Достапни линкови

Балканот во ЕУ само со решени спорови


Поучена од досегашните искуства, ЕУ е решена да не увезува нови проблеми. Исто така, новите земји-членки од Западниот Балкан што ќе влезат во Унијата, нема да може да ги блокираат оние што не влегле.

ЕУ се изгоре на спорот меѓу Словенија и Хрватска, па сега дува на целиот Западен Балкан. Унијата сега е решена да не увезува отворени прашања меѓу земјите членки и затоа бара тие да си ги решат проблемите пред да влезат. Поучена од досегашните искуства, ЕУ исто така објави дека новите земји членки што ќе бидат примени во Унијата, нема да може да ги блокираат другите држави од Западниот Балкан коишто сè уште не влегле. Така, на пример, ако Црна Гора влезе прва, таа нема да може да им наметнува дополнителни услови на Македонија, Србија, Албанија, Косово и на Босна и Херцеговина. Тоа, сепак, е мала утеха за Македонија, затоа што забраната за блокирање не важи за Грција, со која земјава има децениски спор за името.

Во Стратегијата на ЕУ за Западниот Балкан се наведува дека „мора да се воспостават посебни договори и задолжителна обврска за да се обезбеди дека новите земји-членки нема да бидат во позиција да го блокираат пристапувањето на другите кандидати од Западниот Балкан“.

„Исто така ќе бидат потребни посебни договори во однос на националните јазици на идните земји-членки“, се наведува во Стратегијата.

Се поставува и амбициозна временска рамка дека земјите од Западниот Балкан би можеле да влезат во ЕУ до 2025 година. Сепак, таа година не е поставена како краен рок, туку како можност.

По претставувањето на Стратегијата, евроамбасадорот Самуел Жбогар рече дека Македонија остварила значаен напредок во изминатите месеци во однос на реформите и оти во стратегијата се наведува дека Европската комисија е подготвена да даде препорака за почеток на преговори за членство на земјава во ЕУ.

Тоа беше доволно за македонските власти да изразат задоволство од Стратегијата. Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи рече дека Македонија очекува чиста препорака за почнување преговори за членство.

„Што значи дека Македонија со овој тон што е даден во стратегијата, што беше дел од нашите очекувања и е причина зошто ние сме задоволни, е фактот што вели дека Македонија кога ќе почне да преговара може да ги престигне и првенците во процесот на интегрирање ако тоа го покаже со резултати“, вели Османи.

Нема во ЕУ без решени проблеми

Еврокомесарот Јоханес Хан
Еврокомесарот Јоханес Хан

Европските функционери постојано повторуваат дека Македонија мора да ги реши отворените прашања за да може да влезе во НАТО и да ги почне преговорите со ЕУ. Еврокомесарот за преговори за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан, рече дека ЕУ има намера да и даде препорака за почеток на преговорите на Македонија, но оти мора да бидат исполнети „одредени услови“.

„Една од јасните пораки на оваа стратегија е дека ЕУ, нејзините земји членки, никогаш нема да прифатат нови земји членки, кои ги немаат решено своите билатерални, постоечки спорови, конфликти, како и да ги наречете“, рече Хан пред две недели во Стразбур.

Слична порака во Скопје пренесе евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој нагласи дека добрососедската политика е важна вредност за Унијата.

Кипар беше примен во ЕУ во 2004 година, иако островот е поделен на грчки и на турски дел уште од 1974. Во 2013 година, пак, беше примена Хрватска, која има територијален спор со Словенија за морската граница во Пиранскиот Залив. Двете земји не можеа меѓусебно да го решат спорот, па одеа на меѓународна арбитража. Иако пресудата е донесена, сè уште има проблеми, затоа што Хрватска не ја признава новата граница.

Се чини дека тоа ја прелеа чашата во ЕУ, која сега е одлучна да не внесува отворени проблеми во својот двор.

Аналитичарите со кои разговаравме велат дека не се работи за двојни стандарди на Унијата, туку за научени лекции од минатото. Андреја Стојковски од Центарот за европски стратегии Евротинк вели дека ЕУ ја научи лекцијата од спорот меѓу Словенија и Хрватска.

