Достапни линкови

Заев - Можно решение за името при отворањето на Уставот за влез во ЕУ


Конечно решение за името со влезот во ЕУ?
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:30 0:00

Конечно решение за името со влезот во ЕУ?

Мораме да водиме грижа и да бидеме креативни во изнаоѓање на решение за името. Многу е важна временска рамка за носење на одлуките, вели премиерот Зоран Заев во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Заев, дали сè уште сте оптимист дека проблемот што го имаме со Грција околу името ќе биде решен до самитот на ЕУ во јуни?

Јас сум оптимист. Оптимизмот ме води и верувам дека е од огромна помош за да гледаме храбро, внимателно, суштествено на овој сериозен процес. Сериозен, оти еве 27 години постои, а не се решил. Верувајќи дека навистина е вистинско време за решение и фала богу не сум сам оптимист, има и други оптимисти во државата, пред сè луѓето кои ми помагаат, мнозинството граѓани во нашата земја и јас сум поприлично убеден, кога веќе дојдовме до овие скалила до кои сме дојдени, дека е можно решение пред самитот на Советот на ЕУ.

Рековте дека не е достоинствено Македонија да биде прекрстена дома согласно грчкото барање за ерга омнес и дека се бараат модалитети како двете страни да бидат задоволени. Дали временска рамка за евентуални уставни промени до влезот на Македонија во ЕУ е опција?

Можеби недоволно зборуваме, ерга омнес значи мој однос наспроти сите, тоа е ерга омнес, наспроти интер партес и тоа е однос меѓу двајца, меѓу Македонија и Грција. Сега ерга омнес се појави дополнително и за внатрешна употреба, но се работи за политичко прашање. Зошто политичко? Затоа што двете страни мора да изнајдат решение коешто е взаемно прифатливо, за да помине низ институциите на двете земји. На крајот Зоран Заев и Алексис Ципрас можат да подадат рака, да постигнат договор, Никос Коѕијас и Никола Димитров исто така, но институциите се тие коишто го носат конечниот став и одлуките, така и граѓаните на двете земји. Затоа мораме да водиме грижа и да бидеме креативни во изнаоѓање на решение, кое ќе ги задоволи барем минималните потреби на двете земји, а тоа е да има достоинствено решение и да се сочува идентитетот на двете земји со заемно разбирање и почит. А и во преговарачкиот процес и оставањето на трага за во иднина, јас можам да кажам дека при овој дел на креативноста сите опции се отворени, веројатно. Ние и разговараме кога би се спровел референдум, дали би значело конечност на ова решение во одреден период, а не веднаш, можеби веднаш, па така е најдобро, сето тоа е дел од модалитетите за кои се разговара, така што рамката е многу важна, временската рамка за носењето на одлуките, но таа поприлично зависи и од изнаоѓањето на решението за проблемот со името, кој Грција го има со нас.

Евентуално во таква временска рамка, да речеме после 10 години, да претпоставиме дека толку ќе ни требаат за влез во ЕУ, дали името што би го договориле двете страни со географска одредница тогаш би било и за внатрешна употреба?

Чекајте прво да го вклучам оптимистот Заев. Десет години е многу, јас верувам дека порано. Европа пласираше еден датум 2025 година, а имајќи предвид дека Македонија добива препораки од 2009, а е земја кандидат од 2005 можеме многу порано, јас верувам дека можеме да ги пристигнеме Црна Гора и Србија кои отвораат поглавја, но тоа зависи пред сè од нашите домашни перформанси и капацитети. Можеби конечното решение ќе биде врзано со гласањето на Македонија, како граѓани, со давањето на нашиот суверенитет на ЕУ, во која сакаме да бидеме членка и тогаш се отвара и Уставот, можеби и тука е решението, поради тоа што знаете дека Грција бара и промена на Уставот, заради промената на уставното име. Јас сум убеден дека креативноста ќе ги изнајде овие решенија.

Премиерот запрашан по што се разликува оваа препорака од ЕУ од останатите кога добиваше безусловни препораки, вели дека Македонија сега блеска. А за тоа колку Македонија „блеска“ на домашен план, до каде е идејата за бројчаникот и што може да се очекува од Русија кога ќе почне процесот на зачленување на Македонија во НАТО, погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG