Внимателни сме за да му дадеме шанса на успехот, рече премиерот Зоран Заев на прес конференцијата доцна попладнево одговарајќи на прашање за детали од преговорите за името.
„Но притоа ќе кажам, ние сме подготвени за географска одредница и до тука ќе застанам поради тоа што прашањето е суштинско и треба да дадеме шанса да ги поминеме преговорите за наоѓање решение“, рече Заев.
Тој додаде дека сериозно се разгледуваат сите варијанти, се користи секоја можност за контакти со грчката страна, нагласувајќи дека процесот продолжува под покровителство на посредникот на Обединетите нации за спорот за името Метју Нимиц. Во контекст на спорот за името и европските интеграции, Заев рече и дека ги следи случувањата и во Грција, а и дека меѓусебно се информираат со претседателот Ѓорге Иванов, со институциите и со опозицијата.
„Јас сум оптимист, решение може да се најде, многу изгледа тешко, нема да биде лесно, но впрочем и не очекувавме да биде лесно“, рече Заев.
На крајот на заедничката прес конференцијата со амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар, македонскиот премиер објави дека на владината седница донеле одлука за преименување на автопатот Александар Македонски во Пријателство и на скопскиот аеродром кој го носеше името Александар Велики во Меѓународен аеродром Скопје.
Инаку овие изјави на Заев доаѓаат по повикот на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас упатен до Скопје да излезе и јавно да каже која ќе биде придавката во сложеното име и да им го објасни тоа на граѓаните.
Коѕијас во интервју за Еуроњуз на грчки јазик рече дека грчката влада презела одговорност да каже јавно дека сака промена на името и дека тоа име ќе било сложено за сите употреби со конкретна одредница.
„Излеговме јавно и кажавме дека во ова име ќе биде вклучен и терминот Македонија. Ние си ја завршивме нашата работа. Уште чекаме од Скопје, конечно да излезе, јавно да каже во ова сложено име која ќе биде придавката пред именката и да го опишат тоа пред нивниот народ. Не гледам дека и другата страна прави иста подготовка и ова, денес додека го правиме ова интервју, ме загрижува“, вели шефот на грчката дипломатија.
Коѕијас вели и дека во однос на одредницата и сложеното име грчката влада ги преферира придавките што имаат „словенска нијанса во нивната фонетика“.
На средбата на премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас во Давос, министерот вели дека било договорено дека ќе постои спогодба која по предлог на двајцата премиери ќе ја прави грчката страна под негова одговорност.
„Се чини дека некои во Скопје, на пониска функција од премиерот, одново размислија и овие размислувања, господинот Нимиц сметаше дека се важни. И требаше да го потсетам дека она за што се согласија двајцата премиери важи за сите“, објаснува шефот на грчката дипломатија и додава дека за тоа кој е ставот на Атина за прашањето со идентитетот, тоа ќе го соопштат самите во преговорите, а не медијаторот.
И од ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение побараа одговори на прашањето што договорил Заев во Давос.
„Зошто грчките власти инсистираат да не се излегува од рамката на тој договор? Што се крие од македонската јавност? Во земјава владее целосен молк по овие прашања кои се погласно се поставуваат. Власта избегнува одговори и секојдневно се прави дефокус со разни теми“ наведуваат од опозициската партија.
Покрај за ова на прашањето дали и за јазикот и националноста се преговара Коѕијас кратко одговара дека за сѐ се преговара.
Во уставните промени би требало да биде вклучено и името, смета тој, додавајќи дека во однос на тоа дали промените би поминале во македонското собрание Заев имал доволно мнозинство за да ратификува меѓународен договор, а „уставните промени ќе се направат кога ќе дојде време.“