Верувам дека дојдовме до точка кога двете страни имаат волја да работат напорно за да дојдат до решение за спорот за името, изјави медијаторот на ОН, Метју Нимиц на заедничка прес-конференција со македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров. Нимиц порача дека не сака да шпекулира што би се случило доколку не успеат преговорите.
„Јас ќе кажам, бидејќи го покренавте прашањето за идентитетот дека не сум слушнал ништо од грчката страна дека го негира идентитетот на луѓето тука. Јас верувам дека решението кое е можно е целосно конзистентно со зачувување, дури унапредување на идентитетското прашање. Јас сум многу оптимист. Има разлики меѓу двете земји, но не слушам од Атина негирање на идентитетот“, рече Нимиц.
Димитров категорично негираше дека Македонија ќе преговара за идентитетот.
„Апсолутно не. Прашањето не може да биде предмет на преговори, бидејќи не е предмет на одлука, туку е резултат на историски процес. Прашањето е многу поголемо од мене и од преговарачи и воопшто од целата генерација на денешните политичари, веројатно и на идните. Така да ако дојдеме до таа точка за решение да треба да се допира идентитетот за жал нема да има решение. Меѓутоа ќе биде многу жално ако две европски држави во 2018 година не се доволно големи ова да го препознаат“, рече Димитров.
Нимиц пак не беше јасен за инсистирањето на грчката страна за иредентизмот. Но, посочи дека сега е пооптимист за изнаоѓање на решение од било кога.
„Ако навистина сега не оствариме напредок и не се обидеме да го затвориме кој знае што ќе се случи наредната година и годината после тоа. Поминаа повеќе од 20 години во разговори за ова прашање. Ќе биде вистинска трагедија во овој регион ако одиме уште 20 години без решавање на прашањето“, порача Нимиц.
Околу временската рамка, Нимиц порача дека верува оти прашањето може да се затвори во наредните недели или месеци.
На прашањето дали Македонија доколку дојде до решение би го променила Уставот, Димитров не сакаше да одговори, бидејќи не дошло време за тоа. Според него, колку повеќе се зборува за црвените линии во јавноста, толку помал простор има за решение кое ќе биде прифатено од двете страни.
„Од наша страна има волја и се надеваме дека и од другата страна ќе има иста ваква волја да најдеме начин. За оние граѓани коишто сакаат да видат решение и коишто стрепат дека нема да има решение и кон нив сакам да упатам порака. Ако има достоинствен начин што ќе ги почитува идентитетите и на двете страни, достоинството на двете страни низ овој процес тој начин ќе го најдеме. Можно е и да нема таков начин, меѓутоа наше е да направиме се што можеме да го најдеме овој начин“, истакна Димитров.
Во однос на идеите на Нимиц, тој додаде дека дел од нив биле добри, но дел и лоши кои кај македонските власти создавале загриженост.