Достапни линкови

Со силна меѓународна поддршка до решение на спорот со Грција


Неизвесен крај на последната епизода од преговорите. Поранешниот министер за надворешни работи Денко Малески вели дека се уште има шанса да се најде компромисно решение за името. Оптимизмот го темели на според него, засилената меѓународна поддршка за решение на долгогодишниот спор.

Работите се отидени до точка од која е речиси незамисливо да се вратиме назад, вели универзитетскиот професор и поранешен министер за надворешни работи Денко Малески пред претстојната средба на шефовите на македонската и грчката дипломатија Никола Димитров и Никос Коѕијас со медијаторот Метју Нимиц во Њујорк. Иако оптимизмот за конечно решение, кој беше поткренат на највисоко ниво, полека спласнува по отфрлањето на предлогот Република Илинденска Македонија од страна на Грција, Малески вели дека не треба предвреме да се откажеме од процесот кој за првпат во скоро триесет години има силна меѓународна поддршка за решение.

„Интервенцијата на американскиот потпретседател Пенс кој телефонски му се јавува на Коѕијас за конкретно ова прашање е работа без преседан која укажува на уникатниот момент во којшто се наоѓа Македонија која настојува од сопствени потреби да го реши овој проблем, за да стане дел од западните сојузи, но, исто така, и западните сојузи имаат еден силен интерес да ја вклопат Македонија во своите структури наспроти нивните релации со руското влијание на Балканот. Значи, овој уникатен момент мора да се искористи,“ изјави професорот Малески.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека не може да се очекуваат уставни промени за кое било решение и дека во таа смисла предлогот Илинденска е добро решение зошто не го нарушува идентитетот, а од ,друга страна, го задоволува и грчкото барање за "ерга омнес". Во оваа фаза од преговорите, двете страни повторно имаат спротиставени позиции.

Малески објаснува дека во еден целосно асиметричен спор како грчко-македонскиот не може да се зборува за попуштање на едната или друга страна, затоа што отстапките значат издигнување на двете страни на еднакво ниво на моќ, што не е случај. Прашањето на компромисот вели Малески е во тоа што Македонија во замена за дозвола да стане членка на НАТО и ЕУ прави отстапки кон барањата на Грција, а Грција ја информира својата јавност во која доминираат националистичките емоции дека на нивните граници постои една друга вистина за Македонија, а тоа е Република Македонија.

"Не треба да не вознемирува фактот дека најверојатно ќе мора да се направи и оваа отстапка околу името, се разбира доколку Грците под влијание од своите сојузници од надвор не ја направат таа отстапка. Под наше влијание нема да ја направат", вели Малески и додава:

"Доколку не се најде согласност околу последниот предлог Илинденска Македонија, веројатно ќе се размисли за нешто друго од листата на Нимиц и со тоа ќе го затвориме спорот. Велат никогаш не вели никогаш во политика и дека во деталите некои ѓаволи се кријат, дека може некои ситуации да се распаднат, но во овој случај мислам дека ќе тераме до самиот крај, дека ова ќе биде еден успешен пробив и на крај ќе не чека решение,“ вели Малески.

Министерот Никола Димитров веќе патува кон Њујорк, на новата рунда преговори во четврток и петок. Пред заминувањето на својот фејсбук профил напиша „Пуштајте ми ве молам мудрост и нерви“, најавувајќи ни на тој начин, уште едни тешки и неизвесни преговори.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG