На тој што зема 200 евра плата, 500 евра му се многу, тој што зема две илјади, платата од три илјади евра не ја смета за голема. Владата најави дека ќе воведе прогресивна стапка за персоналниот данок на доход, односно оние што имаат повисоки приходи ќе треба да плаќаат повисок данок.
Во предизборната програма на СДСМ пишува дека мнозинството граѓани ќе плаќаат данок на доход од 10 отсто како и досега, додека оние што имаат големи плати ќе плаќаат 18 отсто за приходите што ја надминуваат границата на висока плата што допрва треба да се утврди.
Која е границата? Што значи висока плата во Македонија?
Граѓаните што ги анкетиравме во Скопје лицитираат со суми од 500 до 1.000 евра.
„Тоа е толку релативно што е висока плата, но би требало платата којашто е висока да се оданочи.“
„Не можеш некому да му кажеш висока ти е платата додека тој се труди да си го школува детето.“
„500 евра, тоа е најкратко што можам да ви го кажам.“
„Секаде луѓето плаќаат, богатите треба да платат. Што е тука проблемот? Сè што е над 500 евра е висока плата. Ако луѓе живеат со 200 евра, како може тоа да не биде висока плата. Тоа се исто богати луѓе, за оваа сиромаштија се богати луѓе, што да зборуваме понатаму.“
„Во македонски услови над 1.000 евра е висока плата и треба да се оданочи, тоа е сосема исправно.“
„Границата малку погоре да се качи, на 1.000 евра како што зборуваат, зашто нас 500 евра не нè задоволуваат дома“, велат анкетираните граѓани во Скопје.
Може да се претпостави дека луѓето во внатрешноста се уште поскромни со оглед на тоа што и просечните плати кај нив се пониски.
Просечната плата во Македонија е околу 23 илјади илјади денари, но податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека само еден од петмина вработени заработува повеќе од 20 илјади денари месечно. Минатата година само 10.875 луѓе, односно 1,5 отсто од вработените во Македонија, земале плата повисока од 40 илјади денари.
Бизнисмените, пак, велат дека во Македонија нема богати луѓе и оти приходите од 1.000 евра не се луксуз. Сметаат дека не треба да се воведе прогресивно оданочување, зашто тоа значи наградување на просечните и оти ќе ги избрка успешните надвор од Македонија. Ако веќе се воведува, бараат границата да биде 200 илјади денари, односно висока плата да се смета над 3.300 евра.
„Некои сознанија беа дека луксуз ќе се смета износ од 1.000 евра. Асоцијацијата не се сложи со тоа дека некој износ од 1000 евра или 60 илјади денари би било луксуз во наши услови“, рече Маријана Андриќ од Асоцијацијата на менаџери на неодамнешната дебата со премиерот Зоран Заев и со министерот за финансии Драган Тевдовски.
Заев, пак, рече дека смета оти прагот треба да се постави на 1.000 евра. Тевдовски, пак, посочува дека Македонија има една од највисоките стапки на нееднаквост во Европа и оти „праведното оданочување“ треба да го смени тоа. Вели дека повисокиот данок ќе зафати само два проценти од граѓаните со највисоки приходи.
Сепак, анализата на Фајнанс тинк покажува дека воведувањето прогресивно оданочување може да донесе во буџетот само 30-37 милиони евра повеќе и тоа под услов да нема даночна евазија.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се противи на прогресивното оданочување. Велат дека тоа ќе значи осиромашување на државата, уништување на стопанството и економијата и бркање на инвеститорите од земјава. До 2006 година имаше прогресивно оданочување и токму владата на ВМРО-ДПМНЕ воведе рамен данок.
Според најавите, прогресивното оданочување треба да стартува од јануари 2019 година. Цела година ќе траат дебатите за тоа каде треба да се постави прагот на повисоко оданочување.