„Позициониран на деликатната граница меѓу играното и документарното, „Бикини Мун“ е модерна урбана бајка со фасцинантен наратив.“
„Актерката Кондола Рашад ја трансформира Бикини во фигура која е во исто време трогателна, смешна, силна, ранлива и харизматична.“
„Ова е сосема свежо и оригинално дело на мајстор-режисер. Глумата на Кондола Рашад шокира.“
„Бикини Мун“ е провокативен, повеќеслоен лажен документарец, кој ги акцентира најлошите делови на милениумскиот либерализам. ’Бикини Мун‘ е модерно искуство, кое се вклопува во грдоста на нашата воајеристичка култура“.
„Ова е филмот што ’Формата на водата‘ сакаше да биде, ама не знаеше како.“
„Во неверојатно брилијантниот ’Бикини Мун‘, вжештената глума на Кондола Рашад ја потпалува провокативната приказна на Милчо Манчевски.“
Ова се само дел од убавите зборови на светските филмски критичари со кои се почестени Милчо Манчевски, глумицата Кондола Рашад и потписниците на американско-германската копродукција „Бикини Мун“, запишани во периодот од неговата светска премиера на фестивалот во Сао Паоло, во Бразил, преку прикажувањето на познатиот „Синеквест“ фестивал во Сан Хозе, Калифорнија и се до 38. Меѓународен филмски фестивал „Фантаспорто“ во Порто, Португалија, каде делото ја освои специјалната награда од жирито.
А, во пресрет на македонската премиера, овој четврток, на 22 март во 20 часот, во кино „Милениум“, треба да биде познато дека станува збор за „модерна мрачна бајка на Манчевски која говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Всушност, како што ќе рече авторот, филмската структура на „Бикини Мун“ е филм во филм, во кој филмската стварност е двојно контролирана или двојно манипулирана.
Главна хероина е повратничката од војната во Ирак, Бикини Мун Дејвис, харизматична, енергична, духовита, убава и провокативна, но и ментално нестабилна. Нејзината приказна и нејзиното однесување – нѐ водат до работ на вистината, и често не сме сигурни што е вистина, а што фантазија.
„Бикини Мун“ е една современа трагедија. Замислете си да сте жена која била војник во Ирак. Сега живее на улица во Њујорк како бездомник. Ќерката и ја зеле затоа што е ментално нестабилна. Нејзиниот поглед на стварноста, затоа што е ментално нестабилна, затоа што е повратник, одлична порта во испитувањето на она што не интересира во овој филм а тоа е нашиот однос кон вистината и тоа како медиумите, во случајов документарниот филм, ја менуваат вистината за која известуваат“, истакнува Манчевски.
Носечките улоги во „Бикини Мун“ ги толкуваат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. За нив Манчевски истакнува дека ги бирал во текот на неколку месеци соработувајќи со Еди Кауфман, кастинг-директор со соработки од Спилберг до кој се не и притоа особено му било важно глумците да имаат занает. Не му бил важен изгледот, ниту тоа дали се познати или се значајни имиња од светот на филмот.
При најпрвото снимање Кондола глумеше жена со ментални проблеми на еден толку уверлив начин што мене ми беше непријатно кога тоа го гледав. Мислев дека стварно има проблеми и дека ако е така навистина не би било етички да ја ангажираш за работа. Улогата не беше напишана за Црнкиња, меѓутоа затоа што Кондола беше најдобра од сите глумци што ни се појавија го адаптиравме сценариото и тоа влезе во филмот. Таа е веќе голема ѕвезда, има три номинации за телевизискиот „оскар“ за Тони, појаснува режисерот.
Дизајнер на продукција е редовниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, кој има работено на сите досегашни филмски проекти на режисерот. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин, а покрај Манчевски во филмската екипа има само двајца македонски творци – композиторот Игор Василев Новоградска и дизајнерот на визуелни ефекти Мишо Ристов.
„Во случајов имав навистина интересна задача. Користевме повеќе медиуми, повеќе начини како да ја склопиме музиката во филмот. Има доста интересни парчиња кои се користат како извор, или на свој начин го опишуваат дејствието. Како и секој филм што сум го работел за Милчо ова беше нов голем предизвик за мене“, ќе рече Василев, кој патем беше автор на музиката и во „Мајки“, а свој удел има и во двата куси филмови на Манчевски - „Четврток“ и „Крајот на времето“, кој ќе се прикажува како вовед во проекциите на актуелниот „Бикини Мун“ во нашите кино-сали.
Милчо Манчевски инаку има снимено четири филма во Македонија како европски копродукции, финансирани од владите на Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Шпанија, Бугарија и Еуримаж. Македонија во овие филмови учествуваше со една петтина од целокупните буџети.
Неговите македонски филмови „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“ ја презентираа македонската култура на сите шест континенти, со комерцијална дистрибуција во над 50 земји, проекции на над 200 фестивали и над 40 меѓународни награди, меѓу кои и Златниот лав во Венеција и номинација за Оскар.
Тој е добитник и на почесен докторат од универзитетот ВГИК во Москва, Златен лав во Венеција, номинација за Оскар, Индепендент Спирит, Давид ди Донатело, ФИПРЕСЦИ, УНЕСКО, Сребрен кондор, Ем-Ти-Ви и други.
„Њујорк тајмс“ го вброи неговиот филм „Пред дождот“ во 1.000 најдобри филмови на сите времиња. Неговите филмови се предаваат на бројни универзитети на сите пет континенти, а влезени се и во наставната програма на средните училишта во Италија и Турција. Користени се и во наставата во Јужна Кореја.