„Ако ги слушавме добро и претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер и потпретседателот Франс Тимерманс, и двајцата зборуваа за спорот меѓу Словенија и Хрватска. Едниот рече дека тоа веќе излегува од проблем меѓу државите Словенија и Хрватска, туку станува сега веќе проблем на ЕУ. Тоа е моментот на научената лекција, којшто во новата стратегија е многу јасно дефиниран – дека повеќе нема да има можност ниту еден од споровите да биде пренесен во членството, дека сè ќе мора да се затвори и да се дефинира до крај, до пристапувањето во членството“, вели Стојковски.

Со сличен став е и Зоран Нечев од Институтот за демократија Социетас цивилис. Тој вели дека се предвидува зголемено учество на Европската комисија во решавањето на проблемите и во создавањето на атмосфера за добрососедски односи.

„Дури има една реченица во Стратегијата во којашто се вели дека се повикуваат „сите земји“. Притоа не се специфицира на кои земји се однесува, како што беше претходно со новите земји-членки коишто ќе доаѓаат од Западниот Балкан, туку ова се однесува на сите земји да се воздржат од злоупотреба на отворените билатерални прашања со земјите од Западен Балкан во ЕУ-интегративниот процес. Ова исто така е многу битно, зашто ова е повик на ЕК и за самите земји-членки.“

РСЕ: Ова може да се чита и како повик до Грција меѓудругото.

„Апсолутно. Грција е една од земјите. Затоа не велат западнобалканските кандидати, туку ја користат фразата сите држави“, вели Нечев.

Името и светлото на крајот од тунелот
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:23 0:00

Забрана за државите од Западниот Балкан меѓусебно да се блокираат

Сепак, тешко е да се поверува дека Грција ќе го прифати тој необврзувачки повик и ќе ѝ дозволи на Македонија да напредува во евроинтегративниот процес без решавање на спорот за името. Поучена од досегашното децениско искуство во спорот меѓу Македонија и Грција, ЕУ предвидува новите земји-членки од Западниот Балкан коишто први ќе влезат во Унијата, да не може да им наметнуваат дополнителни услови на тие што сè уште не влегле. Тоа правило сепак не се однесува на сегашните членки, како што е Грција.

„Јас сум скептичен во оваа смисла. Она што пишува во новата Стратегија е дека ќе се направат некои посебни услови и ќе се воспостават некаков вид на неотповикливи механизми, специјално за новите земји-членки. Значи посебно се потенцира дека тоа ќе се однесува на новите земји-членки, за истите да не бидат во позиција да го блокираат пристапувањето на другите земји од Западниот Балкан. Да не заборавиме дека и Турција е сè уште во процесот на преговори, но тука во оваа стратегија експлицитно станува збор за можноста да не биде блокиран приемот на останатите земји од Западниот Балкан, така што имаме чиста, да речеме, географска одредница за кои земји станува збор“, вели Нечев.

Македонија нема отворени гранични спорови со ниту еден соседи. Со Албанија нема отворени прашања, завршена е демаркацијата на границата со Косово, со Србија има отворено прашање меѓу црквите, но тоа не е проблем меѓу владите. Сепак, искуството покажува дека балканските земји многу лесно може да си најдат меѓусебни проблеми и таму каде што ги нема. Новата стратегија на ЕУ значи дека Македонија треба да ги реши проблемите што досега ги има и дека во меѓувреме нема да излезат нови.

Во моментов земјата е оптоварена со проблем со Бугарија, кој е на добар пат да биде затворен по потпишувањето на Договорот за добрососедство и спорот за името со Грција, за кој владата изразува оптимизам дека би можело наскоро да биде решен.

Спорот меѓу Словенија и Хрватска беше решен со меѓународна арбитража. Хрватска и Србија исто така имаат граничен спор и претседателите на двете земји рекоа дека, ако не успеат да го решат сами, ќе одат на меѓународен суд. Македонија нема гранични спорови со ниту еден сосед, но се чини дека нејзините проблеми потешко се решаваат.

Стојковски вели дека правните проблеми секогаш полесно се решаваат од политичките.

„На реалните проблеми веројатно е полесно да се аплицираат одредбите на меѓународните конвенции и да се разрешат согласно одредбите на меѓународните конвенции. Спорот којшто Македонија го има со Грција или Грција го има со името на државава, еве за да ги задоволиме сите учесници во јавниот дискурс, е повеќе политички отколку правен спор“, вели тој.

Македонските власти се надеваат дека спорот за името до Грција може да биде решен до Самитот за НАТО во јули, за земјава веднаш да стане членка на Алијансата и да може да ги почне преговорите за членство во ЕУ.

ЕУ не сака увоз на спорови од Балканот

ЕУ не сака увоз на спорови од Балканот
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:01 0:00

Со проблеми со соседите се соочува целиот регион. Можат ли земјите од Западниот Балкан да ги решат несогласувањата, ако се има предвид на кој начин реагираат кон своите соседи во нивните спорови? Секако дека станува збор за прашања кои задираат длабоко во историја, дополнително оптоварени со последните крвави конфликти на Балканот. Можен ли е мораториум на овие теми, како што најави српскиот претседател Александар Вучиќ пред неговата посета на Хрватска, со цел земјите да зачекораат во иднината?

Гоце Атанасов

Освен оној најактуелниот кој трае над 25 години, околу името Македонија, одбивањето на Србија да ја признае независноста на својата поранешна покраина Косово - нешто што е прифатено од повеќето, но не и од сите држави на ЕУ - е уште еден пример на нерешливи регионални спорови кои ја загрозуваат европската интеграција на Западен Балкан. Спорови има и меѓу самите членки на Унијата, како на пример меѓу Хрватска и Словенија за поморските води. Грција и Албанија, според некои наводи, воделе тајни преговори за низа прашања што ги оптоваруваат како прашањето за Чамите, етнички Албанци во западна Грција и ексхумацијата на останките на скоро 8 илјади грчки војници загинати во Албанија за време на Втората светска војна.

Војната ги оптоварува и односите меѓу Србија и Косово, како и меѓу Хрватска и Србија чии претседатели Колинда Грабар Китаровиќ и Александар Вучиќ деновиве во Загреб рекоа дека иднината е таа што треба да ги поврзува двете земји.

„За жал односите меѓу Србија и Хрватска сè уште се оптоварени од историјата за која сега нема да зборуваме“, рече хрватската претседателка.

„Во наредните стотина денови ќе се обидеме да ја смениме атмосферата и да им покажеме на граѓаните на Хрватска дека од наша страна е можно да се понудат и поинакви одговори“, рече Вучиќ.

Токму поинакви одговори бара Европската унија од земјите на Западниот Балкан. На почетокот на февруари, Унијата излезе со нова стратегија за проширување кон Балканот при што е посочено дека е можно Црна Гора и Србија да станат членки на Унијата до 2025 година. Секако, доколку ги решат меѓусебните спорови.

Интересна е пораката во врска со ова на шефот на Делегацијата на ЕУ во Босна, Ларс Губар Вигемарк:

„Она што ви треба сега, би рекол, се политички лидери со визија. Визија која не оди само до следните избори или математиките колку места може да добиете или колку места ќе имате во јавните претпријатија и слично, туку каде сакате да биде оваа земја по пет или шест години“, рече тој.

Но, се чини дека поинакви одговори треба да даде и Брисел кој и натаму е поделен околу плановите за членство на балканските земји. Некои од членките на дводневниот министерски состанок во Софија предупредија дека доколку Унијата не го забрза процесот за прием на земјите од Западен Балкан ќе расте руското и кинеското влијание во регионот. Така за бугарскиот премиер Бојко Борисов, ова е прашање на „сега или никогаш“, а шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто пак вели:

„Ако ние сериозно го сфаќаме тоа што ние, Европската унија, би сакале да бидеме победници во однос на стратегиите и во врска со напорите на Западен Балкан, треба да бидеме многу побрзи. Зошто да не ги интегрираме Србите и Црногорците многу побрзо од 2025 година“, праша тој.

Сепак, некои министри сметаат дека тоа е премногу оптимистички. Еден од нив е и министерот за надворешни работи на Словенија, Карл Ерјавец:

„Не е реално. Словенија има 20-годишен дијалог со хрватската страна за да најде решение во врска со границата помеѓу Словенија и Хрватска“, рече тој.

Според него, сличните проблеми како на пример граничниот меѓу Босна и Херцеговина и Црна Гора ќе го отежнат проширувањето на ЕУ на Балканот.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG