Воведувањето на прогресивен данок на доход од 18 проценти за приходите што надминуваат 60 илјади денари би донеле меѓу 30 и 40 милиони евра во буџетот, под услов да не се зголеми даночната евазија, велат економските аналитичари.
Воведувањето на повисок данок за оние со повисоки приходи доби зелено светло и од Светската банка. Сепак, тие ја повикаа владата подетално да го анализира прагот над кој ќе ја воведе повисоката стапка за да се види како тоа ќе влијае на различните категории граѓани. Тие соопштија дека експерти од Вашингтон прават анализи како воведувањето на прогресивниот данок ќе влијае, не само на даночните приходи, туку и на категориите граѓани што ќе ги опфати.
Министерот за финансии Драган Тевдовски смета дека прагот треба да се постави на приходи над 1.000 евра, додека вицепремиерот Кочо Анѓушев смета дека прагот треба да се постави повисоко.
Се поставува прашањето кои се луѓето кои ќе бидат опфатени со повисоката даночна стапка и кои ќе треба повеќе да плаќаат.
Според податоците на Управата за јавни приходи од јули минатата година, 10.256 вработени добиле плата од над 1.000 евра, при што најголемиот дел од нив, односно над 8 илјади луѓе, имаат плата меѓу 1.000 и 2.000 евра, додека само 375 луѓе имаат плата над 5.000 евра. Ако се воведе прогресивен данок, нема да се плаќа 18 отсто на целата сума, туку на првите 60 илјади ќе се плаќа 10 отсто како и досега, а парите што се над таа сума ќе се даночат со 18 отсто. Тоа значи дека оние што земаат на пример 1.100 евра, ќе плаќаат 500 денари повисок данок од досега.
Според досегашните изјави од Министерството за финансии, прогресивната даночна стапка ќе опфати околу два проценти од луѓето кои остваруваат доход, што се околу 20 илјади луѓе. Тоа значи дека половина од луѓето кои ќе ги опфати повисоката даночна стапка ги остваруваат приходите од капитал, односно околу 10 илјади луѓе заработуваат над 60 илјади денари месечно од кирии, дивиденди или од камати.
Професор Борче Треновски вели идеолошката дебата за даночните политики секогаш може да се отвори, но оти треба да се размислува и на практичната страна. Посочува дека и рамниот и прогресивниот данок имаат свои позитивни и негативни страни. Воведувањето прогресивен данок на доход нема да донесе многу пари во буџетот, вели тој и повеќе служи за да се прати сигнал дека оние што заработуваат повеќе треба да бидат повеќе оданочени. Ризиците од воведување на прогресивниот данок се наоѓањето начини да се избегне данокот и намалувањето на инвестициите, вели тој.
„Даночното оптоварување, неефикасните јавни институции и неефикасноста и недоволната организираност на УЈП, меѓу кои и големите социјални трансфери кои се исплаќаат, придонесуваат за зголемување на сивата економија. Ако не се нападнат овие точки во државата пред воведување на прогресивниот данок, може да се очекува определен степен на даночна евазија која ќе ги еродира приходите кои и така нема да бидат којзнае колку големи“, вели Треновски.
Тој посочува дека можеби треба да се размислува за различни даночни оптоварувања на различните типови приход, како на пример во врска со имотот или со акумулираното богатство.
Над 60 илјади денари во Македонија заработуваат функционерите – пратеници, министри, градоначалници, директори...
Според податоците на Државниот завод за статистика, најплатените вработени веројатно може да се бараат во фармацевтската индустрија, каде што просечната плата е околу 44 илјади денари, во енергетскиот сектор, каде што просечната плата е околу 40 илјади денари, во воздухопловниот транспорт, каде што просечната плата е околу 84 илјади денари, во телекомуникациите со просечна плата од 43 илјади денари и меѓу програмерите со просечна плата од 53 илјади денари, во финансискиот сектор со просечна плата од околу 40 илјади денари, како и за во оние кои се занимаваат со спорт и рекреација и кои имаат просечна плата од 113 илјади денари.
Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии апелира до Владата да не избрзува со покачување на данокот на приход затоа што таквото решение може да биде погубно, особено за оваа индустрија. Тие побараа да бидат изземени од овој закон. Премиерот Зоран Заев, пак, најави дека на информатичките компании ќе им помогне така што за нив ќе го намалат данокот на добивка на 3 отсто.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која кога дојде на власт во 2006 година, го воведе рамниот данок, се противи на повторно воведување на прогресивното оданочување. Според нив, оној кој заработува повеќе и со рамен данок плаќа повеќе од оние што заработуваат помалку. Бизнисмените исто така се противат на воведувањето прогресивно оданочување и бараат, ако веќе се воведува, повисок данок да се плаќа на заработката над 200 илјади денари.