Достапни линкови

Владата го трга државниот прст вперен кон граѓаните


Владина кампања „Ти си Македонија“
Владина кампања „Ти си Македонија“

Владата го стопира рекламирањето на радио, телевизија, весници и билборди. Ќе има само сервисни информации на јавниот сервис и на социјалните мрежи.

Владата го трга прстот вперен кон граѓаните преку кој со длабок машки глас порачува дека „Ти си Македонија“. Владините кампањи за толеранција, трето дете, абортус, знаењето е сила, знаењето е моќ, и што ли уште не, заминуваат во историјата.

Владини реклами и маркетинг, на начин на кои постоеја, нема да има во медиумите. Владата го стопира рекламирањето на комерцијалните радиодифузери, печатени медиуми, билборди и интернет портали. Сервисни информации и информации од јавен карактер, од владата, министерствата и државните институции ќе бидат пласирани преку јавниот радиодифузер и социјалните медиуми.

„Нема веќе да има маркетинг, нема повеќе да има промоција, туку сервисни информации, каде се промовираат некои услуги, на пример ако има бесплатна линија за спречување на семејно насилство од Министерството за труд или информација од јавен интерес за пензионери, за ранлива категорија на население, тоа ќе се искористи, на тоа се мисли кога се задржуваат социјалните мрежи како канал, не се мисли на промоција во смисла направивме автопат, еве го автопатот“, објаснуваат од владата, појаснувајќи ги заклучоците од 24-тата владина седница, одржана во вторникот.

Од таму велат дека реклами и маркетинг на начин на кој тоа постоеше нема да има никаде, ниту пак материјали кои во минатото беа толкувани како некој вид пропаганда.

Јавните огласи, според законот, останува да се објавуваат на јавниот дифузер и во печатени медиуми.

За нетранспарентно владино рекламирање, поткупување на медиуми преку реклами, спрегата власт-медиуми претходната власт беше силно критикувана во сите извештаи на меѓународните организации и институции, години наназад.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, неодамна во разговор за Слободна Европа, рече дека укинувањето на рекламите ќе прати порака до сопствениците на медиумите и до менаџерите дека веќе не можат да очекуваат пари од јавни фондови за да служат за пропагандна машинерија, туку нивната иднина ќе треба да ја бараат во пазарот.

„Ние сметаме дека забраната за владино рекламирање е исклучително позитивна одлука, затоа што на тој начин претходната влада преку рекламите го нарушуваше пазарот и воспоставуваше клиентелистички однос со медиумите и практично од една страна ја купуваше наклонетоста на медиумите, го убиваше критицизмот на медиумите, а од друга страна ги претвори медиумите во пропагандна машинерија на власта“, рече Селмани.

Владината одлука за стопирање на рекламирањето е дел од реформскиот план 3-6-9. Во него, во делот на медиумите пишува дека Владата ќе гради партнерство со асоцијациите и граѓанскиот сектор, со цел да го ослободи медиумскиот простор од било какви институционални или персонални влијанија, вклучително и финансиска зависност. Освен стопирањето на комерцијалното рекламирање, пишува и дека ќе го зајакне и целосно професионализира јавниот радиодифузен сервис. Потоа дека ќе поддржува континуирана примена на Етичкиот кодекс за медиумско известување, објавување на сите трошоци за рекламирање на Владата и објаснување на критериумите за избор на медиумите за периодот 2008-2017, во форматот доставен од Европска комисија. Во делот на медиумите стои и дека се работи и на предлог - измени на Закон за медиуми и Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и предлог - измени на законска регулатива кои ќе обезбедат избор на членови на Советот на Агенцијата за аудио визуелни и медиумски услуги (ААВМУ), врз основа на заслуги.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG