Достапни линкови

Македонија и Грција ги исцртаа црвените линии - се бара решение меѓу нив


Mедијаторот Метју Нимиц во Скопје
Mедијаторот Метју Нимиц во Скопје

По посетата на медијаторот на ОН, Метју Нимиц на Скопје и на Атина на која тој ги слушна ставовите на двете страни за предложените идеи за надминување на разликите во спорот за името, експертите очекуваат дека преговорите се на добар пат и дека може да се најде решение за прашањето.

Грчката и македонската страна му ги пренесоа на медијаторот на ОН, Метју Нимиц ставовите околу неговите идеи за надминување на разликите во спорот за името. Се уште не се знае кога Нимиц повторно би се сретнал со државниот врв на двете земји, но тој претходно најави дека секој месец планира да остварува комуникација со Скопје и Атина. Министрите за надворешни работи на двете земји на некој начин ги поставија и црвените линии во преговорите.

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров по средбата со Нимиц изјави дека идентитетот не може да биде предмет на преговори и доколку се дојде до таа точка нема да има решение за спорот. Неговиот грчки колега Никос Коѕиас најави нацрт спогодба за името и порача дека проблемот вклучува седум прашања, употребата на името, идентитетот, јазикот, трговската употреба, акронимите и знаците.

Според моето мислење, ова е фаза во преговорите при која заинтересираните страни веќе ги разгледале предлозите за што е прифатливо и што не. Нормално секоја од страните има свое ниво под кое што не може да падне. Тоа е разбирливо и од искуството знаеме дека секогаш во преговорите и конечниот договор е финален компромис каде што ниту една страна не може да биде задоволна. Како и да се земе ние сме на добар пат. Јас сум и натаму оптимист и мислам дека проблемот може да биде решен во мошне брз период“, вели професор Нано Ружин.

Нимиц порача дека мора брзо да се движат работите напред во рок од неколку денови со цел да се обидат прашањата кои се на маса повторно да бидат донесени кај засегнатите страни и за некои од нив да се најде решение, при што во наредните неколку месеци ќе се знае дали е остварен вистински напредок или не.

Според политичкиот аналитичар Алајдин Демири, преговорите се пред крај и се работи за промена на името, а не промена на идентитетот.

Мислам дека преговорите ќе се водат кон технички детали. Избор на името и негова внатрешна и надворешна употреба и како ќе се комуницира на надворешната сцена. Тоа се тие детали кои треба да се договорат, инаку сметам дека суштината е веќе договорена“, смета Демири.

Димитров по средбата со Нимиц рече дека дел од идеите презентирани во Њујорк и не биле така лоши, а дел од нив не биле добри и создавале загриженост. Според него, врз основа на ставовите на двете страни за идеите на Нимиц ќе се види како ќе тече процесот понатаму.

Ружин смета дека предлогот „ГорнаМакедонија“ за којшто се шпекулираше во јавноста е неприфатлив.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG