Достапни линкови

Политичка, а не квалитетна реконструкција на Владата


Членови на Владата на РМ по изборот на новиот кабинет на премиерот Зоран Заев
Членови на Владата на РМ по изборот на новиот кабинет на премиерот Зоран Заев

Новите имиња за реконструкција на Владата влегуваат во собраниска процедура, но ,според некои експерти, тие се резултат на политички договор за купување гласови.

Премиерот Зоран Заев денеска до Собранието го доставува предлогот за реконструкција на Владата, а новите имиња се од редовите на новите коалициски партнери, Беса на Африм Гаши и ДПА на Мендух Тачи. Согласно најавите, министерот за култура Роберт Алаџозоски ќе биде заменет од Асаф Адеми по предлог на БЕСА, која треба да ги добие и заменичките места во труд и социјална политика и министерството за надворешни работи,

Бардиљ Даути ќе биде министер без ресор задолжен за странски инвестиции, а Митасин Бекири заменик министер за транспорт и врски по предлог на ДПА. Се очекува и смена на министерката за образование Рената Дескоска која ќе оди во правда, а на функцијата ќе биде поставен нејзиниот досегашен заменик Арбр Адеми.

Реконструкцијата на Владата не е врз основа на анализа на добро или лошо сработена работа со цел да се донесе поквалитетен кадар, туку е купување на гласови од страна на премиерот и на СДСМ за во Парламентот да има постабилна коалиција, вели политичкиот аналитичар Алајдин Демири.

Без оглед што ќе понудат партиите и без оглед дали има квалитет или нема тие им требаат како бројки и така ќе ги употребуваат, додека квалитетот на Владата е неважен“, смета Демири.

И професорот од Универзитетот Свети Климент Охридски, Никола Дујовски смета дека и оваа реконструкција како и минатите е резултат на политички договор, кој не претставува процес на избор на квалитетни луѓе.

За мене целосната реконструкција па и вкупно Владата е орган каде што седат партиски делегирани луѓе. Немаме таму професионалци. Не е ова Канада, каде имаме буквално професионалец во секој од ресорите кај нас не е така за жал. И периодов којшто следува ќе биде повторно така. Не се прават анализи за лицата колку успешно ги завршиле работите во својот ресор и веројатно се кине таму кајшто е најтенко, па култура некако беше наједноставна за смена“, вели Дујовски.

Според Демири, на Владата само и е важно решавањето на спорот за името за да се направи позиција за натамошно владеење.

„Досега реформите за кои се залагаше Заев во судството, економија, образование и здравството уште ги нема, ниту пак размислуваат за нив. Тие реформи може да се прават само со квалитетни луѓе, а не со било кого, посебно од одредени партии кои не работат за Владата, туку само ја бранат својата мината позиција да го скријат сопствениот криминал и итн“, додава Демири.

Дујовски додава дека ако сакаме да се интегрираме во ЕУ она што е потребно е пополека да се градат капацитетите за тоа кој може да биде министер или директор на јавна установа во Македонија, а сега засега се е оставена на политичката борба и договор.

Заев порача дека се надева оти до крајот на месецот имињата ќе бидат ставени на дневен ред на пленарна седница за да се докомплетира Владата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG