Достапни линкови

Советот на Битола не изгласа поскапување на водата, но таа ќе поскапи


Зафат на реката Сапунчица
Зафат на реката Сапунчица

Битолскиот совет не изгласа поскапување на водата, но за неколку месеци таа и онака ќе поскапи, зашто одлуката не ја носи Советот, туку Регулаторната комисија за енергетика. Власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за поскапувањата.

Советот на Општина Битола не прифати поскапување на водата. За таквата одлука советничкото мнозинство гласаше воздржано, па таа не беше донесена на седница на Совет. Но, без разлика на тоа, цената ќе се поскапи автоматски за пет месеци.

Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола, вели дека моменталната ситуација е последица на законските одредби што ги донела претходната власт со што ингеренциите околу утврдувањето на цената на водата од општинските совети го префрлила во Регулаторната комисија за енергетика.

„Ние како владејачко мнозинство нема да ја зголемиме цената на водата за граѓаните, тоа е наша определба. Но, се работи за закон донесен од страна на ВМРО-ДПМНЕ во кој надлежностите за утврдување на цената на водата преминуваат во Регулаторната комисија за енергетика. Ова ВМРО-ДПМНЕ го донесе и ова што денес го имаме е резултат на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, односно утврдување на трошоците кои ги направиле во работењето и начинот на пресметка е донесен пред три или четири години“, рече Груевски.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека за три години за 30 проценти ќе порасне цената на водата од сегашната.

„Одредување на нова цена на тарифата за водата е предвидено согласно предлогот што го даде Јавното претпријатие „Водовод“ и граѓаните да плаќаат оваа година 4 денари поскапа вода од кубик. Идната година таа цена ќе биди уште поголема, во 2020 година уште поголема и на крај ќе дојдеме до зголемување околу 30 проценти од цената што денес ја плаќаат граѓаните“, рече Борче Димитровски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Додека оваа партија беше на власт пред осум години ја покачи цената на водата. Така во 2009 година водата поскапе за 115 проценти, па граѓаните наместо дотогашните 14 денари за метар кубен плаќаа по 30,5 денари. Подоцна следуваше дваесетпроцентно намалување на цената, но само за домаќинствата, а не и за стопанството. Денес битолчани плаќаат 24,25 денари за метар кубен вода плус ДДВ.

Сегашниот директор на Јавното претпријатие „Водовод“, Горан Козаров, вели дека морале да постапат по решението на Регулаторната комисија и новата тарифа да ја достават до Советот, зашто во спротивно следувале казни до 30 илјади евра.

„Решението за покачување на тарифата за водата од Регулаторната комисија го добивме на 29 ноември 2017 година и оттогаш ни тече рок од 60 дена да ја донесеме таа одлука на управен одбор. Рокот истекуваше на први февруари и моравме да го запазиме и затоа ја пративме таа одлука до Советот. Без разлика дали таа ќе помине на Совет и без разлика како советот ќе се изјасни по неа, таа одлука ќе стане правосилна по 150 дена од добивањето на тоа решение“, рече Козаров.

Доколку не се изнајде некое друго решение на проблемот, кубикот вода за пиење во Битола за 150 денови најверојатно ќе поскапи за 4,1 денари за метар кубен за домаќинствата, а за претпријатијата за 5,17 денари. Досега домаќинствата плаќаа 24,25 денари за метар кубен вода за пиење, а по новата тарифа ќе плаќаат 28,35 денари. Новата цена за претпријатијата ќе биде 50,17 денари, наспроти досегашната од 45 денари.

Решението предвидува постепено покачување на тарифите до 2020 година. Вкупно за трите години водата за домаќинствата ќе „скокне“ за шест и пол денари, а за фирмите за безмалку седум денари.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG