Достапни линкови

Грчката јавност не е подготвена за импулсот во преговорите за името


Македонија и Грција имаат интерес да го решат спорот за името
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:57 0:00

Македонија и Грција имаат интерес да го решат спорот за името

Двете страни го користеа проблемот околу името како политички капитал и време е прашањето да се затвори, вели во интервју за РСЕ, Филиос Стангос, директор на Јавниот сервис на Град Солун. Грчките медиуми и јавноста, вели тој, не беа подготвени за новиот импулс во преговорите. Со него разговараме за името, медиумскиот пристап и лажните вести кои ги следат последните актуелности во македонско - грчките преговори за името.

Господине Стангос, вие сте извршен директор на јавниот медиумски сервис на Град Солун. Каква е вашата оценка за односот на грчките медиуми за прашањето за името?

Грчките медиуми не беа подготвени за новиот импулс, кој ова прашање го достигна последниве месеци и затоа пристапот кон ова прашање е измешан. Од една страна, имате медиуми, еве да ги наречеме, поодговорни медиуми кои го следат ова прашање и кои паметат дека позицијата на грчката Влада во последните 10 - 15 години беше и е во насока на постигнување решение со сложено име, а од друга страна имаме медиуми кои повеќе се стремат кон тоа да ѝ на штетат на јавноста и тие се повеќе националистички, во смисла да не се прифаќа сложено име. И тие се за име во кое нема да биде вклучен зборот Македонија.

Можете ли да бидете попрецизен. Како грчките медиуми ги следат последните случувања во преговорите меѓу нашите министри за надворешни работи во Брисел и меѓу премиерите. Дали имаат различен медиумски пристап?

Има. Има различен пристап, но не прецизно во врска со преговорите, бидејќи сè што излегува од преговорите го има во сите медиуми. Но, во однос на неодамнешните протести на 24 јануари, тука во Солун, и на 14 февруари во Атина, може да видите поразличен пристап на грчките медиуми. Има медиуми кои на овие демонстрации им дадоа контекст на нештата, зборувајќи за тоа кога се почна пред 26 години и како тоа еволуираше до сега, и медиуми кои, единствено зборуваа за волјата на грчката јавност да не прифати име кое го вклучува терминот Македонија. Тука имате два типа на пристапи. Едниот, јас би го нарекол поодговорен, а другиот, да речеме се однесуваа како прашањето сега да е почнато, без никаква позадина и длабочина, за тоа како дојдовме до тука.

Дали забележавте лажни вести или медиумски манипулации на оваа тема?

Не можам да зборувам за манипулации во медиумите, но има лажни вести. Живееме во ера на социјални мрежи, како Фејсбук, и тие платформи се расадници на лажни вести. Кога сè започна во 1992 година не постоеше Фејсбук и такви платформи. На пример кога почнаа протестите во Солун на 21 јануари циркулираа многу лажни вести. Имаше приказни дека на автобуси со демонстранти не им било дозволено да дојдат на протестите. Тоа беше целосна лага. Друга лажна вест беше дека градоначалникот на Солун, господинот Бутарис, не им помага на демонстрантите, не им дава струја. Ние исто така од нашата телевизија, која е телевизија на Градот Солун, известувавме за протестите, но половина од населението од Солун веруваше дека тоа не е така, само заради тоа што лажна вест циркулираше низ социјалните мрежи. И ова не е толку поврзано со ова прашање, колку што е поврзано со времето со кое живееме. Од ваша страна имавме лажна вест во врска со памфлетот за демонстрациите во Атина со онаа страшна фотографија на која вашите луѓе беа претставени како монструми. Тоа е целосно лажно, бидејќи такви памфлети не циркулираа, но ние живееме во ерата на лажните вести.

Колку јавноста во Грција го прифаќа новиот импулс за ова билатерално прашање?

Да речеме дека имаше став големото мнозинство не прифаќаше сложено име, вклучувајќи го и терминот Македонија, но според моето мислење, тоа исто така, се должи и на фактот дека луѓето во Грција беа влијание на целиот процес на антиквизација во вашата земја и не бевме информирани околу новиот импулс кај вас. Ако на нашите билатерални односи погледнеме како на нишалка, почнуваме од една крајност дека грчката позиција беше да не се прифати употреба на терминот Македонија во името на вашата земја, и одиме до другата крајност и антиквизацијата за време на режимот на Груевски. Овој десетгодишен период на режимот на Груевски беше виден како доказ дека се оправдани стравовите на грчката јавност. Новиот импулс се случува сега за јавноста да биде информирана за него и дека тој, пред сè, се случува поради промената на власта во Скопје. Грчката јавност не беше доволно добро подготвена, тие се уште мислеа дека во Скопје уште има режим како оној на Груевски и затоа има големи стравови. Тие се уште мислат дека тоа и натаму се случува и согласно тоа така реагираат. Ако имавме повеќе време да ја информираме јавноста дека работите се сменети од другата страна на границата, дека има бавна, но сигурна транзиција од антиквизација кон нешто повеќе прифатливо, тогаш јавното мислење немаше да биде толку претпазливо.

Постои силно верување дека сега е време за решавање на прашањето за името. Се согласувате ли со тоа?

Да се согласувам. Ова е прашање кое трае предолго и беше користено како политички капитал од двете страни. Вашата земја бара стабилност со приклучувањето во евроатлантските институции. Мислам дека Грција има секаков интерес да го заврши ова прашање и да оди напред кон нормални односи и, да речеме, да ја материјализира придобивка во смисла на економските односи и поголема блискост меѓу двата народи. Ние во Солун тоа го знаеме подобро. Ние имаме граѓани од Поранешна југословенска република Македонија кои доаѓаат тука да трошат пари, кои одат на Халкидики на летни одмори. На лична основа работите одат добро и да најдеме решение прифатливо и од двете страни на границата. Мое лично мислење е дека тоа треба да биде сложено име, треба да бидеме способни да го изменаџираме ова. Ние грчките Македонци да бидеме јужно Македонци или старо Македонци, и согласно на тоа од другата страна на границата да имаме ситуација во која зборуваме дали ново Македонци или северно Македонци или горно Македонци или славо Македонци. Но, ако ние најдеме начин да дојдеме до решение за ова прашање кое е прашање на терминологија, и двете страни знаеме дека зборуваме различни јазици, имаме различни етно-лингвистички карактеристики. Ако најдеме решение да користиме правилен термин и за едната и за другата страна тогаш ќе одиме напред и да креираме вистински пријателски односи.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG