Согласност да се продолжат напорите за наоѓање на заедничко прифатливо решение за името под покровителство на ОН, изразиле министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас на средбата со медијаторот Метју Нимиц во Виена, соопштуваат од македонското МНР. Разговорите траеја повеќе од шест часа, по што од МНР само кусо соопштија дека на конструктивната средба се согласиле да продолжат напорите за изнаоѓање решение.
Нема информации дали на денешниот состанок се разгледувал нацрт-договорот, кој за средината на февруари го најави Коѕијас.
Минатиот месец Коѕијас рече дека кон средината на февруари ќе се разгледува нацрт договор кој треба да биде основа за решавање на спорот, доколку биде прифатен.
„Во оваа спогодба ќе бидат вклучени сите теми што се отворени во врска со името. Посебно поглавје за иредентизмот, но и за темите што се однесуваат на иднината на земјата, за нејзината интеграција во меѓународни организации и позитивна агенда, како можат дополнително да се развијат нашите односи“, изјави Коѕијас.
В четврток и в петок двајцата министри ќе се сретнат и во Софија, каде што се одржува неформален совет на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Поранешниот македонски амбасадор во Грција Љупчо Арсовски вели дека двете страни имаат амбиција за неколку месеци да затворат еден процес кој трае 25 години.
„Мислам дека е прилично нереално, иако имаме еден оптимизам дека западната заедница сака на најдобар можен начин, веројатно и за двете страни, да се реши ова прашање пред самитот на НАТО. Ова прашање е пред сè од безбедносен аспект и од аспект на стабилизација на овој дел од регионот“, вели Арсовски.
За македонската страна, како што изјави премиерот Заев, е прифатливо име со географска одредница, но и решение со кое ќе се гарантира идентитетот. Според него, нема причина да се менува Уставот. Се чини дека македонските црвени линии појасно ги исцрта министерот Димитров, по средбата со Нимиц во Скопје, пред две недели. Димитров тогаш категорично негираше дека Македонија ќе преговара за идентитетот.
„Апсолутно не. Прашањето не може да биде предмет на преговори, бидејќи не е предмет на одлука, туку е резултат на историски процес. Прашањето е многу поголемо од мене и од преговарачи и воопшто од целата генерација на денешните политичари, веројатно и на идните. Така што ако дојдеме до таа точка за решение да треба да се допира идентитетот, за жал, нема да има решение“, рече Димитров.
Грција, пак, бара сложено име за севкупна употреба, што подразбира и промена на Уставот на Македонија. Тие бараат и повлекување на сите сомнежи за иредентистички ставови, рече грчкиот премиер, Алексис Ципрас, по состанокот на пратеничката група на Сириза.
„Решението не може да биде друго, освен едно сложено име што ќе важи за сите и за севкупна употреба. Нешто, за што предуслов е уставна промена, за името навистина да биде ерга омнес - за севкупна употреба. Не може да биде едно за употреба надвор, а друго да биде името во Уставот. Секако предуслов е и повлекување на секаков сомнеж за иредентизам“, изјави Ципрас по состанокот со пратеничката група на Сириза.
Медијаторот Метју Нимиц во декември минатата година најави дека ќе има разговори секој месец. Тој тогаш во Брисел се сретна со преговарачите Васко Наумовски и Адамантиос Василакис. Тие учествуваа и на разговорите во Њујорк кои се одржаа на 17 јануари, по што Нимиц изјави дека дал сет идеи и предлози, но не спомена кои. Во Давос, на 24 јануари, премиерите на двете земји договорија преговорите да се водат на министерско ниво. Тогаш Заев изјави дека ќе се преименуваат аеродромот во Скопје и автопатот кој води до Грција, а Атина ќе ги поддржи процедурите за Македонија кои грчката влада претходно ги суспендираше. Нимиц потоа ги посети Атина, па Скопје.
Градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, изјави дека треба да се размисли за промена на името на солунскиот аеродром „Македонија“. Тој вели дека треба да се размисли, оти името Македонија довело до поделби, а со тоа, како што вели, губат сите.