Достапни линкови

Фото - финиш за мартовско решение на спорот за името


Знамиња на Грција, Македонија и Европска унија.
Знамиња на Грција, Македонија и Европска унија.

По напипувањето на пулсот, идната недела почнуваат сериозни преговори за името, кои, ако запнат не се исклучува можноста од вклучување на дипломатски „тешкаши“ во процесот.

Средбата на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас, која со посредникот на ОН Метју Нимиц треба да се одржи на европско тло, според неофицијални извори во Скопје, го означува почетокот на клучната фаза на преговорите за решавање на спорот со името. Со други зборови, досега двете страни ги искажувале своите позиции за решавање на спорот, кој ја држи Македонија над две ипол децении надвор од НАТО и ЕУ, поради грчката блокада.

Освен министерската средба идната недела, во февруари се предвидени и неколку средби меѓу двете страни за надминување на спорот. Ова впрочем вчера го рече премиерот Зоран Заев чија изјава дека за Македонија е прифатлива географска одредница во сложено име како решение, како и преименувањето на аеродромот во Скопје и автопатот кон Грција наиде на позитивни реакции од Атина.

Договор за решение на спорот во март?

Овој тајминг до крајот на следниот месец, според нашите извори, би бил идеален за решавање на спорот со цел да се заврши работата до самитот на НАТО во јули.

Имено, од владата брифираат, дека досега само се разменувале ставовите на двете земји за предлогот на посредникот Нимиц кој, во голема мера е објавен во медиумите во Грција и Македонија. Но, доколку двете страни не успеат да постигнат согласност во овој идеален период, тогаш преговорите ќе продолжат и во април и мај, кога веројатно и ќе се знае дали е можно решение или оваа шанса изградена преку позитивна атмосфера и првични отстапки од двете страни, е дефинитивно пропуштена за на самитот на НАТО во јули да биде објавено дека Македонија по поминувањето на обврзувачките ратификации во земјите членки, и формално ќе стане дел од Алијансата.

Вклучување на „тешкаши“ во процесот

Што ако запнат преговорите? Во таков случај, неофицијално не се исклучува можноста за влегување во игра на таканаречени дипломатски тешкаши. Иако не се прецизира кои и од каде, искуството не враќа на минатото и на нам добро познатиот американски дипломатски „булдожер“ Ричард Холбрук чија заслуга е Времената спогодба потпишана во 1995 и по која Македонија во времето на Киро Глигоров и Јорго Папандреу стана членка на Обединетите нации. Холбрук одамна не е жив, но споменот на него не упатува на логиката дека во процесот помагачите би биле од Вашингтон, Брисел или можеби и Берлин.

Македонската влада сепак, според изјавите на премиерот Зоран Заев и на министерот за надворешни работи Никола Димитров, е оптимистички настроена и верува дека е можен договор меѓу Македонија и Грција.

Предлогот на Нимиц основа за преговорите?

И двете страни му најдоа мани, но и во Скопје и во Атина се готови да преговараат според предлогот на посредникот на Обединетите Нации.

Премиерот Зоран Заев, во меѓувреме, ја дефинира готовноста за прифаќање на географска одредница, што значи остануваат во игра 4 - те предлози:

Горна Македонија

Северна Македонија

Вардарска Македонија

Република Македонија (Скопје)

Македонската страна засега не открива кој од овие предлози на Нимиц е најприфатлив за македонската страна. Но, тука се уште неколку клучни прашања за кои притиска Грција - ерга омнес (име за севкупна употреба), идентитет, промена на Уставот.

Неофицијално македонските власти сметаат дека ерга омнес не треба да значи промена на името внатре во земјата, што повлекува да нема промена на Уставот. Исто така, се смета дека не може да им се каже на земјите кои не признале да не нарекуваат поинаку. Ерга омнес, според македонската страна, е име за сите меѓународни организации и институции. Ставот на Атина пак, е познат – едно име и за надворешна и за внатрешна употреба. А ова да важи и за сите земји кои го признаа уставното име на Република Македонија.

Ако на ова се додаде и желбата на Атина за споено име на пример ГорнаМакедонија или непреведено име на англиски јазик ситуацијата изгледа уште покомплицирана.

За идентитетот Македонската страна нема да преговара.

Географска одредница, но и решение со кое ќе се гарантира идентитетот - ова, според изјави на премиерот Зоран Заев дадени во последниве два – три дена, е линијата на која стои македонската страна во преговорите за името.

Но, од друга страна, грчкиот министер Никос Коѕијас во речиси секојдневните медиумски настапи на прашањето дали и за јазикот и за националноста се преговара, тврди и дека за с­ѐ се преговара, а смета и дека во уставните промени би требало да биде вклучено и името.

Што се однесува до промена на Уставот, македонската преговарачка позиција е дека нема потреба за тоа.

Заев, одговарајќи на новинарско прашање дали решението вклучува промена на Уставот рече:

„Барањето за промената на Уставот во разговорите за името се грчки став, но ние имаме наш. Македонија го промени својот Устав во 1993 година да го допрецизира членот 49 вградувајќи го амандманот 2. Ние направивме голем чекор за да го отстраните иредентизмот. Во моментов се што правиме е да докажеме дека Македонија нема никакви аспирации, територијални или какви било, дека Македонија нема иредентистички побуди. Македонија сака да гради пријателство и од тој аспект, не гледам потреба за тоа“.

Власт и опозиција – Скопје и Атина

По координативната лидерска средба за името, јасно е дека одговорноста во Скопје е на владата, а извори оттаму наведуваат дека за се во врска со преговорите се информирани и претседателот Ѓорге Иванов и лидерот на опозиционата ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ во меѓувреме вчера излезе со следново соопштение:

„Владата не смее да молчи и да крие детали околу процесот на разговори за проблемот што го има Република Грција со нашето име, тоа не е прашање кое го засега само премиерот Зоран Заев или членовите на Владата, прашањето ја засега Република Македонија и целиот народ. Премиерот Зоран Заев вчера кажа дека била прифатлива географска одредница, но не кажа во чие име говори и која е таа одредница што за него е прифатлива. Не кажа ниту кој би бил опсегот на употреба, а премолчи и околу тоа дали станува збор само за географска одредница која би била за меѓународна употреба или тоа значи промена и на Уставот, односно уставното име, националноста и јазикот. Исто така, остана неодговорено и прашањето дали оваа географска одредница би имала англиска транскрипција или не“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Во Грција односите власт – опозиција се уште позаострени, посебно по митингот против името во Атина и аферата со швајцарскиот фармацевтски гигант „Новартис“.Имено, грчкиот парламент ги објави имињата на двајца поранешни премиери меѓу кои и Андонис Самарас и осум екс министри, вклучувајќи го и гувернерот на Централната банка Јанис Стурнарас и еврокомесарот за миграција Димитрис Аврамопулос. Тие наводно биле вмешани во голем фармацевтски скандал со Новартис.

Грчката опозиција и Самарас на ова гледаат како на политички реваншизам поради учеството на митингот во Атина и противењето на намерата на владата на Алексис Ципрас да се согласи името Македонија да биде дел од сложеното име на северниот сосед.

Како и да е, фото-финишот ќе биде исклучително тежок. Ако успеат преговорите двете земји ќе имаат голем ќар. Стабилноста, членството во НАТО и почетокот на преговорите за членство во ЕУ носи инвестиции и напредок, велат во Скопје. Ако не успеат преговорите, пак, ќе има големо разочарување пред се во Скопје, но сонцето и натаму ќе свети и во Македонија и во Грција.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG