Достапни линкови

Концерт на „Дамјан Пејчиновски трио“ на Охридско лето


Со програма сочинета од класични дела и македонски евергрини во џез аранжмани, етно импровизации и џипси-џез, овој четврток, на 4 август, од 21 часот, во клубот Куба либре, во рамките на актуелниот фестивал Охридско лето, концерт ќе одржи „Дамјан Пејчиновски трио“, акустичниот состав на еден од најталентираните млади домашни гитаристи.

Дамјан Пејчиновски е млад гитарски виртуоз. Еден од оние кои со своето пребирање по жиците полека но сигурно се наметнува на домашната музичка сцена како врвен мајстор и чии амбиции дефинитивно не завршуваат тука.

Во неговото портфолио стои дека тајните на инструментот, со непримерена фанатичност, започнал да ги изучува на шестгодишна возраст. Во тинејџерските години членувал во локалните бендови како „Ворнинг“, „Абракадабра“ и „Џамп старт“ за да првата потврда дека е на вистинскиот пат ја има во 2002 година на тогашното издание на „Рок-фест“ каде беше прогласен за најдобар гитарист, а наградата лично му јаврачи неговиот идол - маестро Влатко Стефановски.

Следната станица на Пејчиновски е џез одделот на Националната музичка академија во Софија, соседна Бугарија, каде дипломирал и магистрирал, за да потем во неговата активна изведувачка дејност бидат бележани бројните концертни настапи во земјите во регионов и во светот. Добитник е на многу награди и признанија на фестивалите и натпреварите во Романија, Унгарија, Хрватска, Србија, како и Велика Британија и тој е првиот балкански музичар што некогаш е спонзориран од американската компанија PRS Guitars со рачно изработена гитара специјално за него (инструментите со нивниот заштитен знак ги поседуваат светски големите мајстори како Сантана, Орианти и Дејв Наваро).

Конечно, веќе петта година Пејчиновски е професор на Музичката академија во Скопје, на одделот за популарни жанрови, а концертот со неговото трио на Охридско лето доаѓа по двата извонредни настапи во Младинскиот културен центар во Скопје и турнејата во Австралија.

Триото во кое се и басистот и колега на Пејчиновски од Националната музичка академија – Горан Ѓешовски и Иван Петровски, овој четврток, во охридскиот клуб „Куба либре, ќе се претстави со програма сочинета од класични дела и македонски евергрини во џез аранжмани, етно импровизации и џипси џез.

„Се обидов да најдам некоја формула која ќе биде достапна и интересна не само за слушателот на инструментална музика, туку и за оној човек што не слуша таква музика, а ќе препознае некоја популарна тема. Некој познат македонски евергрин. Освен тоа, имаме и неколку класични дела во таква џипси-џез изведба кои вклучуваат и импровизација, а се разбира и неколку доста познати џез стандарди. Згора на тоа, одбрав и мал дел на наши народни песни, чисто да не речат луѓето дека „ете сè отсвиривте, но на испитот по македонски неправилни ритми паднавте“. Морам да кажам и тоа дека финалето на овој главно акустичен сет го чувам за електричната гитара за сите оние што ќе дојдат на концертот и што го знаат мојот бекграунд – дека јас сум рок гитарист, дека свирам џез-фјужн и затоа специјално подготвив и еден таков инструменталистички коктел“, вели Пејчиновски.

Гитаристот дополнува дека во август со триото ќе музицираат во Кавадарци и во Берово, а во септември повторно во Скопје. Вели дека неговиот императив е да имаат што повеќе настапи, бидејќи смета дека за музичар од Македонија најтешко е, безмалку неизводливо, да направи турнеја што би траела во континуитет некаде цели три месеца.

Од таму, Пејчиновски истакнува дека по оваа серија тој наново ќе му се посвети на проектот ЏИПСИ ЏЕЗ БАЛКАН ЕКСТРАВАГАНЦА, регионалниот гитарски квартет поддржан и од други инструменти, во кој патем свират и негови колеги од Босна и Херцеговина, Унгарија и Србија. Проектот планираат да го пуштат преку платформата „Indiе-go-go“ и на тој начин преку донации да се обидат да дојдат до промо-издание и до што поголем број на концерти во Европа.

Во овој контекст, Дамјан забележува дека сега кога интернетот е во подем и сè е на социјалните мрежи, тој би сакал што повеќе луѓе да го слушнат и видат она што го свири и презентира, но дека и покрај понудите од странство, сепак преферира заради уметничкото спокојство тоа да го прави од својата татковина.

„На Запад, во другите земји темпото на живот е многу брзо. Мора брзо да размислуваш, брзо да делуваш, да заработуваш. Секој уметник по напорните свирки и турнеи мора да си го најде сопствениот мир. Да се дистанцира за малку од реалноста. Да ги наполни батериите. А, тоа што живеам во Охрид, во еден од преубавите градови е само погодност за мене. Ова е одлично место за секој еден уметник“, вели музичарот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG