Достапни линкови

Се бара нова формула за спас на училиштата од долгови


Долгот на училиштата во Битола достигна 4,5 милиони евра. Десетина училишта работат со блокирани сметки. Министерството за образование вети повеќе пари за општините за да не се продуцираат нови долгови.

Битолските училишта должат над 4,5 милиони евра за школскиот превоз, вода, струја и други давачки. Ова е вкупниот долг на битолското образование што го соопштија од Општина Битола по комплетната анализа, а долгот претходно се претпоставуваше дека е најмногу до два и пол милиони евра. Долговите се таложеа со години, па десетина училишта се со блокирани сметки и отежнати услови за работа.

Досега само новото раководство на средното Медицинско училиште излезе со коментар на состојбите.

„Условите ни се многу тешки, секојдневно се бориме со секакви проблеми. Сакаме да ги повикаме сите институции, установи, фирми, поединци кои можат да ни помогнат за да се обезбедат услови во училиштето“, рече Ема Ќука, професор по ликовна уметност во Медицинското училиште.

„Сметката е блокирана и поради тоа немаме нормални услови за работа. Вложуваме надчовечки напори тоа да го санираме. Најитно и најалармантно беше да се среди системот за греење и да се поправат вратите за да се овозможат услови за работа во претстојната зима“, вели в.д. директорката Билјана Кокалевска.

Дел од советниците кои ситуацијата ја следеа во неколку минати мандати велат дека со формулата по која претходната власт ги распределуваше блок-дотациите за образование по општините, се издвојуваа помалку средства од потребните.

Претседателот на Советот, Валентин Груевски, советник во неколку претходни мандати вели „ништо не се преземаше, иако и на централно и на локално ниво на власт беше истата партија.“

„Она што во изминатиот период ВМРО-ДПМНЕ му го направи на битолското образование, ги направи загубари, загубари кои должат“, вели Груевски.

На седниците на Совет кога се разгледуваа сметките на училиштата редовно доаѓаа и директорите. Ни еден никогаш не зеде збор на говорница. Најчесто во нивно име зборуваа советниците од тогашната власт. Велеа дека се направени инфраструктурни проекти, спортски сали, постигнати се успеси на натпревари. Признаваа и дека има долгови, но дека се наоѓаат решенија за нивно намалување и не е затворено ни едно школо.

Градоначалничката Наташа Петровска вели дека во подмирувањето на долговите освен Општината, треба да се вклучи и државата.

„Во моментот на ниедно училиште не му е исклучена струјата, факт е дека училиштата должат и по основ на неплатена струја. Всушност долгот на училиштата е над 4,5 милиони евра, не само само по основ на струја, туку и други давачки. Факт е дека мора да се пронајде начин како тие долгови да се подмират, потребно е да се вклучине само Општината, туку и државата“, рече Петровска.

Ресорната министерка Рената Дескоска вети дека ќе се зголемат средствата за блок –дотациите за општините со цел во иднина да не се продуцираат нови долгови.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG