Достапни линкови

Поголемо владино мнозинство за крупни одлуки, а не за фотелји


Кој ќе си оди од некои министерски столчиња, а кој доаѓа на нивно место, наскоро ќе обзнани премиерот Зоран Заев. Но, тоа не е борба за власт, туку одговорност, вели премиерот.

Неделава премиерот Зоран Заев ќе ги соопшти промените во владиниот состав. За новите коалициони партнери ќе има министерски, заменик - министерски места, места на државни секретари и директори. Премиерот за Радио Слободна Европа, вели дека сакаат да го зголемат мнозинството во Парламентот, оти државата е исправена пред крупни одлуки.

„Многу од пратениците кои досега гласаат со мнозинството го поддржуваат генерално концептот за едно општество за сите, решавањето на проблемот за името, реформите во државата и слично, треба да добијат шанса да продолжат да бидат партнери во ваквите историски политики во Македонија“, вели Заев.

Изминатиот викенд привршувале последните консултации за тоа кои партии ќе влезат во Владата. За новите коалициони партнери ќе има и министерски места.

Ние имаме многу ресори, тоа не е само борба кој колкава власт ќе зграпчи, тоа е пред сè одговорност. И таа одговорност колку ние повеќе ја споделуваме со партиципиенти во општеството, толку ќе биде поголема пред граѓаните и во функција на нејзиното успешно имплементирање како преземена одговорност и со очекување за посериозни ефекти кај граѓаните кои од нас очекуваат конкретен резултат кои ќе го почувствуваат“, вели Заев.

Коалициониот партнер во владата на Заев, Али Ахмети, неодамна коментирајќи за реконструкција на владата, рече дека ДУИ е сериозна партија и не е само гледач, туку актер во одлучувањето во политиката.

„Јас не сум препродавач на Бит Пазар за да давам или за да земам министерства. Преговорите се одвиваат меѓу политичките партии, јас кажав дека на тезга не работам“, изјави Ахмети.

Професор Никоја Дујовски од универзитетот Климент Охридски, вели дека кога се проширува владина коалиција, нормално е некој од партнерите да отстапи простор за новите, особено таму каде што немало соодветен напредок.

Проширувањето само заради бројка би било нефункционално. Тие треба да најдат договор како општеството подобро да функционира, доколку се задржат само на бројки и ресори, тогаш не сме успеале. Доколку ДУИ инсистира да остане на постојните ресори, а таму не функционираат работите, џабе го имаме ДУИ во владината коалиција, исто е и со новите, доколку се инсистира да се добие министерска позиција само заради позицијата, за да може да се влечат партиски привилегии би било погрешно. Ние сме во круцијален период, кога владата треба да биде колективен орган кој ќе работи за доброто на сите, никако да не се гледаат на таков начин партиските и политичките договарања“, вели Дујовски.

Пролетната владина реконструкција, премиерот ја најави уште кон крајот на февруари. Потоа рече дека ќе разговара со сите кои ги поддржуваат вредностите на владејачкото мнозинство.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG