Десетина училишта од Битола и оваа година ја стартуваа со блокирани сметки, а долгот се искачи на 1.7 милиони евра. Претходната локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години не најде начин да ги извлече училиштата од загубите. Поради блокираните сметки родителите и оваа учебна година, како и претходните, од свој џеб плаќаат за осигурување на школите, обезбедување, хигиенски средства, бојадисување на училниците, па некаде дури и за листовите на кои се испечатени прашања за тестови.
„Ова е голем проблем. Покрај тоа што плаќаме за различни збирки зашто материјалите во учебниците се по Кембриџ програмата, а дел од наставниците предаваат по стари учебници, туку треба и дополнително да даваме пари за сапун, тоалетна хартија, нагледни средства и слично. Образованието не е бесплатно“, вели родител од Битола.
Училиштата најмногу им должат на превозниците, на ЕВН, за огрев. Загрижувачката состојба во училиштата беше дел и од изборната кампања, кога партиите дадоа нови ветувања за подобрување на условите.
Советници од ВМРО-ДПМНЕ пред изборите ветуваа дека ќе продолжат со инвестиции во образованието. На што од СДСМ забележуваа дека е лицемерно е да ветуваат реконструкција на училиштата кои ги оставија во енормни долгови.
„Нивното неодговорно и недомаќинско работење доведе до тоа повеќе од десет училишта да останат со блокирани сметки. На почетокот од 2017 година долгот на Медицинското училиште изнесуваше 20 милиони денари, на „Крсте Петков Мисирков“ 15 милиони денари, на „Таки Даскало“ 11 милиони денари, на „Коле Канински“ исто така 11 милиони денари и уште многу други кои останаа со натрупани долгови додека вкупниот долг на сите училишта изнесуваше фрапантни 107 милиони денари или 1,7 милиони евра“, рече Борче Корлевски, портпарол на СДСМ од Битола.
Дел од директорите на школите се обвинетиод СЈО во случајот „Транспортер“ заедно со екс- градоначалникот Владимир Талески, секретарот на Општина Битола и сопственици на превознии фирми дека организирале поскап училиштен превоз од реалните цени со што го оштетиле општинскиот буџет за 360 илјади евра. Во случајот„ Транспортер 2“ на ОЈО, пак, Талески и уште петмина вработени во Општината се сомничат за кривични дела „злоупотреба на службата“ и „несовесно работење“, затоа што го оштетиле општинскиот буџет за четири милиони денари, односно не поништиле тендер со повисоки цени од реалните за превозот на учениците.