Државата се уште има потешкотии да го дефинира, забележи и да реагира на клиентелизмот во медиумите, покажуваат резултатите од третото мерење на Индексот на клиентелизам во медиумите во Македонија. Истражувањето, во Македонија, трета година по ред го спроведува Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“. Во разговор со Радио Слободна Европа од „Паблик“ велат дека кога клиентелизмот е на сцена во општеството, медиумите му прават параван и граѓанинот не може да види потреба да реагира против политичката и економската моќ кои на некој начин му вршат пресија.
Во идеално општество постои баланс меѓу трите центри на моќ. Политичката и економската моќ се еден центар, медиумите се втор, а граѓаните трет. Ако се наруши рамнотежата меѓу политичката и економската моќ и медиумите, граѓаните трпат консеквенци, велат од „Паблик“.
„Клинтелизмот е состојба во која медиумите разменуваат добра и услуги со политиката и економијата, а тие, условно речено влијаат врз нејзината уредувачка политика, тоа е она што не би смеело да се случи“, објаснува Небојша Илијевски од „Паблик“, проектен координатор на проектот „Медиумски круг“, во чии рамки се спроведува истражувањето.
Тој вели дека нивното истражување може да им даде правец на креаторите на политиките, како чекор по чекор да ги променат работите кои влијаат на клиентелизмот.
„Овој индекс практично прави мапа на сето она што треба да се промени во општеството за да дојдеме со едно подобрување на ситуацијата“, вели Небојша Илијевски.
Индексот се мери три години по ред, и за разлика од првата година кога институциите биле затворени и било тешко да се дојде до податоци за да се мерат, сега од „Паблик“ велат дека годинава се забележува тренд на отвореност на институциите.
Освен во Македонија, истражувањето е спроведено и во Романија, Босна и Херцеговина, Хрватска,Србија и во Црна Гора. Во Србија е забележано благо подобрување, Црна Гора стагнира, а во другите земји во кои е спроведено истражувањето има пад.
Маја Раванска од „Паблик“,која работела како истражувачка на овој проект, вели дека во сите земји во кои се истражувало ситуацијата е иста, оти сите имаат сличен бекраунд. Сите имаат слични проблеми со корупција во државните институции и проблемите со политички и економски центри на моќ кои ги гледаат медиумите како начин да си ја подобрат сликата за себе, вели Раванска.
„Главни проблеми кои ги дијагностицира индексот се дека клинетелизмот во медиумите е присутен во сите земји, значаен е и со голема веројатност влијае на функционирањето на медиумите и дека медиумските политики, и покрај декларативното залагање на засегнатите страни, на професионалните здруженија, на Совет на Европа, ОБСЕ, ЕУ, сепак го имаат загубено приоритетот пред другите прашања“, вели таа.
Раванска вели дека и во Македонија цело време се зборуваше дека мора да пристапиме кон тие медиумски реформи кои се многу важни за демократизација на општеството и за плурализам во медиумите и за воопшто да тргне состојбата напред, меѓутоа поради изборите не се случија реформите, а се очекува тие наскоро да дојдат на дневен ред.
„Индексот тоа го детектира како сериозен проблем, дека тоа залагање за медиумски реформи е само декларативно. А штом е декларативно, а не е реално, постоечко, значи дека некој не сака нешто да промени“, вели таа.
Еден од главните проблеми, според истражувањето е, скриеното сопствеништво на медиумите.
„Сите сме свесни за тоа, меѓутоа многу малку се зборува за тоа. Колегата од Хрватска вели полесно е да се најде податок за геоструктурата на Марс, отколку податок за тоа кој е вистинскиот сопственик на некој медиум во Македонија, така е и во Хрватска, така е и во Србија, во целиот регион“, вели таа.
А проблем претставуваат и финансирањето на медиумите од јавни пари, влијанието на огласувачите, особено на интернет, и прашањето околу регулација на интернет медиумите.
Во меѓувреме новинарските здруженија и организации и преставници на власта дебатираат за измените во Законот за медиуми. До крајот на јануари може да се доставуваат предлози за измените.
На последната дебата кон крајот на декември медиумските организации и претставници на Владата, разговараат за тоа дали треба да има измени за регулација на интернет медиумите. Тие дебатираат и за процесот на саморегулација и за лажните вести. Здружението на новинари и новинарскиот синдикат спротив регулација на порталите.