Достапни линкови

Договорот за името – главна тема во неделниот печат


Архивска фотографија: Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас
Архивска фотографија: Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас

Неделникот Фокус пишува „Заев и Ципрас се договорија, опозицијата не попушта“, додека Капитал ги анализира бизнис можностите на Светското фудбалско првенство.

Фокус - Заев и Ципрас се договорија, опозицијата не попушта

Неделникот Фокус објавува неколку текстови поврзани со постигнатиот договор помеѓу Република Македонија и Грција за решавање на спорот за името. На насловната на неделникот, премиерите Заев и Ципрас, со наднаслов „Заев и Ципрас се договорија, опозицијата не попушта“, а како главен наслов: „Мицкотакис не го дава името“. Во воведната колумна „За нештата да станат појасни“, пишува: „Мицкоски го обвини Заев дека со неспособна дипломатија потпишал капитулација. На што ги темели своите оптимистички прогнози дека неговата дипломатија би била поуспешна?“ – прашува неделникот. Па одговара со цинична иронија: „Нема белки намера со Мицотакис, чии барања се порадикални, да издејствува подобро решение за Македонија!?“

Во друг текст со наслов: „Новиот ’Хорхе‘ да го избира Собранието“, повторно на дневен ред Мицкоски и Мицотакис: „Што се однесува до опозициските лидери Мицкоски и Мицотакис, или ми ти МИЦКОТАКИС, ако првиот се декларираше како ’надојден Вардар‘, дали вториот функционира како надојден Аксиос, како што е грчкото име на Вардар!? Ќе успеат ли да го поплават договорот или, пак, обајцата ќе пресушат?“, со голема доза на сериозност се подбива Фокус.

Капитал - Светското првенство во фудбал, можност за поголеми заработки

Капитал со бизнис-проекциите од фудбалскиот мундијал во Русија. Пишува дека светското првенство во фудбал за некого е само добра забава, но за многу компании ширум светот претставува можност за поголеми заработки. „Компаниите кои се занимаваат со производство и продажба на пијалаци, спортските обложувалници и производителите на спортска облека имаат најголеми можности за поголеми печалби“, пишува неделникот. Само како пример, се наведува дека годинешниот мундијал ќе ги зголеми средствата за рекламирање на светско ниво за 2 милијарди и 400 милиони долари, а дека организацијата на најголемата фудбалска светска претстава ја чини Русија рекордни 14 милијарди и 200 милиони долари.

Од друга страна, Капитал објавува споредбена анализа со наслов: „Македонија, Западен Балкан и ЕУ“, користејќи ја песимистичката прогноза на Европската банка за обнова и развој според која шесте земји од Западен Балкан можат да го бркаат животниот стандард во сегашните земји членки на ЕУ до 2220 година ако продолжат и понатаму многу бавно да се справуваат со слабите институции, корупцијата, ниската продуктивност и преголемата улога на државата во економијата. За да се забрза процесот на достигнување на економските перформанси и животниот стандард на Унијата, повеќе од очигледно е дека на регионот ќе му бидат потребни огромни инвестиции и конкретна финансиска поддршка од ЕУ, за да се врати довербата на Западен Балкан во европските интеграции, кој после долгите години чекање стана прилично сомничав во искрените намери на Брисел, анализира Капитал. Како поткрепа на ова, неделникот ги објавува проценките дека со раст од 5 отсто, стандардот на ЕУ ќе може да се достигне за 30 години и дека БДП по жител во земјите на Западниот Балкан е само 25 проценти од оној во ЕУ.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG