Достапни линкови

Договорена рамка за името, Брисел охрабрен


Архивска фотографија- Никола Димитров и Никос Коѕијас на средба во Солун
Архивска фотографија- Никола Димитров и Никос Коѕијас на средба во Солун

Министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас во Брисел постигнале рамка за компромис за името, а европските дипломати најавуваат поддршка на решението. Во меѓувреме се очекува нов разговор на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас на кој "ќе се пресечеле некои важни работи".

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција постигнале рамка за компромис за името, а европските дипломати се охрабрени од напредокот во преговорите. Вакви вести стигнаа од Брисел каде што македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров на работен појадок ги брифираше европските колеги за случувањата поврзани со спорот.

Сите сме охрабрени од напредокот што е постигнат во преговорите меѓу Скопје и Атина рече високата претставничка на Европската унија Федерика Могерини по работниот појадок на министрите.

“Сите ќе работиме да го поддржиме и да го придружиме, се надевам, позитивниот исход од овие важни преговори” рече Могерини.

Претходно, министерот за надворешни работи Димитров рече дека претходниот ден со својот грчки колега Никос Коѕијас во Брисел постигнале рамка за компромис за името.

„Имавме продуктивна средба, имаме рамка што треба да се доработи и на неа во моментов правни тимови од двете министерства во Атина работат, се планира важен разговор на премиерско ниво, Заев со Ципрас кон средината на оваа недела, каде се надеваме дека ќе се пресечат некои важни работи од опциите што се во игра“, изјави Димитров за агенцијата МИА.

Некои грчки медиуми, пак, јавија дека и минатите два дена телефонски разговор имале и премиерите Заев и Ципрас. Од македонската влада ваквата вест не ја демантираат.

“Кабинетите на премиерите Заев и Ципрас имаат отворена и постојана комуникација во секое време” велат од македонската влада на прашањето на РСЕ дали се точни ваквите информации.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан кој исто така беше на појадокот во Брисел заедно со министрите Димитров и Коѕијас преку социјалната мрежа Твитер им се заблагодари на двајцата шефови на дипломатии за нивната “конструктивна и тешка работа” наведувајќи дека сите изразиле целосна поддршка на преговорите.

“Консензус во салата дека решението на името ќе ја промени играта за следните чекори во процесот на пристапување кон Европската унија на Македонија” напиша Хан.

Инаку, детали за содржината на преговорите и за тоа за кој предлог сега се разговара се уште нема. Грчките медиуми постојано пишуваат дека предлогот Република Илинденска Македонија пропаднал и е отфрлен од Атина. Македонската страна пак се уште стои на ставот дека тоа е можното решение.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG