Достапни линкови

Софија следна можност за преговори за името


Медијаторот Метју Нимиц со министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Медијаторот Метју Нимиц со министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Министрите Димитров и Коѕијас в четврток и в петок ќе престојуваат во Софија на состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ и на земјите - кандидатки, што е уште една можност за средба. Премиерот Заев рече дека има приближување во три од седумте точки во преговорите.

Од првичните седум појдовни позиции во преговарачкиот процес, приближување во ставовите има во три од нив, изјави премиерот Зоран Заев. Тој вели дека на средбата во Виена всушност почнал преговарачкиот процес, а сè досега било презентирање на позициите на двете страни. Но, вели Заев, за деталите останува да информира Министерството за надворешни работи.

„Не очекувавме ние премногу, пред сè има образложување на суштините на позициите на двете страни, со обид за меѓусебно разбирање. Медијаторот Нимиц го води процесот, тој ги знае работите што може и што не може да поминат. Мене ми е драго што се разглобени сите отворени прашања. Ако тргнеме од некои седум позиции коишто беа појдовни точки на разговорите, знам дека тоа е веќе намалено на четири, значи три се отклонети“, рече премиерот Заев.

Тој вели дека веројатно тие биле најлесните точки, но дека тоа е сигнал и за двете страни дека може да се изнајде решение. Заев останува на ставот дека нема потреба од интервенции во Уставот и дека добро се знае до каде може да се направат отстапки, а доколку се најде решение граѓаните ќе го имаат последниот збор, преку референдум.

„Тоа значи за нас е прифатливо име со географска одредница, односно ги отклонуваме сите други кои беа временска одредница, или некои други укажувања кои беа како предлози“, рече Заев.

Кусо соопштение по долгата средба

Идентично кусо соопштение објавија сите страни по седумчасовната средба за името во Виена. Во соопштението што истовремено го испратија и македонското и грчкото министерство за надворешни работи и канцеларијата на медијаторот на ОН се наведува дека средбата била конструктивна, но нема повеќе детали.

„По конструктивната средба која е дел од напорите за наоѓање на заедничко прифатливо решение за надминување на разликата околу името, Министрите за надворешни работи се согласија да ги продолжат напорите под покровителство на ОН“, се наведува во соопштението.

Во Виена првин се сретнаа министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас, за да ги усогласат ставовите за средбата со Нимиц следниот ден. Но за што точно зборувале, има ли исчекор, што се договориле, засега не се кажува. Досега пракса беше по средбите медијаторот Нимиц да дава изјави, но тоа не се случи овојпат.

Министерот Димитров по состаноците во Виена отпатува во Бугарија каде ќе се сретне со тамошниот државен врв. А предвидено е да учествува и на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и земјите-кандидати за членство во Унијата, што е уште една можност за средба со неговиот колега Коѕијас. Грчките медиуми пишуваат дека двајцата министри можно е да се сретнат во бугарската престолнина.

Грчки медиуми пишуваа и дека нацрт спогодбата која Коѕијас ја најави минатиот месец и која требаше да биде претставена на средината на февруари, не била доставена во Виена. Коѕијас тогаш најави дека Грција во февруари ќе и достави на Македонија спогодба во четири точки, што според Атина треба да биде основата за решавање на прашањето за името и отворање на патот на Македонија кон НАТО и ЕУ.

Од решавањето на името зависи влезот на Македонија во НАТО. Спорот за името е главната пречка, потврдува и амбасадорката на САД во НАТО Кеј Бејли Хачисон. Таа на брифинг со новинари рече дека Соединетите Американски Држави многу ја поддржуваат Македонија да стане членка на НАТО, но дека прашањето за името е голема пречка.

„Знам дека ние во САД работевме да има посредник. Обединетите нации работеа да има посредник посветен на прашањето за името и кога тоа е јасно, тогаш мислам дека Македонија е поддржана. И откако ќе се расчисти патот, секако ќе очекуваме да ги разгледаме сите реформи кои се преземани во Македонија. Таа е една од потенцијално најподготвените земји да стане следна членка на НАТО и знам дека САД многу го поддржуваат тоа и се обидуваат да помогнат. Прашањето за името е голема пречка во овој момент“, рече Хачисон.

Состанокот во Виена беше прв од новата етапа на преговорите, кој сега се води на министерско ниво. За ваков начин на преговори се договорија премиерите на двете земји на средбата во Давос, минатиот месец. Тие се договорија да направат и неколку отстапки.

На крајот на минатата година медијаторот Метју Нимиц на средбата во Брисел со преговарачите Васко Наумовски и Адемантиос Василекис рече дека разговорите ќе се интензивираат и дека средби ќе има секој месец. Потоа тие се сретнаа уште еднаш во Њујорк, по што Нимиц изјави дека дал нов сет идеи и предлози, но не соопшти кои. Грчките медиуми излегоа со информации дека предлозите биле Горна, Северна, Вардарска, Нова Македонија и Република Македонија(Скопје). Од македонска страна отпрвин не се коментираше за предлозите, но по неколку денови премиерот Зоран Заев само рече дека е прифатливо име со географска одредница, кое ќе биде достоинствено решение и нема да има потреба од промена на Уставот. Министерот Димитров, пак по средбата со Нимиц на 1 февруари во Скопје рече дека Македонија нема да преговара за идентитетот, односно ако се дојде до идентитетот решение нема да има.

Грција е на ставот дека името треба да биде за севкупна употреба, а тоа подразбира и промена на Уставот на Македонија. Тие бараат и повлекување на сите сомнежи за иредентистички ставови.

Анкета: Половина од испитаниците сметаат дека спорот може да се реши набрзо

Неодамна на брифинг во Скопје високи владини извори наведоа дека ако запнат преговорите не се исклучува можноста за влегување во игра на таканаречени дипломатски тешкаши, не презирајќи кои и од каде.

Анкетата на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС), што беше направено во периодот помеѓу 16 и 21 декември минатата година покажува дека 38,2 отсто од граѓаните би прифатиле промена на уставното име за меѓународна употреба со цел Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО, 47,1 отсто не би прифатиле промена, додека 14,7 отсто одговориле со не знам.

Четириесет и девет отсто од испитаниците сметаат дека спорот со Грција за името може да се реши набрзо, 27,9 сметаат оти брзото решение не е можно, додека 23,1 одговориле со не знам.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG