Достапни линкови

Вера Милошевска – Музиката треба да ги шири границите


Macedonia - Ljubojna, music band - N/A
Macedonia - Ljubojna, music band - N/A

Вера Милошевска и Оливер Јосифовски, со своите две засебни сценски пројави - ЉУБОЈНА и БРАС ФАНТАЗИ, овој петок на 11 март, на два пати ќе се искачат на сцената на актуелниот „Балкан фест“ што се одржува во Солун. Ова е нивно трето учество на еден значаен музички фестивал во соседна Грција со што и во оваа пригода се потврдува дека културата, уметноста и конкретно музиката се еден од темелниците во градбата на мостовите на соработка и пријателство на Балканот.

По настапите на „Балкан арт перформинг“ во 2006 година и потем на Фестивалот на јазиците на светот во 2014, ЉУБОЈНА по трет пат ќе ја сподели сопствената музичка визија со публиката во соседна Грција. Овој пат в петок, на 11 март, на еднодневниот „Балкан фест“ во Солун и тоа покрај бендови како домашните фаворити БАИЛДСА, надежните Д КОКОНАТ РОКЕРС или романскиот диџеј Флоријан Микута.

Секој црпи од таа автентичност, а истовремено ја споделува со другите коишто покрај автентичноста го препознаваат она што е слично и што не зближува. По интензитет, балканската музика воопшто е нешто како црнечката музика. Таа е многу моќна. Има многу длабок „грув“ и многу длабоки корења во сите земји на овој простор.
Вера Милошевска, Љубојна

На македонските уметници, во случајов ќе им припадне отворањето и затворањето на случувањето. Најнапред ќе се претстават со концептот базиран на моќниот глас и несекојдневната изведба на Вера Милошевска, за да потем Оливер Јосифовски, во фестивалскиот клуб „We“, ја поведе тајфата БРАС ФАНТАЗИ кон уште едно високоенергетско инструментално транзично звучно патешествие каде солист на труба овој пат ќе биде Демир Кантуровски.

Во предвечерието на овие концерти, Вера Милошевска знае да каже дека соработката и билатералните односи секојпат се од човечки карактер. Кој колку ќе постигне во размената на енергии со публиката за да реално ги доближи овие култури. Дополнува дека генерално балканската музика има многу сличности, но дека секоја одделно си има своја автентичност.

„Секој црпи од таа автентичност, а истовремено ја споделува со другите коишто покрај автентичноста го препознаваат она што е слично и што не зближува. По интензитет, балканската музика воопшто е нешто како црнечката музика. Таа е многу моќна. Има многу длабок „грув“ и многу длабоки корења во сите земји на овој простор. Држави, територии, култури – како сакате наречете ги. Ова подразбира дека тој интензитет вие ќе го почувствувате во која било земја и да одите од Балканот. И тоа е можеби на некој начин она што нè спојува“, вели Милошевска.

Од друга страна, таа потенцира дека на фестивали од ваков тип не е целта да се популаризира т.н „етно-музика“. Дека тоа е клише-категорија и дека заложбата всушност е да се понуди нова музика.

„Балканот се соочува со артисти кои прават сосема нова музика. Кои носат сосема нов бран во музиката. Дали тоа ќе биде нов звук или ќе биде една сосема нова отворена сцена, едно поинакво движење, тоа зависи од тоа како артистот работи. Меѓутоа, идејата е токму тоа да се сподели и тоа на светот да му се понуди преку ваквите фестивали. Не да остане овде на Балканот. Ние тука локално не си делиме музика, на ти – дај ми како поените на Евровизија. Ние овде споделуваме музика која би требало понатаму како порака да се шири по светот. Тоа е движечка светска музика. Нешто што не е укотвено. Тоа е популарна музика којашто би требало да ги отвора ушите на слушателите за една нова, поинаква светска музика. Различно од она што досега сме го доживеале да речеме со „балкан битот“ на Горан Бреговиќ“, вели таа.

Од таму, како што забележува Милошевска, музиката на ЉУБОЈНА што тие ја промовираат на ваквите фестивали може да се опише како „светско патување“ и дека во неа има музики од сите меридијани во светот.

„Користени се различни музички естетики од светот потенцирани низ една музика. Потенцирани низ нешто што се вика наш личен музички јазик кој потекнува од тука. Кој ни е најблизок. Меѓутоа се направени во манир на светско звучно патување. И тука вие не можете да ја заглавите таа музика во некојси локални рамки или да крстари само по фестивали кои ќе се однесуваат само на етно музика. Значи, музиката треба да ги шири границите!“, вели Милошевска.

Во контекст на ова, пејачката појаснува дека низ историјата и ден денес постојано се случува размена на музиките и идеите меѓу народите. Посебно на оние кои живеат едни до или со други. Истакнува дека на територијата на Егејска Македонија и натаму живее бројно словенско население кое неминовно има потреба од размена на својата културна традиција, но дека таа размена сега е на едно друго ниво.

„Порано луѓето катадневно ја живееле својата музика. Тоа било нешто неодвоиво од нив. Сега тие имаат иста потреба, само што тежат кон музика која е популарна, која може да соодветствува на начинот на кој живееме, се движиме , работиме, легнуваме, стануваме, со целиот оној пулс кој го имаме од ова време. Музика која ќе го носи тоа, ама ќе реферира на оригиналноста која ја знаеме од овие простори. Значи, народот сака популарна музика, ама своја популарна музика. Да му одговара на ова време. Не сака коментар на таа музика. Потребна е навистина нова музика и тоа е тоа кон кое многу од групите кај нас се стремат. Се разбира, секој различно успева во таквите намери и секој различно има идеја како да ја пренесе таа порака, па и како се креира таа музика“, вели Милошевска.

Инаку, по Грција следната странска дестинација на ЉУБОЈНА ќе биде Франција. Во соработка со своите пријатели Мари и Александар Петров, групата некаде во мај планира да направи една мини-турнеја којашто би била проследена и со неколку творечки работилници со луѓе коишто би сакале да осознаат нешто малку повеќе за актуелната современа музика на Македонија.

Во меѓувреме, тие ќе ги одработат и закажаните концерти во земјава и со особено внимание ќе ги привршуваат материјалите за своето ново дискографско остварување со работен наслов „Радио ЉУБОЈНА“ или „Радио Баир“. Албумот е во фаза на пост-продукција, а неговото обелоденување ќе биде следено и од две компилациски објави од кои едната за странски пазар. Говорејќи за него, Милошевска нагласува дека ја заокружува етапата на која ЉУБОЈНА и ги посвети последниве неколку години – таа нагласена сонична брас авантура.

„Ова е издание во кое се споени сите меридијани од светот во срцето на Балканот. Носи многу различност. Од една до друга песна има апсолутно различна атмосфера, различна емоција, порака и токму поради тоа, барем јас така го доживувам и така ќе им го испорачам на слушателите, ова ќе биде „светско“ парче“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG