Достапни линкови

Турнејата на Јункер не донесе ништо ново


Политички изјави преку кои беа повторени старите пораки, анализираат упатените по завршувањето на балканската турнеја на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер. Држете се до реформите и решавајте ги проблемите со соседите ако сакате да бидете дел од ЕУ, порача Јункер.

Балканската турнеја на првиот човек на Европската комисија Жан-Клод Јункер имаше повеќе политичко значење и во таа смисла не донесе ништо ново од она што веќе го знаевме во однос на стратегијата за идното проширување. Оценката на аналитичарите укажува на тоа дека Јункер, чиј мандат завршува следната година, имал за цел да ја поправи првичната изјава како претседател на Комисијата, кога јасно кажа дека нема да има проширување за време на неговиот мандат.

„Она што сепак го видовме е дека Јункер даде една политичка изјава повторно, а тоа е дека делумно нашите политичари ја сфатиле неговата порака, која цело време се пренесува, а тоа е дека треба да се држиме до реформите“, изјави Александра Ивановска, од Институтот за европска политика.

Политичкиот аналитичар Џељал Незири вели дека пораките на Јункер биле реални, а не љубезни. Реформите и решавањето на проблемите се наметнуваат како главни услови кои земјите од Западниот Балкан треба да ги спроведуваат за да пристапат кон ЕУ, заклучува Незири по посетата на Јункер на Балканот.

„Jункер самиот се увери дека владите на Западниот Балкан се склони кон корупција и избегнување на проблемите со соседите. Секоја од земјите на Балканот имаат проблеми кои воопшто не се лесни и треба да се решаваат“, вели Незири.

Еуфоријата околу можната препорака за добивање датум за отварање на преговорите за членство во ЕУ, според нашите соговорници, е пренагласена, оти препораката и порано ја имавме, но во меѓувреме ја изгубивме.

„Препорака за отварање преговори од Комисијата сме имале и претходно. Така што ние само би се вратиле на тоа што го имавме пред 2015 година. Сепак, тоа е некаков исчекор напред, ако се има предвид дека препораката две години беше замрзната. Но, тоа секако не значи дека ако добиеме препорака, готово е, влеговме во Европската унија, има уште многу работа додека да стигнеме до таму“, укажува Ивановска.

Незири додава дека во интерес и на ЕУ е интеграцијата на Западниот Балкан.

„Ова според мене е добра шанса за Македонија да пристапи кон спроведување на сите критериуми што ги бара Европската унија и да може да го достиге датумот кој е поставен од ЕУ, а тоа е 2025 година. Ако се земе предвид искуството на Хрватска која осум години по почнувањето на преговорите стана членка, тогаш пораките на Јункер треба да ги сфатиме како реални, под услов во земјите од Западниот Балкан, вклучително и Македонија, да има консензус за евроинтеграциите“, заклучува Незири.

Првиот човек на комисијата од Софија порача дека во оваа фаза ниту една од земјите од Западниот Балкан не ги исполнува сите услови за влез во ЕУ. Сепак, додаде дека постои огромен напредок кај земјите од овој блок. Јункер меѓудругото, порача дека неопходно е решавање на отворените билатерални прашања меѓу земјите од Западниот Балкан за да може успешно да се интегрираат во ЕУ иако е невозможно сите да станат членки до 2019 та.

Во февруари Европската комисија ја претстави својата нова стратегија за интегрирање на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија. Во неа приемот за Црна Гора и Србија во ЕУ се предвидува до крајот на 2025 година, со тоа што пристапните преговори би завршиле во 2023 година. Македонија и Албанија се очекува да ги почнат преговорите во 2019 година, но во неа Комисијата порачува дека нема да увезува билатералните спорови.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG