Достапни линкови

Заврши средбата во Виена, преговорите за името продолжуваат


Архивска фотографија - Грчкиот министер Никос Коѕијас, медијаторот Метју Нимиц и македонскиот министер Никола Димитров во Виена, 30 март, 2018.
Архивска фотографија - Грчкиот министер Никос Коѕијас, медијаторот Метју Нимиц и македонскиот министер Никола Димитров во Виена, 30 март, 2018.

Заврши средбата во Виена за разликата за спорот за името на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас со посредникот во спорот Метју Нимиц. Тој рече дека процесот продолжува во наредните недели.

По средбата во Виена на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, која траеше речиси четири часа, посредникот во спорот за разликата за името Метју Нимиц во кратката изјава порача дека дискусијата била интензивна.

Двете страни се многу посветени на постигнување решение. Процесот ќе продолжи во наредните недели “ рече Нимиц.

Состанокот на министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас почна околу 15 часот, а засега не се знаат детали околу тоа што точно се разговарало.

Непосредно пред почетокот на средбата премиерот Зоран Заев рече дека очекува исчекор, дека верува во двајцата министри, а и дека тој самиот е оптимист за решавање на прашањето.

Ако се земе предвид, пак, неговата изјава дадена пред десетина дена на брифингот со новинарите во однос на спорот за името „не е решен опсегот и не е решено името за меѓународна употреба”.

Опсегот на употреба најспорно прашање

Грција од друга страна, според изјавите на официјалните претставници, не отстапува од барањето името да биде за целосна употреба, што подразбира и промена на Уставот. Коѕијас во минатата недела нагласи дека идентитетот е прашање на самоопределување, за националноста ќе се користи новото име, односно во пасошите би стоело државјанин на името за кое што ќе постои договор. Тој категорично ја отфрли можноста за постигнување договор без промени на Уставот и ерга омнес.

И универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски го споменува грчкото барање за ерга омнес употреба како важно останато прашање за кое, како што вели, е потребна политичка волја и дипломатска умешност.

„И таму ако најдат решение со вградување на временска клаузула во договорот, тоа да не биде веднаш, туку при влегувањето на Македонија во Европската унија, кога ќе се отвора Уставот и така поради членот 118 кој значи директна примена на европското законодавство во правниот поредок, тој момент да се искористи и за насловот на Уставот, што мислам дека таквото решение е можно и реално да биде изведливо тука“, вели Фрчкоски.

Последната средба на Димитров и Коѕијас беше на 12 месецов во Охрид. Како што соопштија по состанокот, разговарале за првпат за временската рамка и за чекорите, за кои ако се постигне решение, како тоа ќе изгледало и како ќе се имплементирало. Заклучокот тогаш беше дека останале уште неколку спорни, но најтешки точки.

Во Виена повторно по речиси еден месец

На охридската рунда разговори и претходеше и состанок со посредникот Нимиц, исто така во Виена, по кој тој оцени дека има напредок, но и потешкотии кои треба да се надминат.

По овој најнов денешен состанок се очекува двајцата министри да се сретнат во Солун во почетокот на мај. Очекувањата и на премиерот Зоран Заев и на европската претставничка Федерика Могерини која во минатата недела беше во Скопје се дека е можно решение на спорот до јуни, односно до самитот на Европската унија на кој треба да се одлучува за датумот за почеток на преговорите за зачленување на Македонија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG