Достапни линкови

Прво македонско чествување на неговото величество „винилот“


Со промоции на винилните изданија на култниот македонски бенд ПАДОТ НА ВИЗАНТИЈА - „Почеток и крај“ и втората објава на кантавторот Крсте Роџевски - „Горчливи бадеми“, ди-џеј сетови и и концерти на француските бендови PAUWELS, PARTOUT PARTOUT и Германците THE JEFFK, в сабота, на 22 април, на платото пред Младински културен центар – Скопје, од 13 до 18 часот, по прв пат во земјава ќе биде одбележан интернационалниот Ден на независните музички продавници.

Во ерата на нова доминација на винилот како најжилав носач на звук, по цела една декада откако во светот беше зачната акцијата за негова ревитализација, и во Република Македонија по прв пат ќе биде одбележан интернационалниот Ден на независни музички продавници или International Record Store Day (Celebrating The Indie Record Store).

Настанот е планирано да се обистини в сабота, на 22 април, на платото пред Младински културен центар – Скопје, од 13 до 18 часот, и подразбира промоции на винилните изданија на култниот македонски бенд ПАДОТ НА ВИЗАНТИЈА - „Почеток и крај“ и втората објава на кантавторот Крсте Роџевски - „Горчливи бадеми“, ди-џеј сетови и концерти на француските бендови PAUWELS и PARTOUT PARTOUT и Германците THE JEFFK.

Инаку, организаторите МКЦ и неодамна отворената музичка продавница АП(о)ТЕКА, кои во случајов делуваат како Record Store Day Macedonia 2017, следејќи го генералниот концепт на прославата одлучија да имаат свој Амбасадор, промотор на овој настан. Честа, во светски рамки секогаш вообичаено е наменета за музичари, кои со своите објави покажале несомнена почит и љубов кон физичките изданија (пред сѐ винилите) како доминантни носачи на звук и на овој или оној начин несебично го подржувале опстојувањето на малите музички продавници.

Од таму, водени од овие основни начела, тие одбраа македонски Амабасадор на домашниот Record Store Day, да биде Васко Атанасоски. Одлуката ја темелат најмногу поради фактот што токму тој во изминативе 15-ина години, со изданијата на некои од своите бендови FxPxOx, Bernays Propaganda, Ха Ха Ха..., е еден од ретките македонски музичари што го одржаа винилот како релевантен носач на звук.

И токму на овој ден, International Record Store Day 2017, музичарот на својата официјална страница го најави и компилациското 7” издание Support Indie Record Stores…Not Flippers, како RSD Exclusive Release, на кое со една песна е застапен и самиот со бендови и артисти како Mike Watt + THE SACONDMEN, DISCIPLIN A KITSCHME и THEE MELOMEN, а за кое обвивката е на бескомпромисниот Душан Којиќ - Која.

Атанасовски знае да каже дека првите винилни изданија што ги добил на подарок биле албумите со детски песни на Никола Булатовиќ и Јова од 7 МЛАДИ, потоа самиот почнал да купува хардкор-панк изданија...низ рацете му поминале илјадници објави, а денес неговата колекција брои повеќе од 1.300 одбрани плочи.

„Јас во својот живот имам едно дваесеттина винилни изданија и мене тоа ми е доста битно затоа што тоа е дел од мојата култура. Плочите му го даваат на секој поединец оној момент кога треба да се одмори од сите влијанија во секој смисол. Винилите се добро потсетување на времињата коишто поминале и на оние што допрва следат, така да тие се дефинитивно прочовечки“, вели Амбасадорот.

Од друга страна, потписниците на манифестацијата одлучиле Васја Ивановски да биде промовиран во прва македонска „коекционерска легенда“ (Worldwide Record Store Legend). Во образложението за ваквата одлука се вели дека таквото признание му се доделува како на „долгогодишен пасиониран колекционер на физички изданија, редовен посетител на ретките македонски независни музички продавници, но најмногу поради неговата новинарска работа во 70-те години од минатиот век, кога преку своите написи, а потоа и со диџеј-сетовите успеа да инфицира со музика една армија на млади, кои подоцна стануваа музичари или редовни посетители на тогаш единствените државни музички продавници. „Во најмала рака, преку своите активности, стави минимум едно камче во мозаикот, кој и ден денес го составувавме, а кој ни е основа во препознатливиот урбан македонски музички идентитет – пишуваат тие“.

„Со музика се занимавам цел живот. Се уште имам солидна колекција на винили кои, на некој начин, и медиумски ги промовирав преку новинарските записи и радио емисиите. Ова признание ми импонира и не се однесува само на мене, туку верувам и на сите колекционери на плочи кај нас чии винили претставуваат добар дел од нивните животи. Винилот повторно доминира во светот што во секој случај е добра вест за музиката воопшто“, вели Ивановски.

Сепак, историчноста на овој славенички ден посебно ќе биде бележана со две ексклузивни и исклучително важни промоции за македонската (суб)културна сцена.

Најнапред ќе биде претставен албумот на култниот македонски бенд ПАДОТ НА ВИЗАНТИЈА - „Почеток и крај“ ( LP, со бонус CD и 24 страници 12” буклет проследен со референтен историјат на групата, записи од списанија и многу оригинални фотографии), кој по неколку параметри се смета за сосема уникатно издание во целата македонска дискографска историја и на кое се поместени архивски материјали, песни што никогаш порано не биле објавени на единствен носач на звук. Според многумина, „се работи за материјал што е Светиот Грал на македонската андерграунд сцена“.

Во негова близина е и промоцијата на вториот албум на македонскиот кантавтор Крсте Роџевски, кој подолго време живее и твори во Њујорк, во САД. По извонредното деби со „Batania“ во 2015, Роџевски еве го „Горчливи Бадеми“ (Bitter Almonds), од кој две песни се најдоа на саундтракот за „Бикини Мун“, новиот филм на Милчо Манчевски, кој пак ја дизајнираше обвивката за носачите на звук.

Конечно петчасовниот настан ќе биде поддржан со диџеј сетовите на Атанасоски, Александар Гавровски (PMG Collective) и Гоце САФ како и со концерти на француските бендови PAUWELS, PARTOUT PARTOUT и Германците THE JEFFK.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG