Достапни линкови

Бугарија условува, но нема да санкционира


Радев: Идното име на Македонија да не и штети на Бугарија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:20 0:00

Радев: Идното име на Македонија да не и штети на Бугарија

Од третирањето на заедничкото минато зависи европската перспектива на Македонија. Бугарија не прифаќа географска одредница на името која опфаќа делови од нејзината територија, порача бугарскиот претседател Румен Радев, кој е во официјална посета на Македонија.

Европската перспектива на Македонија зависи од тоа како ќе го третира заедничкото минато со Бугарија, која се противи и на евентуалното решение на спорот за името да содржи географска одреденица која ќе биде на штета на Бугарија. Ова го кажа бугарскиот претседател Румен Радев на заедничката прес-конференција со македонскиот претседател Ѓорге Иванов по средбата во вилата Водно.

Радев порача дека експертските комисии на Бугарија и на Македонија е многу важно да проценат дали има спорни прашања меѓу двете земји и како тие да се решат.

„Ние имаме заедничко минато и од самото третирање на тоа минато зависи европската перспектива на Македонија“, рече Радев.

Според него, двете земји кои имаат заедничко минато покажале дека може да ги решаваат проблемите за да имаат заедничка иднина со постигнувањето на договорот за добрососедство и пријателство. Во однос на спорот за името, Радев истакна дека решението треба да се најде преку директни и чесни преговори, кои ја засегнуваат и Бугарија, но ја отфрли можноста од преземање на санкции.

„Ние јасно ја кажавме нашата позиција. За нас е важно идното име како резултат на преговорите да не содржи географска одредница која опфаќа делови од територијата на Бугарија. Јас верувам дека ќе се најде разумно решение кое ќе ги задоволува сите страни“, додаде Радев.

Иванов истакна дека го информирал Радев за преговорите во рамките на ОН. Ставот на Македонија, како што порача, е дека решението мора да се темели на повелбата на ОН, резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба со Грција и со пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

„Остануваме посветени да најдеме решение, но тоа решение не смее да биде на штета на трети држави и да вовлекуваме трети држави во овој билатерален проблем што го има Грција со нашето уставно име“, порача Иванов.

Радев додаде дека Бугарија е најсилниот адвокат за перспективата на Македонија во ЕУ и НАТО, но оти има уште многу земјата да работи во различни сфери.

Иванов истакна дека се реални можностите Македонија за време на бугарското претседавање со ЕУ да ги отвори преговорите за членство во Унијата и да добие покана за членство во НАТО на наредниот самит на алијансата. Иванов од Радев побара и потпишување на договор за стратешко партнерство меѓу двете земји. Бугарскиот претседател порача дека таквиот договор би бил многу важен и дека за тоа ќе дискутира со владата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG