Пензискиот систем во земјава е неодржлив на среден рок, велат дел од економистите, откако Светската банка повторно укажа на овој проблем со кој ќе се соочи македонскиот пензиски систем.
Проценките на економистите кажуваат дека проблемот со исплаќањето на пензиите и натаму ќе го зголемува зафаќањето од буџетот кој поради тоа нема да биде во можност да решава развојни политики. Тие немаат дилема дека државата мора да обезбеди исплата на пензиите, укажувајќи дека тие се основен вид на егзистенција на дел од популацијата. Според економскиот аналитичар Слободан Најдовски, неопходно е да се реагира со темелна анализа во која ќе бидат вклучени сите чинители, почнувајќи од Владата, здруженијата на пензионери и стопанството и со која ќе се бара долгорочно решение.
„Секое решение кое нема да се заснова на темелни анализи на пензискиот систем и неговиот одраз на буџетската политика нема да даде резултати. Политиката со предвремени пензионирања за партиски членови сега пензионерите ќе ја почувствуваат. Во овој момент цената ќе ја плаќаме сите заедно“, вели Најдовски.
Според него, решението со поместување на границата за одење во пензија моментално ќе го одложи проблемот за две три години.
Најдовски вели дека треба да има континуирано зголемување на пензиите, но не ад хок пред избори како во изминатите години. Тој посочува дека долгорочно решение треба да се бара во постојани извори на буџетот, а тоа е пред сè зголемен раст на економијата што е најдобро решение.
Решението со намалување на пензиите, според него, не е добро зашто и без тоа пензионерите имаат низок стандард.
Еден од предизвиците е да се размислува и за зголемувањето на придонесите. Економистите имаат различни ставови.
„Може да се размислува и за едно мало зголемување на придонесите кое нема дополнително многу да го оптовари стопанството, а може да направи мал баланс во фондот“, вели Најдовски.
Треба да се биде претпазлив кон таа мерка, вели универзитетскиот професор Зоран Ивановски, изразувајќи размислување дека зголемувањето на придонесите негативно ќе влијае врз вработувањето.
„Јас не сум да одат на придонеси, зашто и онака имаме проблем со невработеноста. Вие ако ги зголемувате придонесите, тоа значи повеќе ќе работат на црно и нема да ги пријавуваат вработените“, вели Ивановски.
Според него, потребна е анализа околу можните решенија која ќе вклучи и воведување еден вид на скриен данок односно плаќање на одредени давачки на други видови на приходи или пак на некој вид од потрошувачката на граѓаните.
„Економистите треба да покажат малку фантазија каде и како ќе се постави давачка која нема да се чувствува многу, а ќе го полни буџетот за пензиите. Како што има на одредени луксузни производи одреден данок или одредени јавни давачки, истото може да се направи и со намера да се полни пензискиот фонд“, вели Ивановски.
Економистите велат дека има простор за размислување да се намали и делот кој се издвојува во приватниот столб во еден преоден период за стабилизација на пензискиот фонд.
Светска банка ѝ препорачува на Македонија да обезбеди одржливост на пензискиот систем. Првата препорака е Владата да ги одложи ад хок зголемувањата на пензиите, што во изминатите години создало притисок на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
„Моментално Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е во добра кондиција и добива трансфери од централната власт, кои се зголемуваат со тек на годините. Целта е да се намали зависноста на пензискиот фонд од тие трансфери. Ние работиме на параметарски измени во законската регулатива кои ќе ги намалат тие притисоци“, рече економистот на Светска банка, Бојан Шимбов, на прес-конференција во Скопје.