Достапни линкови

Заштита на укажувачите нема да охрабри пријавување корупција


Владата на последната седница го разгледа и утврди предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачите. Но, упатените се сомневаат дека тој ќе резултира со охрабрување на граѓаните да пријавуваат корупција. Според нив, потребна е и ефикансност на надлежните институции.

Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачите нема да ги охрабри граѓаните во иднина да пријавуваат корупција, велат упатените. Владата на последната седница го разгледа и утврди текстот и го достави до Собранието на понатамошно усвојување. Со законот се уредуваат заштитеното пријавување, правата на укажувачите, како и постапувањето и должностите на институциите.

Со овој предлог закон се врши усогласување со меѓународните стандарди пропишани во оваа област, се обезбедува поголема заштита на укажувачите со што Владата на Република Македонија јасно ги потврдува политиките на борба со корупцијата“, соопштија од Владата.

Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев смета дека носењето на предлог законот е задоцнето и нема да го има очекуваниот ефект.

„Неговиот придонес во поглед на спроведување на кривичните постапки во кои се вклучуваат такви лица моментално и во близок временски период нема многу да придонесе луѓето да се охрабрат да пријавуваат корупција и кривични дела. Нашата традиција е сосема различна и треба време за тоа да се имплементира прво во судството и обвинителството, како и во сите други делови на правниот систем итн“, вели Илиев.

Тој се сомнева дека органите кои ќе треба да го спроведат законските измени навистина ќе ги заштитат укажувачите. Корупцијата, како што посочува, е длабоко навлезена во системот.

„Нејзиното бркање од системот надвор и осуда на луѓето кои прават кривични дела пред се, зависи од ефикасноста на обвинителството, полицијата и другите органи кои се надлежни за откривање и прогон на корупцијата. Кога ќе се постигне таквата ефикасност тогаш граѓаните ќе се охрабрат да пријавуваат сознанија за сторени такви кривични дела“, додава тој.

Според последните податоци, Македонија е меѓу осумте земји и територии во светот кои имаат најголем пад во рангирањето на Индексот на перцепција на корупцијата 2016 година. Македонија се наоѓа на 90 места на листата и е во друштвото на Мозамбик, Мавританија, Тринидат и Тобаго, како и Мексико, Тајланд, Суринам и Белорусија.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG