Достапни линкови

Лидерите воздржани по координацијата за името во Скопје


Во Скопје воздржаност за да не се наруши преговарачкиот процес
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:07 0:00

Македонските лидери воздржани за да го нарушат преговарачкиот процес

По пет часа средба во Клубот на пратениците, македонските политичари не открија многу детали за преговорите за името за да не му наштетеле на процесот што се води под покровителство на посредникот Метју Нимиц.

По пет часовната средба во Клубот на пратениците, претставниците на политичко-државниот врв излегоа со воздржани изјави не откривајќи детали за процесот на разговори и иницијалната рамка за решавање на спорот за името меѓу предложена од посредникот Метју Нимиц. Сите користеа исти термини односно дека средбата била информативна и дека нема да давале детали за да не наштетеле на процесот.

Премиерот Зоран Заев рече дека на средбата биле презентирани и дискутирани предложените идеи од Нимиц по што размениле информации и мислења за неговите разговори со грчкиот колега Алексис Ципрас.

Овој процес бара инскузивност, посветеност и политичка одговороност со цел градење национален консензус во Република Македонија. Со решавањето на билатералниот спор кој трае 25 години имаме цел да обезбедиме напредок и интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО, како и заштита на националните интереси и достоинството на нашиот народ. За да ги оствaриме овие цели неопходна е вклученост на Владата, опозицијата, Претседателот на државата, како и навремено и објективно информирање на граѓаните на Македонија“ рече Заев кој одби да ги коментира позициите на Грција но рече дека е оптимист.

За разлика од него претседателот Ѓорге Иванов повтори дека останувал реалист со искуство.

„Се договоривме да не откриваме детали за идеите на Нимиц за да можеме со господинот Нимиц да разговараме објективно и да нема притисоци и шпекулации од сите страни“ рече Иванов.

Повеќе детали не даде ниту претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Рече дека им бил презентиран предлогот од Нимиц, кој како што додаде повеќе или помалку и бил познат на јавноста. Од овој момент па натаму целокупниот процес за овој спор со Грција го води владата, рече Мицкоски, но сепак, на новинарско прашање дали се дистанциираат од преговорите одговори со „не“.

„Тоа е ваш заклучок, напротив, ние денеска имавме една информативна средба, добро би било како ќе напредува процесот така да ги добиваме информациите, така што од овој момент натаму одговорноста нормално дека е на владата“ рече Мицкоски.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети пак состанокот го квалификува како еден од најплодните што го имале во однос на случувањата во државата.

Јас сметам дека ова е почетокот на крајот на еден важен процес за нашата држава. Многу е важно државата да биде дел од НАТО и од Европската унија во мир и во одржлива стабилност и во иднина за сите случувања јавноста ќе биде навремено информирана и не сакам да му наштетам на процесот со искажување на детали“ рече Ахмети.

Додека траеше долгочасовната средба во Клубот на пратениците немаше никакви информации од внатре за новинарски екипи кои го следеа настанот.

Претходно, во текот на денот, во Грција премиерот Алексис Ципрас ги информираше тамошните партиски лидери за разговорите со неговиот колега Заев и случувањата поврзани со проблемот за името. Во обраќаето до грчката јавност доцна вечерта во саботата тој рече дека се обврзува дека во следниот период со патриотска одговорност ќе се стреми кон заемно прифатливо решение.

Тој ја повтори позицијата за сложено име со географска или временска одредница, за севкупна употреба и објасни дека тоа значи и меѓународна и внатрешна, а негова изјава не сакаше да ја коментира никој од македонските лидери за да не му наштетеле на процесот.

Ципрас,пак, додаде дека на неговите соговорници од опозициските партии им објаснил дека оваа година е отворен прозорец на можност за решение, бидејќи, како што истакнува, новото политичко раководство кај соседот под господинот Заев покажува волја да преговараме, но и дека новата влада ја има сменето и во некоја мерка повлечено иредентистичката реториката на претходните влади, факт што според Ципрас може да ги интензивира преговорите.

Во последниот период е направен напредок, сепак останува голем пат да се изоди, за да стигнеме до едно заемно прифатливо решение за сложено име со географска или временска одредница, што ќе важи за сите. И кога велиме за сите, тоа се однесува како на меѓународното име, така и на името во внатрешноста, рече Ципрас и истакна дека Грција нема кон никој обврска да го реши прашањето, туку тоа е во служба на среднорочните и долгорочните национални интереси и стабилноста на Балканот.

Во однос на разговорите со лидерите на политичките партии и неговиот стремеж да се создаде широк национален консензус, грчкиот премиер, во неговото обраќање од Атина, рече дека размениле мислења и изрази надеж дека може да се најде заеднички јазик.

“Мислам дека со повеќето имавме искрен и одговорен разговор што би можел да доведе до поклопување на политичките позиции и поширок консензус, доколку стигнеме до договор”, истакна Ципрас, паралелно упатувајќи критики до лидерот на опозициската Нова демократија Кирјакос Мицотакис.

Мицотакис по средбата остро го критикуваше Ципрас дека биле направени отстапки без конкретни и неповратни добивки и ја отфрли можноста да и даде поддршка на Владата за формирање на поширок национален консензус за прашањето со името.

Ваквите средби во Скопје и во Атина следуваат по средбата неделава на премиерите Заев и Ципрас во Давос и пред посетата на посредникот Нимиц на двете земји следната недела.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG