Достапни линкови

Владата не очекува поактивна улога од Германија за спорот за името


Премиерот Зоран Заев и владината делегација во посета на Берлин​.
Премиерот Зоран Заев и владината делегација во посета на Берлин​.

Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција ја отфрли можноста за активно вклучување на Германија во спорот, имајќи ја предвид денешната средба меѓу Меркел и Заев и телефонскиот разговор кој германската канцеларка го имала со грчкиот премиер Алексис Ципрас. Експерите очекуваат Германија да изврши влијание за решавање на спорот.

Од Владата не очекуваат поактивна улога на Германија во решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција во пресрет на денешната средба на премиерот Зоран Заев со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин. Но, експертите очекуваат Германија да го искористи своето влијание со цел да изврши притисок за затворање на прашањето. Заев е придружуван и од високата владина делегација составена од министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција ја отфрли можноста за активно вклучување на Германија во спорот, имајќи ја предвид денешната средба и телефонскиот разговор кој Меркел го имала со грчкиот премиер Алексис Ципрас пред нејзиното одржување.

Не. Отсечно не. Преговорите се водат под закрилата на ОН и медијаторот Метју Нимиц. Се работи за билатерална средба на која што ќе се разговара за повеќе работи, економски прашања“, посочи Бошњаковски.

Бошњаковски истакна дека интензивирањето на преговорите, отворањето на прашања кои не биле дискутирани во изминатите 25 години и приближувањето и самите разговори се доволен показател дека постои простор за оптимизам за решавање на спорот.

Професор Нано Ружин смета дека Германија е еден од водечките поддржувачи на земјите од Западен Балкан и заинтересирана е за нивна евроатланска интеграција.

Според тоа, оваа посета прво е мошне значајна за Владата на Република Македонија и за спорот со Грција околу името, затоа што Германија е значаен играч и таа има големо влијание и во Атина и мислам дека само може да помогне во брзо решавање на спорот“, вели Ружин.

Ружин додава дека средбата на Меркел со Заев е и признание за новата власт, бидејќи претходната беше критикувана за владеење на правото, слободата на медиумите и други области. Според него, освен за решавање на спорот за името од Германија очекува да го охрабри и процесот на спроведувањето на реформите.

„Така што целиот овој комплекс на прашања исто така ќе биде на дневен ред во смисла на охрабрување на реформите со кои што се занимава оваа Влада и да не заборавиме дека Германија е членка и на ЕУ и на НАТО, значи претпоставувам ќе даде доволен ветар во едрата на Владата на Заев за да се отпочне со што поинтензивен напредок кон евроатланските интеграции“, посочува тој.

По средбата Заев и Меркел, како што соопшти владината прес-служба, ќе имаат заедничка прес-конференција на која ќе ги презентираат најважните прашања од нивните разговори од интерес на двете земји.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG