Македонија во духот на добрососедските односи со Грција го преименува автопатот кон Грција, името на аеродромот во Скопје, а синоќа го отстрани и споменикот на Александар Македонски од аеродромската зграда. Ова според очекувањата на власта има за цел да резултира со продлабочување и подобрување на комуникацијата меѓу Македонија и Грција.
По демонтирање на споменикот синоќа од аеродромот има различни коментари на социјалните мрежи - од одобрување до негативни реакции, па и најави за блокирање на аеродромот од некои организации.
Експертите велат дека е добро што владата ова го прави, затоа што ова беше наследен проблем од претходната влада.
Преминувањето на автопатот и на аеродромот доаѓа по средбата минатиот месец меѓу македонскиот премиер Заев и Ципрас, а чекорите Македонија ги спроведува без одлагање и пред да биде постигната договор со Грција за спорот за името,
Поранешниот амбасадор на Македонија во Грција, Љупчо Арсовски, вели дека јакнејќи ги националните чувства на граѓаните претходната влада ги заостриле односите со Грција и дополнува дека со тоа наштетила и на преговорите за спорот со Грција за името.
„Многу е смешно да тргувате со нешто што е направено намерно. Тоа го направи претходната власт за да го подигне моралот кај својот електорат и да купуваме време во преговорите. Добро е што ние го направивме тоа и покажуваме дека има сосем поинакво видување за иднината на Македонија, дека иднината не може да биде ниту Алексанар, ниту неговиот татко Филип итн.“, вели Арсовски.
Арсовски вели дека властите и политичарите ги користат имињата на личности од историјата за подгревање на емоциите и оти тоа создава проблеми.
„Своевремено Грција го смени името на аеродромот во Македонија. Нашата страна не направи никаков проблем, зашто тоа е дел од еден географски регион. Но кога двете земји влегоа во сериозен конфликт кој го предизвика една страна околу разликата со името, во еден период од 2006 година скоро 11 години ја свртевме страницата во она што значи дипломатија, историја и комуникација, која не може да се препознае за една земја која сака да биде дел од НАТО или ЕУ или сака да оди напред. Ова може да ни оди во корист, а не да се смета како фалинка. Ние се вративме на старите позиции од 1991 година дека Македонија има евроатланска иднина“, вели Арсовски.
Тој укажува дека и аеродромот во Тирана е наречен по Мајка Тереза која е родена во Скопје.
„Ние не направивме проблем, тоа се светски имиња како и Александар како стратег и од тоа не треба да се прави никаков проблем, но властодршците играат со емоциите на луѓето и ете тоа се случува“, вели Арсовски.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во врска со преименувањето на автопатот и на аеродромот упати до владата прашање дали овие активности се дел од некоја поширока стратегија или пак станува збор за едностран чекор на актуелната Влада. Од партијата посочија дека доколку е во прашање некаква стратегија, Владата треба да ги информира граѓаните за придобивките, а доколку станува збор за второто легитимна е загриженоста дека земјава прави еднострани отстапки, а не добива ништо.
Според Артан Груби од владеачката ДУИ оваа влада со Грција престанала да разговара со јазикот на спомениците и верува дека тоа ќе придонесе за решавање на спорот за името.
„Мерките влеваат доверба меѓу страните и помагаат во решавање на спорот. Претходно тие мерки беа причина за заостврување на јазикот меѓу Скопје и Атина и резултатот кој го видовме во Букурешт“, изјави Груби од ДУИ.
Во меѓувреме во очекување на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, кој наскоро треба да пристигне со предлог договор, кој Грција го предлага како можна основа за решавање на спорот за името во јавноста нема информации дали тој како одговор на позитивните промени за прв пат ќе дојде на „Меѓународниот аеродром Скопје“ или ќе пристигне по автопатот „Пријателство“.
Претходно претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер кој од Македонија ја почна неговата балканска турнеја изјави дека кога слетал на аеродромот видел позитивни промени.
„За време на Европскиот совет во Брисел, разговарав со грчкиот премиер Ципрас и му кажав да остане на веќе отпочнатиот процес и можев да забележам, доаѓајќи на аеродромот дека нешто се сменило во однос на целокупната состојба“, изјави Жан Клод Јункер.