Субвенции за весниците веројатно ќе бидат потребни за тие да преживеат, но тоа треба да се направи преку јасни критериуми за наводната помош за опстанок да не се претвори во ново корумпирање на медиумите.
Асоцијацијата на печатени медиуми бара годишна буџетска поддршка од околу милион евра, зашто, како што велат, им се заканува згаснување.
„Ѝ предложивме на владата модел, според кој, таа би се вклучила со помош во покривање на половина од трошоците за печатење и дистрибуција на сите печатени медиуми. Исто така предвидовме и дополнителни 20 проценти за помагање на медиумите на помалите етнички заедници, со што би ги исполниле критериумите од Конвенциите на УНЕСКО и на ЕУ за помагање на медиумите на помалите заедници, со цел да се промовира културниот и етничкиот диверзитет“, рече Лирим Дулови од оваа асоцијација на неодамнешната дебата во владата.
Тој смета дека нема никаква логика помошта да се однесува на бесплатните весници, како и дека таа не треба да се однесува на специјализираните весници и списанија.
Медиумските организации долго време обвинуваа дека владините реклами се користат за корупција на медиумите и затоа бараат јасни критериуми по кои евентуалната помош би се доделувала. Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, вели дека во речиси сите европски земји на еден или на друг начин весниците се субвенционирани.
„Јас мислам дека ќе биде прашање на време кога, не само трите весници од МПМ што згаснаа, туку и останатите може да ги снајде истата судбина“, вели Селмани.
Многумина, особено од електронските медиуми, изразија негодување за ваквата идеја или бараат субвенции и за нив.
Долгогодишниот новинар и уредник Бранко Героски вели дека би било чудно Македонија да стане прва држава во која нема печатени медиуми. Опасноста е реална, со оглед на тоа што имаме слабо стопанство, кое не може да ги поддржи, вели тој.
„Не држи тезата дека, еве да направам една ваква споредба, никој не оди во Опера, па зашто не се укине Операта или да се укине Балетот, но една држава треба да ги има. Тие се обележја на државноста. Стравично ќе биде кога еден значаен медиум како што беше Дневник на пример, пропаѓа. Сега никому не му е гајле, голема работа што пропаднал, но не е така. Некој утре ќе рече, па нека пропадне Нова Македонија, но чекајте, тоа е нашиот прв дневен весник на македонски јазик. Постои нешто што се вика традиција. На такви столбови мислам, столбови кои се на некој начин симбол на државноста. Познавате ли држава во која нема весници“, прашува тој.
Долгогодишниот новинар и уредник Ерол Ризаов вели дека идејата за субвенционирање е добра, иако претходните искуства не се добри, зашто власта сакала да ги користи субвенциите за влијание врз медиумите.
„Уште еднаш предупредувам дека треба точно да се одредат правилата на игра, односно правилата како ќе се доделуваат тие субвенции“, вели тој.
Во предизборната кампања во минатата година, сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ ветуваше субвенции за весниците. Владата дебатира со печатените медиуми и сè уште не решила дали и во каква форма ќе ги субвенционира.