Секој раст под четири проценти не е добар за нашава економија, бидејќи тоа покажува дека тоа е сè што можеме да го постигнеме без премногу да ги искористуваме ресурсите, вели поранешниот министер за финансии и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, професор Трајко Славески.
Како причина за забавениот раст ја истакнува подложноста на внатрешни и надворешни шокови на земјата, кои како што вели, го земаат својот данок во однос на растот. Во таа насока, Славески нема преголеми очекувања од владиниот план за раст, за кој вели дека повеќе се работи за мерки за поддршка на компаниите, отколку за некаква стратегија за раст.
„Тоа се повеќе мерки за поддршка на компаниите, на инвестициите, отколку план или некаква стратегија за раст. Економски раст се постигнува со инвестиции во физички капитал, во инфраструктура, во човечки капитал, подобрување на условите за стопанистување, правната инфраструктура итн. Овие мерки коишто се на располагање, се за поддршка на некои претпријатија, коишто ќе одлучат да се вклопат во тој план и според него може да помогнат во дадена мерка, но не треба премногу да очекуваме и да мислиме дека тоа е она што ќе ја заживее и ќе ја понесе напред македонската економија“, вели Славески во интервјуто на Радио Слободна Европа.
Според Славески, стабилизацијата на политичката состојба, поволно опкружување, инвестициите во образованието и инфраструктура ќе придонесат за позитивен развој на економијата.
Во меѓувреме, Законот за финансиска поддршка на инвестиции со кој ќе се применуваат мерките од владиниот план за економски раст е веќе поставен на Единствениот национален електронски регистар на прописи, а се очекува истиот да биде донесен во Собранието следниот месец. За користење на државна помош можат да аплицираат само успешните компании, односно оние кои минатата година имале приход поголем од просекот во последните три години и немале намалување на број на вработени. Завршните сметки на компаниите ќе бидат поднесени до крајот на месецот.
Економскиот аналитичар Арбен Халили посочува дека ниту еден план не може да донесе економски раст за кратко време. Она на што забележува тој, е достапноста на мерките само за успешните компании, а не и за малите и средни претпријатија.
„Не треба да бидат поддржани од државата само успешните компании, туку задолжително треба да се стават во програмата и малите и средни претпријатија, бидејќи тие се тие коишто имаат најголема потреба за државна помош, кои се многу на број и кој вработуваат голем број на луѓе. Во таа насока акцентот треба да се стави и на овие компании“, смета Халили.
Халили вели дека на тој начин ќе се стимулира претприемачкиот дух кај помалите компании и ќе се овозможи пазарот да ги прифати истите.
При презентацијата на Планот за економски раст Владата најави дека со него се нудат исти, транспарентни услови за домашните и странските инвеститори. Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев деновиве појасни дека законот, се носи за да нема потреба со секоја компанија поединечно да се потпишува договор како што беше досега и дека со него ќе биде одредено точно што треба да добие секоја компанија.