Достапни линкови

МОНИСТРА со „Киниса моме на вода“ промотивно во МНТ


Монистра, музички состав
Монистра, музички состав

„Киниса моме на вода“ е насловен вториот студиски албум на МОНИСТРА со кој дружината ја заокружува 15-годишнината од своето битисање и промоција на македонскиот музички јазик по светот. Неговата промоција е предвидено да биде сторена со голем концерт што ќе се одржи в недела, на 10 април, во 20 часот, во Македонскиот народен театар и на неа како гости ќе настапат гитаристот Петар Ренџов, виолинистот Владимир Крстев и женскиот хор „Св. Злата Мегленска“.

Со две албумски објави и бројни учества во изминатава деценија и половина на интернационалните фестивали во земји како Египет, Израел, Франција, Италија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, етно-составот МОНИСТРА влегува во редот на исклучително успешните промотори на македонскиот музички јазик и воопшто на автентичната македонска култура во светот. Моќни во изразот и искрени во пристапот кон традицијата, членовите на дружината можеби сè уште не ги уживаат плодовите на сопствената несекојдневна преданост, но ја имаат повластената позиција, дури по малку во сенка, да креираат звуковност која директно извира од сржта на битот на Македонецот. Од спецификите на нашата богата ритмика, од самосвојната елегичност и таквата своја визија не само умешно да ја обвиткаат со велот на препознатливост, туку и да ја даруваат со неопходната допадливост. Дури и за оние кои најнапред навидум се затекнати од егзотичноста, за да потем слој по слој ги откриваат посебностите на ваквата органска понуда.

И, кога ова веќе е познато, за сите искрени поклоници на музиката, посебно во срединава во која подолго време генерално царува какофонијата на турбо-фол-поп полуфабрикатите, како мевлем на рана доаѓа сознанието дека МОНИСТРА имаат нов звучен документ. Немал залак за некој кој наспроти евтината комерцијализација трага по корените, по сопствената традиција и се стреми да ја зачува непоматена за времето и генерациите кои допрва доаѓаат.

„МОНИСТРА си има свој специфичен музички израз. Тежнееме кон тоа да не се наруши оригиналноста на обработуваната песна. Гледаме да го зачуваме коренот, суштината на нашата традиција и мислам дека по тоа се разликуваме од другите постави кои посегаат по македонската музика“, вели Александар Јовевски, еден од основачите и лидер на составот.

Покрај него, како виртуоз на кавал кој умешно посега по бас тамбурата и е автор на дел од композициите и аранжер на репертоарот на МОНИСТРА, стамено стојат и надарената пејачка Габриела Јанушевска, разсвирените Јован Стрезовски и Филип Николовски на тамбури, Марјан Андоновски на тапан и тарабука, Дамјан Зифовски на удиралки и Дарко Ничевски на пијано.

Тие својата звучна авантура ја почнале многу млади, во 2002 година, во миговите кога биле членови на КУД „Цветан Димов“ од Скопје, за да деновиве бидат исправени пред нов предизвик – промоцијата на својот втор албум „Киниса моме на вода“, именуван по старата галичка песна нам најмногу позната по прекрасната изведба на големата македонска пејачка легенда – Александар Сариевски. На носачот на звук се забележани 10 композиции, главно обработки на традиционални песни од различни краеви од земјава и две теми на Јовевски, во кои тој го потврдува својот раскошен творечки талент во духот на изворниот мелос.

„Кога работевме на вториот проект прашањето беше дали да продолжиме по истиот текст, со обработки на познатите македонски народни напеви, или пак да создадеме нешто друго, нешто што и не и е толку познато на пошироката публика. Тоа на некој начин беше и меч со две острици затоа што не знаевме како на една таква одлука ќе реагира публиката – дали нашите почитувачи ќе бидат задоволни со една таква понуда. Сепак, за наша среќа, сето тоа испадна над очекувањата и по првичните реакции од преслушувањето на „Киниса моме на вода“ гледаме дека сме завршиле добра работа. Многу убаво се прифатени нашите верзии на „Каранфил невесто“ која своевремено ненадминливо ја донел големиот Кирил Манчевски, „Катерино кротко јагне“ што толку испиративно ја отпеала народната певица Вања Лазарова“. ќе рече Јанушевска.

Осоколени од таквиот прием, МОНИСТРА, в недела, на 9 април, во 20 часот, на сцената на Македонскиот народен театар, со голем концерт ќе ја сторат не само промоцијата на својата втора дискографска објава туку и ќе ја зокружат убавата годишнина од своето делување. На перформансот како гости ќе настапат нивните музички пријатели и собеседници - гитаристот Петар Ренџов (на чии соло објави, посебно на „Сонот на невестата“ може да се чуе препознатливиот звук на кавалот на Јовевски), виолинистот Владимир Крстев (чие присуство е повеќе од бележито во изведбите на елегичните „Сулејман седит на кула“ и „Катерино кротко јагне“) и девојките од хорот „Св. Злата Мегленска“.

Инаку, по овој перформанс промотивните активности ќе продолжат со настапи на летните културни манифестации во земјава, за да МОНИСТРА некаде на крајот на 2017 настапи и во Македонскиот културен центар во Њујорк, во САД.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG