Достапни линкови

Исчекор против корупцијата ќе има ако се казнат „недопирливите“


Позиција на Македонија според индексот за перцепција на корупција на Транспаренси интернешнл.
Позиција на Македонија според индексот за перцепција на корупција на Транспаренси интернешнл.

Во конкуренција од 180 земји, Македонија е на 107 место за 2017. За две години земјата бележи пад од 41 место според индексот за перцепција на корупција на Транспаренси интернешнл. Проблемот со корупцијата во Македонија и натаму ескалира, а системот на заробена држава и натаму опстојува

Ако се направи многу силен исчекор, како една ефективна пресуда за корупција, ако институциите, судовите, јавното обвинителство покажат дека се подготвени да се справат со корупцијата, како што Македонија паднала на листата за перцепција на корупцијата, така ќе може да покаже и подобрување, вели Слаѓана Тасева,претседател на Транспаренси интернешнл Македонија.

Во конкуренција од 180 земји, Македонија падна за 17 места, односно е на 107 за 2017, за разлика од 90 место во 2016 година, кога земјата забележа пад од 24 места. Тоа значи дека за две години земјата паднала за 41 место на листата, според индексот за перцепција на корупција на Транспаренси интернешнл. Ова е најниско место за Македонија откако се мери индексот. За 2017 земјата има 35 поени, што е за два помалку од 2016. Колку земјата е поблиску до нула, толку е покорупмирана.

„Не можеме да очекуваме дека тоа одма ќе не стави на првиот дел на листата, но да кажеме дека се движиме напред. Во индексот за перцепција на корупцијата се забележува дека сите тие активности кои владите ги преземале или ги преземаат за воспоставување на ефикасен систем за борба против корупција се рефлектираат коректно во овие извештаи. Извештаите не се некоректни и не се необјективни. Очекуваме дека додека да се спроведат овие истражувања во текот на оваа година, тоа е секогаш втората половина или крајот на годината има време да се покаже подобрување“, вели Тасева.

Македонија е најлошо рангирана во регионот, а индексот покажува дека во Западен Балкан бавно оди сузбивањето на корупцијата. Најдобро рангирана од регионот е Хрватска, која е на 57 место.

Тасева вели дека проблемот со корупцијата во Македонија и понатаму ескалира, а системот на заробена држава и понатаму опстојува, со што се оневозможува работењето на институциите задолжени за борба против корупцијата.

„Државната комисија за спречување на корупцијата и понатаму е немоќна да се справи со проблемите на судирот на интереси и контрола на имотната состојба на функционерите, Владата не успеа да ги востанови долго најавуваниот принцип на индивидуална одговорност, а одговорните за корупцијата и натаму се заштитени и недопирливи. На овој начин и понатаму опстојува систем во кој наспроти правото владеат интереси“, вели Тасева.

Слаѓана Тасева,претседател на Транспаренси интернешнл Македонија.
Слаѓана Тасева,претседател на Транспаренси интернешнл Македонија.

Таа укажува дека решавањето на овој проблем треба да им се остави на професионалци, а политиката да остане настрана.

Недопирливите одговорни за корупција треба да одговараат, а граѓаните да се охрабрат да се спротивстават и да ја оневозможат корупцијата, вели Тасева.

При подготовка на индексот се користени меѓудругото истражувања кои се однесуваат на економските параметри и истражувања од сферата на правосудството. Македонија е многу слабо оценета за економската клима и за сузбивањето на корупцијата во овој сектор, а има слаби резултати и во однос на корупцијата во правосудниот систем, но и во други области на владеење на правото, како што е остварување на правата на граѓаните во државната и во јавната администрација.

Рангирање според користени истражувања.
Рангирање според користени истражувања.

Познавачите на оваа област досега посочувале неколку работи кои треба да се направат за да се намали корупцијата. Потребни се кадровски промени во органите задолжени за превенција и сузбивање на корупцијата, преку измени на Законот за спречување на корупцијата. Меѓу тие институции е Државната антикорупциска комисија. Потребни се реформи во ова тело за да се врати довербата на граѓаните во таа институција. А потребни се и кампањи за да се подигне јавната свест за граѓаните да научат како да се заштитат и да почнат да пријавуваат корупција.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG