Достапни линкови

Протестите се предизвик за решавање на спорот за името


Грција - протест против користење на зборот Македонија во името на нашата земја во Атина,04.02.2018
Грција - протест против користење на зборот Македонија во името на нашата земја во Атина,04.02.2018

Вицепремиерот Бујар Османи и дел домашни аналитичари сметаат дека протестите во Атина нема да влијаат врз процесот на преговори за разликите за името. Засега нема официјална најава за идни средби на претставници од двете земји.

Официјално од Владата и од Министерството за надворешни работи нема информации како, кога и во каков формат ќе продолжат преговорите за разликите за името меѓу Македонија и Грција. Неофицијално во дел медиуми се појави информација за нова средба на премиерите на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас, но од владата не потврдуваат. Нема конкретен датум и за евентуална средба и на министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕиас, велат од МНР.

Средба на двајцата шефови на дипломатии би можело да има, сепак, следната недела во Софија. На 15 и 16 февруари Бугарија како претседавач со Европската унија во овие шест месеци организира неформален состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки, т.н. Гимних, на кој е поканет и македонскиот министер Димитров.

Во меѓувреме, по протестот во Атина, продолжуваат различните проценки за бројката луѓе што излегоа на плоштадот Синтагма. Според полиција излегле 140 илјади граѓани, според организаторите 1,5 милиони луѓе.

Протестот нема да влијае врз преговорите

Бројноста како аргумент ја истакна и грчката влада во своето првично соопштение оценувајќи дека милионите демонстранти останале само желба на Андонис Самарас и Киријакос Мицотакис. Во соопштението на Кабинетот на Ципрас се наведува и дека „мнозинството граѓани кои останаа пред телевизорите, се согласуваат дека надворешно-политичките прашања не треба да се решаваат со фанатизам и нетолеранција“.

И вицепремиерот Бујар Османи не очекува протестите да влијаат врз процесот на решавање на прашањето за името.

„Никогаш не сме сметале дека ова е лесно прашање и дека ќе се реши без никакви предизвици на патот. Тоа што е важно е дека имаме влади кои се определени да најдат решение. Тие треба да останат мирни и истрајни во изнаоѓање на решението, независно од предизвиците со кои ќе се соочиме на патот. Сега е време на носење праведни одлуки, а не лесни одлуки“, рече Османи.

Според дипломатот Љупчо Арсовски, кој беше македонски амбасадор во Атина во деведесеттите и се смета за познавач на грчкото општество, протестот нема драстично да влијае врз процесот на преговорите за името.

„Мислам дека Нимиц на соодветен начин ќе го уреди и она што беше презентирано во медиумите како енергична реакција на Коѕиас за коментарите на посредникот, но да видиме дали можеме да се стрпиме и она што не можевме да го решиме за 25 години, да го решиме за два и пол месеци“, вели Арсовски.

Разбудена еуфорија во Грција

Арсовски смета и дека одредени изјави на грчки јавни личности произведоа еуфорија кај јужниот сосед, која како што вели, не е видена од деведесеттите години, кога се организираа масовните протести во Солун, но потоа атмосферата спласна со потпишувањето на Привремената спогодба. Сепак, според него, сега има и промени во грчката јавност.

„По таква кампања не излезе тоа што беше очекувано од протестот. Во Грција преовладуваат и други мислења. За првпат по тоа што јас го опсервирам овие 25 години, за два месеца се објавија околу 60-70 статии кои одеа во насока дека треба да се мисли со ладна глава за жешки теми“, вели Арсовски.

Протестите во Солун, па во Атина се случуваат по пауза подолга од две децении. Демонстранции немаше во 2008 година, пред самитот на НАТО во Букурешт, кога исто така се сметаше дека владите на Никола Груевски и на Костас Караманлис, е можно да дојдат до решение. Разликата сега, според Арсовски е што Неа демократија е во опозиција и се обидува да го користи ова прашање за собирање на поени за себе и го гледа како можност за уривање на владата на Ципрас.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG