Достапни линкови

Денови на комедијата во Куманово без кумановска претстава на македонски јазик


Културата во Куманово гребе на дното. Кумановци се резигнирани оти сфатија дека за кумановската култура „се грижат“ и ја креираат дел од несоодветни луѓе, кои без партиска книшка не би знаеле што се случува во зградата на Центарот за култура, а можеби не знаеле каде се наоѓа Театарот.

Секој октомври за кумановци изминатите 16 години беше месецот на хуморот, сатирата, на разведрување на духот, а љубителите на театарот со нетрпение го очекуваа и бараа билет повеќе за десетдневниот Меѓународен театарски фестивал Денови на комедијата, во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Секоја година сè поголема е бројката на продадени билети и на посета на фестивалот.
Роберт Павлевски, директор на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“,

Ова 17-то издание на фестивалот на кое веќе се одигруваат десетте претстави од домашните театри, меѓу кои и неколкуте од Србија, Црна Гора и Бугарија, не мал број граѓани ги разочара, дури ги револтира. Не само што кумановскиот Театар умира и што надлежните во Министерството за култура одлучиле дека на кумановци не им се потребни претстави, на овој фестивал, градот домаќин нема своја претстава на македонски јазик, а и оние редовните, вистинските љубители на Талија, останаа без билети.

Роберт Павлевски.
Роберт Павлевски.

Без оглед која и чија е власта, културата во Куманово гребе на дното. Кумановци се резигнирани оти сфатија дека за кумановската култура „се грижат“ и ја креираат дел од несоодветни луѓе, кои без партиска книшка не би знаеле што се случува во зградата на Центарот за култура, а можеби не знаеле каде се наоѓа Театарот.

Мислам дека треба уште многу манифестации да има и сами гледате колку е голема заинтересираноста, зашто многу ретко нешто се случува во Куманово.
Анкетиран граѓанин.

И не би било лошо што некои луѓе за првпат слушнале дека Куманово 17-ти пат е домаќин на Меѓународен фестивал на театарот-комедијата, како што не е лошо и што на претставите доаѓаат не само несоодветно облечени, туку и со вклучени мобилни телефони, се сликаат во фоајето за преку социјалните мрежи да објават каде тргнале. Но, најлошото е што штом ќе се изгаснат светлата, поголемиот дел од нив ќе ја напуштат салата. Во претставите за среќа до крај уживаат вистинските љубители на театарската уметност.

Пред да започне фестивалот билет немало ни за лек.

„Интересот е многу голем. Билетите веќе се распродадени.“

РСЕ: За која претстава најповеќе има заинтересирани?

„За Сашко Коцев и неговата стенд-ап комедија. Билетите се распродадени и за двете претстави“, изјавија на билетарницата.

Директорот на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, Роберт Павлевски вели дека Куманово веќе стана препознатливо по театарскиот фестивал Денови на комедијата.

„Секоја година сè поголема е бројката на продадени билети и на посета на фестивалот“, вели тој.

Поради големата заинтересираност за комедијата на актерот Сашко Коцев, кој е кумановец, организаторите овозможија и реприза по завршување на фестивалот.

РСЕ: Дали тоа значи дека на кумановци им недостасува претстава од кумановскиот Театар, а Сашко Коцев го изедначуваат со тоа?

„Не би рекол дека е така, бидејќи станува збор за стенд-ап комедија, која е многу интересна како жанр. Секако и Сашко Коцев е во прашање“, додава директорот Павлевски.

А запрашаните кумановци со свои забелешки.

„Нема ниту еден млад кумановец кој не е разочаран што на Денови на комедија немаме претставник од нашиот домашен Театар. Сметам дека има опасност да си го загубиме идентитетот на градот, бидејќи оваа манифестација ни е заштитен знак на градот и нè промовира насекаде. Од друга страна, многу сум разочарана, зашто не знам како е можно првиот ден во првиот час откако беа пуштени билетите во продажба, да бидат распродадени, или пак да има билети само за претставите за кои има најмала заинтересираност.“

„Мислам дека треба уште многу манифестации да има и сами гледате колку е голема заинтересираноста, зашто многу ретко нешто се случува во Куманово. Затоа апелирам што почесто да има вакви настани“, велат некои кумановци.

И оваа манифестација ќе помине како и претходните, а кумановци до следниот октомври нема да го загубат хумористичниот дух, особено не на своја сметка. Тие ќе коментираат, ќе ги исмејуваат властите, ќе зборуваат за претставите, за актерите, ама сепак ќе „гладуваат“ за театарската уметност. И како што некои велат, кумановци и ова ќе го издржат, а животот е комедија, сатира, за жал и трагедија.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG