Достапни линкови

Уште две тешки прашања до решение за името


Солун- министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас, 04.05.2018
Солун- министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас, 04.05.2018

По два дена состаноци министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција ќе се сретнат и идната недела. Уставните измени и опсегот на употребата се двете главни прашања што се останати во спорот за името, рече шефот на македонската дипломатија Никола Димтров.

Главните прашања што се останати во разговорите за името меѓу Македонија и Грција се уставните измени и опсегот на употребата на евентуалното име, потврди денеска во Солун министерот за надворешни работи Никола Димитров. Тој во последниве два дена, два пати се сретна со неговиот грчки колега Никос Коѕијас, а по состаноците изјави дека разлики се уште има.

Истражувавме опции и комбинации за да видиме што можеме во тие едно или две од потешките прашања што останаа и мислам дека имавме многу отворени и корисни средби. Целта е да најдеме чесно, одржливо и трајно решение кое двете страни ќе можат да го прифатат” рече Димитров.

Треба за овие елементи да разговараме дома и да видиме дали можеме поплодно да ја искористиме следната средба, додаде тој. Најави и дека ќе се виделе повторно идната недела, на состанокот во близина на Атина, а потоа ќе имале средба и со посредникот во спорот за разликите за името Метју Нимиц. Средбите се чести, се среќаваме речиси секоја седмица, но и рововите од кои почнавме беа многу длабоки, рече македонскиот министер.

Прашањето е многу комплексно, а влогот е многу голем. Мислам дека во изминативе месеци многу денови и многу ноќи двајцата имаме поминато за да ги разбереме грижите и чувствата на другата страна” рече Димитров.

Шефот на грчката дипломатија, пак, изјави дека има впечаток оти другата страна верува оти е дојдено крајно време прашањето да се реши и оти смета дека има извесен напредок во преговорите.

“Сега тие треба да го донесат нивниот компромис. Сметам дека тоа се луѓе со добра волја и оти може да демонстрираат политичко лидерство”, рече Коѕијас.

Според него, на двете страни им е јасно дека не треба да се гледа кусогледо, туку треба да се фокусираат на решавање на проблемот.

Претходно Димитров и Коѕијас во рок од еден месец се сретнаа четирипати. Првин грчкиот министер на крајот на март допатува во Скопје, потоа двајцата министри заедно со посредникот на ОН, Метју Нимиц, разговараа во Виена, па Коѕијас беше во Охрид, а пред десетина дена пак имаа состанок со Нимиц во Виена.

По разговорите во Виена, Нимиц изјави дека тие биле интензивни и охрабрувачки. Контактите се интензивирани и поради обидот спорот да се надмине до самитот на ЕУ во јуни за земјавада може да добие датум за преговори, а на самитот на НАТО во јули да стане земја членка, но предуслов и за двете е решавање на спорот.

Инаку министрите за надворешни работи на Бугарија, Албанија, Македонија и Грција во последниве два дена се во Солун, каде што се одржува состанок на владини претставници од четири земји од регионов. Покрај со Коѕијас, Димитров се сретна и со шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG