Достапни линкови

Неделава нова средба за името, оптимизам се уште има


Архивска фотографија-средба на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција со посредникот Метју Нимиц
Архивска фотографија-средба на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција со посредникот Метју Нимиц

В среда во Виена најверојатно ќе има нова средба на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција со посредникот во спорот за името Метју Нимиц. Аналитичари се оптимисти за можно решение до јуни.

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе се сретнат со посредникот во спорот за разликите за името Метју Нимиц најверојатно на 25 месецов во Виена. Околу една седмица подоцна, односно во првите денови од мај се очекува Димитров и Коѕијас да имаат нова средба во Солун.

Земајќи ги предвид работите што треба да се решат во пакетот и тоа што е преостанато, оптимизмот за решавање на прашањето е реален, коментира универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски. Тој го споменува грчкото барање за ерга омнес употреба како важно останато прашање за кое, како што вели, е потребна политичка волја и дипломатска умешност.

„И таму ако најдат решение со вградување на временска клаузула во договорот, тоа да не биде веднаш, туку при влегувањето на Македонија во Европската унија, кога ќе се отвора Уставот и така поради членот 118 кој значи директна примена на европското законодавство во правниот поредок, тој момент да се искористи и за насловот на Уставот, што мислам дека таквото решение е можно и реално да биде изведливо тука“ вели Фрчкоски.

Коментирајќи ги изјавите на грчкиот министер за надворешни работи Коѕијас, кој рече дека е очигледно оти земјава во јуни нема да влезе во НАТО, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, пак, минатата недела рече дека дека таквите изјави не се изненадувачки оти и претходно претставници на официјална Атина велеле дека членството во ЕУ не е проблем, туку проблем е членството во НАТО. Таквите ставови се слушаат и од Москва и затоа ние сме фокусирани да најдеме решение за името до самитот на НАТО во јуни, рече Шекеринска на брифинг со новинарите.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека грчко-руските односи се традиционално добри и на тоа укажуваат взамните посети на рускиот претседател Владимир Путин на Грција и на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Русија.

„Тоа не е спорно, но не беше спорно ниту во почетокот на интензивирањето на преговорите за името и верувам дека во нашиот случај тоа нема да има пресудно влијание“ вели Муслиу.

Грција веројатно е земја членка на НАТО која има најблиски односи со Русија вели Фрчкоски, нагласувајќи го особено влијанието на Москва во некои грчки медиуми, но како што додава не се знае дали тоа влијание завршува и во политиката.

Мислам дека би било препесимистички да се каже дека на тој начин влијае во грчката политика туку повеќе мислам дека се работи за некои односи кон владата на Ципрас, која е исто така под притисок на опозицијата и која треба да најде мнозинство и излезно решение тоа да го спакува, но јас мислам дека ќе успеат тоа да го спакуваат и од нивна страна и тоа влијание кое е на таа линија овој регион да остане надвор од НАТО нема да успее барем кога е во прашање Македонија“ вели Фрчкоски.

Инаку премиерот Зоран Заев, европска функционерка Федерика Могерини и други домашни и меѓународни политичари се се уште оптимисти дека е можно решение на спорот до јуни, односно до самитот на Европската унија на кој треба да се одлучува за датумот за почеток на преговорите за зачленување на Македонија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG