Продолжувајќи ја безмалку невозможната мисија за едукација и хигиената на сетилата на генерациите коишто допрва доаѓаат и кои нималку не ја трпат реата на се поагресивната турбоизација на духот на разнебитено Скопје и жална Македонија, од Младинскиот културен центар со здрава мисла канат на шестото издание на Интернационалниот фестивал на нова музика - „Здраво млади“. И, овој пат ракавицата е фрлена со одбир на кој му нема мана и кој ветува вовед во есенцијата на прогресивните стремежи на светската, та ако сакате и домашната субкултурна сцена.
Се надевам, се молам, преколнувам дека сево ова ќе биде разбрано како апел и дека ќе имаме што поголем број на млади во публиката затоа што нам, како Младински културен центар и фестивал „Здраво млади“ ни треба младата популација.Златко Стефковски, директор на Младинскиот културен центар
Од таму, според звучноста на имињата на учесниците, неминовно во преден план доаѓа она на Ли Раналдо. За него само потсетување дека станува збор за американски гитарист и кантавтор и за еден од основачите на денес култните СОНИК ЈУТ. Тој заедно со Трстон Мур, дефинитивно еден од најзначајните алтер-рок бендови во историјата, го редефинира звукот на гитарата и од магазинот SPIN беа вклучени во редот на најзначајните инструменталисти на сите времиња.
По распаѓањето на составот, Раналдо ќе ја почне соработката со музичари како Нилс Клајн (ВИЛКО), Стив Шели, Џон Медески, Џим О-Рурк, снимајќи го најнапред „Beetween Times and the Tides“ (2012), а потоа, во малку изменета постава и албумот „Last Night on Earth“ (2013), двата во издание на угледниот Матадор рекордс. Конечно, Ли Раналдо стои зад дел од музиката во извиканата телевизиска серија „Винил“, во која своите авторитети ги заложија Мартин Скорсезе и Мик Џегер.
Од друга страна, МУН ДУО е проект на Ерик Рипли Џонсон од ВУДЕН ШИПС и Санае Јамада. Тие се новите херои на познатата психоделичната сцена на Сан Франциско, а моментално ја одработуваат промотивната турнеја за својот трет албум „Shadows of The Sun“, полн со „бизарни денс-ритмови, репететивни, груби рифови, космички буги звуци, па дури и екстатични убави моменти“.
Во програмата бележито е и присуството на Чилеанците ФОЛАКЗОИД, кои патем сопственото звуковно наследство од Андите го вкрстуваат со современите ритми креирајќи така специфична минималистичка атмосфера, тука се и данско-финската комбинација ЛИМА (членовите на ЕФТЕРКЛАНГ и перкусионистот Тату Ронко), па албанскиот инди/диско/панк бенд ТАЈЦИДО, ДИЏЕЈ ФИЦ (за кого се вели дека го има најдобриот двочасовен псајкоделик-сет во светот) и конечно домашната хип-хоп групација, лутите ЛЕГИЈАТА, кои по цели осум години од деби изданието „Лош ден за империјата“ еве ги со втората објава, бескомпромисниот „Легијата на Проколнатите“.
Златко Стефковски, директор на Младинскиот културен центар, во пресрет на случувањето, знае да каже дека тие како организатори веќе размислуваат „Здраво млади“, од една критична алармантна точка, да го преименуваат во „Алллоооооо млади!!!“. Вели дека фестивалот е значаен и отрезнувачки во поглед на подигнување на сеопштото (суб)културно ниво кај новите генерации. Дополнува дека тој се воздигна во случување за кое веројатно им течат лиги во Будимпешта, Солун, Белград, Софија и другите балкански метрополи бидејќи на него доаѓаат имиња кои се дефинитивно поинакви, кои донесуваат специфична естетика и кои нешто значат. Имиња кои ги посетуваат големите европски културни прибежишта и кои ги слушаме и гледаме тогаш кога се најкреативни овде кај нас во Скопје.
„Се надевам, се молам, преколнувам дека сево ова ќе биде разбрано како апел и дека ќе имаме што поголем број на млади во публиката затоа што нам, како Младински културен центар и фестивал „Здраво млади“ ни треба младата популација. Не ни требаат изградени личности кои добро знаат кои се имињата кои доаѓаат и нивното значење. Останува и вербата дека во оваа сеопшта полуанархична состојба во однос на духот и во однос на вредностите денес „Здраво млади“ ќе помогне и во овој океан ќе биде една капка надеж, утеха и нов почеток“, вели тој.