радости да си приуштиме во ова време во кое живееме. Денови на комедија и театарските претстави им значат на граѓаните и убаво е што има таков фестивал во Куманово, сè помалку се смеат од задоволство и некако почнуваат да се смеат на туѓа сметка или исмејување. Тоа пак ќе го поврзам со неможноста да се живее како што научиле и како што треба, па на тој начин ја исфрлаат негативната енергија.“

„Се смеам постојано. Има позитивна енергија во мене.“

РСЕ: Колку често се смеете?

„Нон стоп. Ха,ха!“

„Често. Доволно често. Се смеам на секојдневни настани. Искрено, а во последно време и иронично, за жал“, велат запрашаните граѓани.

Колку и да им е тешко секојдневието кумановци го сакаат театарот, ја сакаат комедијата. Барем тогаш забораваат на сè она што им ја притиска душата, го регенерираат шегобијниот дух.

Сашо Костовски в.д. директор на Центарот за култура во Куманово, вели дека факт е оти луѓето имаат сè помалку причини за смеа, но фестивалот е една капка во море која ќе им го подобри расположението на љубителите на театарската уметност.

„Уште првиот ден кога билетите ги пуштивме во продажба и по седум часа билетите беа распродадени, а имаше стотина луѓе кои во холот чекаа за билети. Од една страна сме задоволни од заинтересираноста, а од друга жал ни е што не можеме на сите граѓани да им излеземе во пресрет“, вели Костовски.

Според Костовски за претставите на албански и на турски јазик, за кои има и превод, заинтересираноста е помала, па затоа тие се изведуваат на сцената на Театарот, а не во големата сала на Центарот за култура.

Смеењето е добро за здравје. Тоа може да биде искрено,или не, цинично, саркастично, спонтано, извештачено, напнато или радосно. Тоа не е само комуникација меѓу луѓето, туку ги открива и информациите за оние што се смеат и дали нивните меѓусебни односи се пријателски или не, забележуваат стручњаците. Речиси да не постои човек кој не сака да се насмее или пак да види насмевка кај некој друг. Меѓутоа, во времето често пати нарекувано невреме се чини дека се помалку се смееме меѓусебе. Сепак оптимистично е што кумановци сакаат на случките од својот живот да им се насмеат кога ќе ги видат на сцена.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG